Студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип ќе гостуваат на реномираниот „Верона Шекспир фринге фестивал“ на 29 август. Тие во соработка со Скопје танцовиот театар ќе настапат во театарот „Камплој“ со „Лејди Магбет“ на кореографката и професорка Рисима Рисимкин.
Ова е извонредна можност за студентите да се вклучат во професионална продукција и да гостуваат на светската уметничка сцена, со што УГД им овозможува комплетен уметнички развој и пласман на меѓународно ниво, вели Рисимкин.
– Во рамки на фестивалската програма на 28 август во 18 часот, на сцената на „Камплој“ театарот во Верона ќе се одржи сесија посветена на претставата „Лејди Магбет“, на која ќе присуствуваат уметници од фестивалската програма, режисери, менаџери и студенти на Универзитетот од Верона и истражувачкиот центар при универзитетот Skenè Centre – вели Рисимкин.
Фестивалот има за цел да ја спои работата на истражувачите и уметниците кои ги напуштаат претходно поставените граници, да овозможи нови начини на изведба, прием и пренос на уметничките пораки, тој создава можности за публиката да доживее разновидна низа на имагинативни одговори на делата на Шекспир. Во периодот на фестивалската програма, покрај размена на професионални уметнички искуства, студентите од повеќе земји кои се посветени на нови уметнички искуства, ќе имаат можности за претставување на своите дела и програми, како размена на нови уметнички енергии и дострели.
Студентите на Катедрата за современ танц при УГД активно ќе се вклучат во сите домени на фестивалската програма, кои потоа ќе можат да ги споделат со своите колеги во земјава.