Еден од главните мотиви беше да поставам текст кој е цврсто базиран на актерска игра. На моја огромна радост оваа идеја имав шанса да ја реализирам со прекрасни личности и одлични актерки, вели актерот и режисер Ивица Димитријевиќ
Со филмовите на Фасбиндер се сретнав преку дружењето со Кирчо Арсовски со кого имав чест и да свирам заедно во „Т.Б. Трачери“. Кога почнав да ги гледам неговите дела и да се запознавам со неговиот неверојатен опус, не бев баш свесен што сè има во нив. Подоцна им се навраќав и со секое навраќање ми стануваа омилени. Еден од таквите е и „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ кој пред да биде снимен како филм е напишан и игран како театарска пиеса, вели актерот и режисер Ивица Димитријевиќ, чија претстава ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот на малата сцена во Македонскиот народен театар. Претставата е копродукција со MI Films на Димитријевиќ.

Сара Анастасовска, Софиа Насевска-Трифуновска и Драгана Костадиновска
Со него поразговаравме за идејата, желбата ова дело да оживее кај нас.
– Идејата за поставување на овој текст тлееше подолго време и трпеливо ја чекаше правата екипа за поставување. Еден од главните мотиви, покрај тоа што текстот е и тоа како актуелен во однос на темите за кои зборува, беше и да поставам текст кој е цврсто базиран на актерска игра. На мое огромно задоволство и радост имав шанса оваа идеја да ја реализирам заедно со, пред сè, прекрасни личности, а секако и одлични актерки како: Драгана Костадиновска, Сашка Димитровска, Софиа Насевска-Трифуновска, Сара Анастасовска, Тања Кочовска и Анастасија Аневска – вели режисерот.

Сашка Димитровска и Драгана Костадиновска
На прашањето каков е предизвикот да се биде од другата страна и да се работи со колеги, тој вели дека „предизвикот и возбудата се исти како кога играш со тоа што имаш малку поголема одговорност во однос на целината на претставата“. Работата со колешките била беспрекорна и за пример, со неверојатна синергија и разбирање. На претставата работеа: Кристина Божурска, сценографија, Ирина Тошева, костимографија, Мартин Иванов – видеомонтажа.
Минатата година Димитријевиќ имаше премиера во театар во Грац на претставата „Cables“, во соработка со Франц фон Штролкхен, режисерот со кој веќе подолги години соработува.
– Имаше разни идеи каде да ја реализираме претставата и во 2021 бевме избрани во 7 проекти за фестивалот „News off Styria“ во Грац каде што и беше премиерата, а подоцна претставата продолжи да се игра во Theater am Lend исто така во Грац. Македонската публика имаше прилика да ја види „Cables“ на минатогодишниот фестивал МОТ во МКЦ. Оваа година нè очекуваат уште неколку гостувања на фестивали во Австрија и Германија – вели тој.

Тања Кочовска и Анастасија Аневска
Дали пандемијата запре некои креативни процеси кај него, тој вели:
– Кога ќе погледнам наназад во последните две години, на моменти личи како и да немало некакви запирања: три театарски премиери, пар гостувања надвор, пар стрим концерти, премира на нашиот последен филм ТМ… Но, секако пандемијата ни зададе и сè уште ни задава сериозни проблеми во театарот во однос на репертоарот, на дозволен број на посетители, целиот протокол за посетување настани, носењето маски, кој секако е неопходен, но и тоа како влијае на присутноста на публиката во театар, кино, истото се однесува и на концертите со бендот. Во исто време верувам дека ништо нема да биде исто и дека сè ќе остане исто. Сепак сме луѓе кои не така лесно менуваме навики, а се надевам дека навиката да се оди во театар кај нас ја има, па само ќе си продолжи. Но кој знае можеби ова (навика да се оди во театар) е само моја желба, сепак и да е зошто да не стане така и навистина.





