Во издание на „Артконект“ објавена е книгата „Сината е најтоплата боја“ –  илустриран графички роман што раскажува за љубовта меѓу две девојки. Книгата од француски ја преведе Филип Илиев. Според книгата во 2013 година е снимен и истоимен филм, добитник на наградата „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал.

Животот на Клементина доживува пресврт кога ја запознава Ема, која ѝ ги открива сите лица на страста и што значи да се љуби безусловно, овозможувајќи ѝ да се соочи со предрасудите на другите луѓе. Ова е нежна и чувствителна приказна.

Жил’ Маро е автор/ка и илустратор/ка од Франција. По завршувањето на академија за визуелни уметности во Брисел, Маро речиси целосно се посветува на уметноста на стрипот и на пишување графички романи. Маро е автор/ка на пет графички романи: „Сината е најтоплата боја“ (2011), „Скандалон“ (2013), „Град и род“ (2014) „Музиката на телото“ (2017), „Ти ми го донесе океанот“ (2020). Со „Сината е најтоплата боја“ Маро постигнува огромен меѓународен успех и добива повеќе награди за книжевност и стрип.

-Елегантна и топла приказна за откривањето на себеси, за страста и за првата љубов – напиша „Паблишерс викли“.

 

Филип Илиев е независен преведувач и толкувач по француски и англиски јазик. Дипломирал на Катедрата по романски јазици на Филолошкит факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Негова специјалност се општествените теории, филозофијата и социологијата на културата, иако преведува и белетристика и поезија. Меѓу авторите кои ги превел во доменот на општествените науки се: Огист Конт, Анри Бергсон, Пол Вирилио, Жил Делез, Тери Иглтон, а од белетристика Шарл Бодлер, Семјуел Бекет, Виржини Депант и Тома Гинзик.

Книгата „Сината е најтоплата боја“ е дел од проектот „Европски надеж“, кој опфаќа превод на 10 книги од квалитетни и наградувани европски автори кои досега никогаш не биле преведени на македонски и со кои нашата публика ќе може да се запознае првпат.

Три од делата се добитници на Наградата за литература на Европската Унија. Овие дела се комплексни, естетски издржани, различни и оригинални во своите жанрови, стилови, естетски модели и поетики.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.