Науката веќе доста знае за аутизмот. Сложувалката полека се склопува. Ние како професионалци се трудиме колку можеме, во истражувањата да им парираме  на колегите од западната хемисфера. Тоа не е едноставна работа, вели проф. д-р Владимир Трајковски од Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет

Богата програма со вебинари посветени на аутизмот пролетва најавува Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА). Врвни предавачи кои се дел од универзитетите вбројани на првите сто места на Шангајската листа ќе го споделат своето знаење со македонската публика. Вебинарите се отворени за секого, а предавањата ќе бидат достапни и на јутјуб-страницата на МНЗА.
Разговараме со проф. д-р Владимир Трајковски, претседател на Здружението, научник посветен на аутизмот повеќе од 30 години.

Најавувате богата програма со вебинари посветени на аутизмот. Какви теми ќе бидат обработени?

– Ви благодарам за интересот што го покажавте во промоција на вебинарите. Умно.мк е еден од ретките портали кои се интересираат за вакви стручно-научни собири. Нашата програма е исполнета до крајот на април до кога треба да реализираме најмалку пет вебинари со светски признати експерти од областа на аутизмологијата. Вебинарите најчесто ги правиме во четвртоците, со мали исклучоци, во зависност од времето на гостите. Утре гостин ќе ни биде мојот драг пријател, проф. д-р Мајкл Фицџералд кој ќе говори на тема: „Контроверзии во аутизмот, дијагнозата, третманот и кретивноста“. Професорот е веќе во пензија со објавени 36 книги од оваа област и ни доаѓа од „Тринити“ колеџот во Даблин.

Потоа, на 18 март д-р сци. Џеки Ештон Смит од Лондон за нашите членови и гости ќе ја презентира темата: „Промашена или погрешна дијагноза: проблеми со идентификација на девојчиња и жени од спектарот на аутизмот“. Март ќе го завршиме со вонредната професорка од Универзитетот „Емори“ во САД, Минди Шајтхауер, која ќе говори на тема: „Бегање кај поединци со аутистичен спектар на нарушувавања: процена на ризик и стратегии за превенција“. Засега за април се предвидени два вебинара со гости од САД и Канада. Во мај можно е да направиме мала пауза, но ако има интерес може и тогаш да реализираме нешто.

Во јуни планираме голема соработка со еден моќен институт за аутизам од САД за едукација на македонските доктори по медицина, но засега не би откривал повеќе детали, бидејќи преговорите сè уште течат. Досега вебинарите ги реализиравме на платформата „Зум“, а од овој месец се префрламе на платформата „Мајкрософт Тимс“.

Вебинарите се отворени за сите заинтересирани: професионалци, родители на деца со АСН, постдипломци и студенти. Бесплатни се, т.е. ниту учесниците плаќаат партиципација, ниту предавачите добиваат хонорар, а уште помалку ние членовите на МНЗА како организатори земаме некој денар.

И лани имавте организирано вебинари, исто така со експерти од цел свет. Каков беше одѕивот?

– Mинатата година реализиравме дури 7 вебинари со светските експерти за аутизмот. Ако двегодишната криза ни донесе многу несреќа, страдање, затвореност, овие вебинари би ги карактеризирал како единствена светла точка во едукацијата и науката со која се занимаваме ние, членовите на МНЗА. Незамисливо е да донесете такви научни и професорски големини на конференции и семинари со физичко присуство заради тоа што само за еден да дојде од САД би требало да одвоите најмалку 2.000 – 3.000 евра.

Покрај финансиите, проблем е и слободното време на професорите кои за да се потегнат да дојдат од САД би им требале да планираат 7 дена, време кое тие тешко можат да си го дозволат заради нивните обврски. Прв гостин и серијата ја отвори проф. д-р Фред Волкмар од Универзитетот „Јејл“ во САД. Доволно е да ви кажам дека нема автор кој објавувал трудови од оваа област и не го цитирал најмалку еднаш. За споредба за пошироката публика, тоа е исто како да го доведете Роналдо или Меси да тренираат и играат со фудбалерите на „Вардар“.

Ни гостуваше и мојот драг пријател и соработник проф. д-р Мануел Казанова, добитник на престижната награда од американското медицинско здружение. Тој говореше за една нова метода: „Транскранијална магнетна стимулација кај аутизам“. Имавме две прекрасни дами предавачи – д-р Паула Бартоломеус од Холандија, основач на риатачмент методата и сопственик на научното списание кое во моментот го уредувам со наслов: Journal for ReAttach Therapy and Developmental Diversities, а потоа и д-р Сузан Овенс од САД која предаваше за оксалатите во невроразвојот кај аутизмот.

Следеше предавање на проф. д-р Свен Болте од Каролинска институтот од Шведска со преку 23.000 цитираности во базата на податоци „Гугл сколар“ и проф. д-р Тони Чермен од Лондон кој е цитиран околу 51.000 пати во истата база и според мене еден од трите најдобри аутизмолози во Европа. По летната пауза, во септември го поканивме мојот пријател проф. д-р Мохамед Газиудин од Универзитетот „Ен Арбор“ во Мичиген, САД кој говореше за депресија кај лицата со аутизам. Огромен број од овие предавачи ни доаѓаат од првите 100 универзитети на Шангајската листа и сите тие имаат одреден габарит и специфична тежина.

За некои од нив постоеше огромен одзив и се пријавуваа по 200 луѓе, за некој помалку од 100. Како се редеа вебинарите малку се намалуваше интересот, веројатно од презаситеност од наука и затоа направиме пауза до февруари годинава, кога имавме дури 254 пријавени за вебинарот со проф. д-р Ричард Милс од Лондон.

На сите овие вебинари по предавањето на гостите се поставуваа прашања и се развиваше плодна дискусија и честопати го пречекорувавме предвиденото време. Би рекол дека овие вебинари се повеќе од корисни за македонските професионалци, студенти и за семејствата кои имаат дете или лице со аутизам, бидејќи добиваат доста корисни совети. Вашите читатели можат да ги најдат вебинарите на официјалниот јутјуб-канал на МНЗА и можат да ги следат и со месеци по завршување на истите на следниот ЛИНК.

Според Вас, колку веќе знае науката за аутизмот, може ли да се каже дека има добар напредок во утврдување на причините за аутизмот?

– Науката веќе знае доста за аутизмот. Сложувалката полека се склопува. Ние како професионалци од МНЗА се трудиме колку можеме во истражувањата да им парираме  на колегите од западната хемисфера. Тоа не е едноставна работа. Одиме на конгреси и семинари, објавуваме трудови, учествуваме во проекти со партнери од ЕУ. Без да звучам нескромно, мислам дека сме поблиску до нив, отколку што е Македонија во другите сфери на живеење и работење. Научниците од САД, Канада, западните земји од ЕУ со брзи чекори одат напред. Веќе се откриени повеќе гени кои се во патофизиолошката основа на нарушувањето. Се детектираат и срединските фактори, бидејќи не е само генетиката „виновна“ за настанувањето на нарушувањето. Се разбира дека има уште пат да се оди, но јасно е дека состојбата на аутистичен спектар е мултиетиолошка. Не можеме да говориме за една причина, туку за повеќе.

Во САД, на пример, се вложуваат милијарди долари за истражувањата на причините, а кај нас ниту илјада денари на годишно ниво. Се работи со роботски техники како во детекција на гени, така се користат и роботи за едукација и рехабилитација на овие деца и лица.

Факт е дека технологијата е дел од нашето секојдневие и дека сè повеќе се соочуваме со деца кои едвај зборуваат и на 3-4 години, a сè повеќе родители се плашат дали тоа е аутизам. Може ли да упатиме еден совет до родителите, колку всушност преголемата изложеност на телефон/таблет може да биде дополнителен тригер за некаков вид аутизам?

– Технологијата во последните 10 години има огромно влијание врз нашиот секојдневен живот, како во позитивна, така и во негативна насока. Не постојат медицински докази дека таблетите и мобилните телефони се директна причина за настанокот на аутизмот. Но, јас не им препорачувам на родителите да им ги даваат на своите деца како играчки, особено не во првите три години од животот. Кога ќе прегледувам дете за кое постои основано сомнение дека се работи за аутизам, советувам да се минимизира употребата на технологијата, до постепено целосно отстранување од видокругот на детето.

Честопати родителите се обвинуваат себеси дека детето добило аутизам заради честата употреба на овие уреди. Понекогаш може да се работи и за други видови полесни нарушувања, па кога ќе му ги отстраните овие технолошки уреди на детето, тоа се враќа во една нормала. Но, за жал кај децата со аутизам тоа не е случај. По отстранувањето на таблетите и мобилните телефони, аутизмот не се губи. Но, сепак во тие први години позначајно е со детето да се работи со дефектолошки, логопедски, биомедицински третман и други методи, отколку да се остава детето да продолжи со употребата на тие уреди.

Од друга страна пак, подоцна во училишниот период таблетите можат да бидат целосен водич за поединци кои имаат аутизам и помош за нивните родители. Благодарение на таблетите, семејствата можат дополнително да го подобрат образованието на лицата со аутизам. Овие технологии без кои младите генерации не можат да живеат обезбедуваат пристап не само до забава, туку и до знаење за овие поединци. Таблетите особено обезбедуваат интересен и брз процес на учење. Апликациите со различни интерфејси и менија за лица со аутизам и нивните родители се различни програми за сите кои страдаат од аутизам. Додека ги едуцираат поединците со забавни игри за повторно да ги воведат во општеството, овие апликации ги анализираат и резултатите од овие игри и обезбедуваат насоки за родителите.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.