Семинаристите на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура вчера во Охрид разговараа со писателот и академик Влада Урошевиќ. Тие се интересираа за неговиот најнов роман и воопшто за неговите прозни дела, се отворија и прашања за поезијата и за неговиот истражувачки порив. Урошевиќ со семинаристите сподели и свои сеќавања од Струшките вечери на поезијата, навраќајќи се кон нивните почетоци, токму во годината кога е добитник на Златниот венец.
Повод за разговорот беше наградата „Роман на годината“ за 2022 година која Урошевиќ ја доби за неговиот роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ што му ја додели Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Романот е во издание на „Арс Ламина“.
Разговорот за слушателите од напреднатите рамништа на Летната школата го водеше новинарката Катерина Богоева, членка на Фондацијата.