Горан Радовановиќ, еден од најагилните документаристи последниве години во српската кинематографија, на в петок (26 ноември) ќе гостува во Кинотеката на Македонија. Тој ќе ги промовира своите два најнови документарни долгометражни филмови „Случајот Макавеев или процес во киносалата“ (18 часот) и „Чекајќи го Хандке“ (20 часот). Радовановиќ ќе одговара на прашања на публиката.

Радовановиќ (1957, Белград) е наградуван филмски сценарист, режисер и продуцент, со петнаесеттина проекти во неговото досегашно професионално портфолио.

Сцена од „Случајот Макавеев или процес во киносалата“

„Случајот Макавеев или процес во киносалата“ (2018, 74 мин.) го осветлува можеби најекстремниот случај на политичка цензура во некогашна Југославија, судскиот процес на филмот „В.Р. Мистерии на орга(ни)змот на Макавеев  во 1971 година. Филмот кренал голема прашина и политичките кругови во тогашна Југославија сакале да го забранат по секоја цена, сметајќи го како врв на т.н. „црн бран“ во југословенската кинематографија.

Макавеев како инспирација за филмот го имал ликот и делото на германскиот психијатар/сексолог Вилхелм Рајх, кој по емигрирањето во САД пред налетот на нацистичкиот режим, станува еден од најконтроверзните личности во јавноста, вистински „трн в око“ на конзервативците, како човек што го расипува американскиот морал. Било организирано необично „судење“, еден вид собир на голем број тогашни самоуправувачи, во киносалата „Арена“ во Нови Сад, каде што филмот бил напаѓан дека ја искривува социјалистичката стварност во Југославија (истовремено, светската критика го воздига филмот на Макавеев како најкомунистички филм во тој период). На пултот се ределе говорници од разни социјални профили, од работници до режимски интелектуалци, со осуди за авторот, а само неколку од говорниците ја бранеле авторската слобода.

Во филмот на Радовановиќ учествуваат преживеаните актери и соработници од неговите ексјугословенски филмови, а неговиот говор на судењето го интерпретира Светозар Цветковиќ, еден од неговите омилени актери.

– Овој филм стана симбол на филмското наследство што ни го остави Макавеев: филмски јазик како игра и вечен експеримент во режијата и монтажата. А забраната на овој филм со текот на времето стана симбол на Југославија како недовршен социјалистички експеримент – објаснува документаристот Радовановиќ.

Филмот беше награден на белградски ФЕСТ како најдобар домашен филм и ја доби наградата на критиката, а освои награди и на Фестивалот на историски филмови во Хрватска и на Филмскиот фестивал во Тајван.

Сцена од „Чекајќи го Хандке“

Филмот „Чекајќи го Хандке“ (2021, 74 мин.) кој имаше светска премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Санкт Петербург, на почетокот на ноември, ја следи приказната на винарот Срѓан Петровиќ од местото Велика Хоча на Косово. Откако Петровиќ ја слушнал веста дека австрискиот писател со париска адреса Петер Хандке ја добил Нобеловата награда за книжевност во 2019 година, добива инспирација да стави плоча со ликот на писателот на ѕидот на неговата винарија. Хандке неколку пати ја има посетено и престојувал во таа винарија и поставувањето на спомен-плочата, како знак на благодарност до овој писател во изолираната и гетоизирана српска енклава на Косово, станува сизифовски потфат, кој ја открива животната драма на преостанатото српско население.

Петер Хандке (1942) има германско и словенечко потекло, растел во Источен Берлин, студирал во Грац, и неговата проза во 70-те години на минатиот век е дел од новиот бран на германската книжевност и филм. Режисерот Вим Вендерс во раната фаза на неговата кариера ги снимил филмовите „Стравот на голманот од пенал“ и „Американскиот пријател“, според романите на Хандке, како и ремек-делото „Небото над Берлин“.

Настанот е во организација на СПОНА – Српскиот Културен Центар во Скопје.

Насловна фотографија: Јутјуб

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.