„Исцелител“ – најдобар филм на фестивалот во Монтевидео, Уругвај

Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески ја освои наградата за најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал во Монтевидео, Уругвај. Наградата ја доби за најдобар филм во меѓународната конкуренција. Дебитантскиот долгометражен филм на Ставрески беше премиерно прикажан во ноември 2017 година. Оттогаш бележи огромен успех, прво кај публиката во киносалите, но и на многу фестивали. Има освоено десетина награди и 30-ина номинации на светски фестивали.

„Исцелител“ е приказна за Веле, кондуктер на железничка станица, со детска наивност и тврдоглавост, кој очајно се обидува да го зближи семејството и при тоа краде пакет килограм марихуана, кој им припаѓа на опасни криминалци.

Ставрески е и сценарист на овој филм, монтажата е на Мартин Иванов, директор на фотографија е Дејан Димески, а автор на музиката – Бранислав Николов. Улогите ги толкуваат: Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Диме Илиев, Симона Димковска.

Филмот е во продукција на „Фрагмент филм“, а го поддржа Агенцијата за филм.

Сподели