Илина Јакимовска: Неопходни се стипендии за студирање етнологија и антропологија

Нашата главна целна група се средношколците, кои во текот на своето досегашно образование немале прилика да се запознаат со етнологијата и антропологијата, бидејќи за жал такви засебни предмети не постојат во наставните програми, вели Јакимовска

Етнологијата и антропологијата нудат една широчина не само на знаење, туку и на духот. Во која било област да работите, она што ќе го стекнете како светоглед кон сопствената и другите култури, секогаш ќе ви биде корисно, вели проф. д-р Илина Јакимовска, раководителка на Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Институтот веќе цел месец организира интересни настани за млади, претежно на дигиталните и социјалните медиуми. Повод е 17 февруари, Меѓународниот ден на антропологијата. Јакимовска зборува за иновативните начини да привлечат млади луѓе, но и за проблемите што ги тиштат новите генерации, проблемите со кои се соочуваат општествените и хуманистичките науки.

Во пресрет на 17 февруари, Меѓународниот ден на антропологијата, Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ еден месец порано почна со активности со фокус на овој ден. Што подготвивте и организиравте?

– Oдбележувањето на Денот на антропологијата започнало во 2015 на иницијатива на Американското здружение на антрополози (попознато као ААА – American Anthropological Association), најпрвин како национален празник. Следната година неговото одбележување станува меѓународно и тој се преименува во Светски ден на антропологијата. Датумот е „подвижен“ односно се прославува секој трет четврток во февруари, оваа година на 17-ти. Од наша страна осмисливме богата кампања која ги вклучува следниве сегменти:

Проф. д-р Илина Јакимовска

  • Инстаграм натпревар за најдобра фотографија на тема „Нашите светови“; Серија постови на социјалните мрежи со ознака #ИмашЛиПоим, во кои на кратко и сликовито се објаснуваат клучните поими на нашите дисциплини и најважните претставници;

  • Видео со обработка на позната рок песна во етно манир, изведена од наши студенти кои имаат завршено средно музичко – насока изворно пеење, или активно се занимаваат со музицирање;

  • Верзија на популарната зборовна сложувалка Вордле, односно македонската верзија Зборле, но таква која се состои од „етно“ зборови – архаични или такви кои асоцираат на митологија, обичаи и верувања.

Кому најмногу се наменети овие настани?

– Нашата главна целна група се средношколците, кои во текот на своето досегашно образование немале прилика да се запознаат со етнологијата и антропологијата, бидејќи за жал такви засебни предмети не постојат во наставните програми . Низ ваквите пристапни содржини и настани сакаме да ги информираме за постоењето на нашиот Институт и можностите за студирање на двете студиски групи: Етнологија и антропологија и Менаџмент и заштита на културно наследство. Секако, содржините и настаните се наменети и за запознавање на пошироката јавност со она што го работиме, бидејќи стереотипното сфаќање на интересите на еден етнолог вообичаено се поврзуваат исклучиво со празниците, обичаите и фолклорот. Иако тоа се секако многу важни елементи на нашите проучувања, сепак антрополошкиот аспект нуди многу пошироки можности кои излегуваат од понекогаш тесните национални и регионални рамки.

Интересен беше Инстаграм-предизвикот за средношколци. Според авторските фотографии (снимени и испратени), што ги преокупира денес младите луѓе во Македонија? Од што се состојат #Нашите(нивните)Светови?

– На конкурсот пристигнаа стотина фотографии од ученици од средни училишта од цела Македонија. Нашето жири, чиј претседател беше професионалниот фотограф Сашо Алушевски, најпрвин проверуваше дали тие се преземени од интернет. Потоа го оценуваше техничкиот квалитет на фотографијата (дали можеби е претемна, пресветла, прекумерно фотошопирана, и дали можеби содржи индиректно рекламирање на услуги и производи).

Откако се направи ваквата првична селекција, не останаа многу фотографии од кои можеше да се бира согласно тоа колку навистина отсликуваат став кон светот и световите коишто ги опкружуваат младите. Но она што лично го понесов како впечаток селектирајќи ги, е дека пандемијата во голема мерка ги има изолирано овие млади луѓе, и во физичка и во психолошка смисла. Најчести беа фотографии на сопствениот дом и најблиска околина, домашните миленици, пејзажи и селфиња. Имаше и такви на кои се гледаат исклучиво компјутерски монитори. Ретки беа оние кои рефлектираа некаква радост, ентузијазам и оптимизам, а исто така ретки беа и оние кои се љубопитни за тоа како живеат нивните соседи и сограѓани.

Како родител на средношколец, сосема го разбирам ова расположение. Навистина се надевам дека е моментално, и дека ваквата затвореност во себе нема да остане нешто што ќе ја дефинира оваа генерација.

Во рамките на издавачката дејност, што последно е објавено како продукција на Институтот за етнологија и антропологија?

Институтот, како и двете невладини организации преку кои исто така ја вршиме издавачката дејност (ЦЕИПА – Центар за етнолошки истражувања и применета антропологија и МСЕД – Македонско студентско етнолошко друштво) се навистина многу активни во оваа смисла. Понекогаш и не стигнуваме соодветно да ги испромовираме сите изданија, со оглед на нивниот голем број и зачестеност. Истовремено, го издаваме меѓународното списание ЕтноАнтропоЗум, кое излегува и во физичка и во електронска форма.

Наши најнови изданија се студијата на колегата од Полска, Марчин Лубаш, „Разноверци: меѓурелигискиот соживот на село во западна Македонија“, која е резултат на негово истражување во селото Ростуше во областа Долна Река, како и „Етнолошко и културноантрополошко истражување на Порече“, зборник текстови произлезени од нашиот интерес и континуирано истражување на овој регион, започнато пред повеќе од дваесет години.

Неодамна со колеги од Институтот за македонска литература имавте размена на изданија. На какво ниво е соработката со сродните институции? Има ли интерес за заеднички проекти?

– Соработката со институции секогаш е соработка помеѓу конкретни луѓе, кои се, или не се отворени и подготвени за истата. Ако сме реални, во наши услови најголем успех е најпрвин да не си замерен или скаран со колеги од сродни институции, а добрата меѓусебна соработка е дополнителен благослов.

Таа е можна дури и кога сродност во најтесна смисла навидум не постои – на пример нашите додипломски студии по Менаџмент и заштита на културно наследство вклучуваат колеги од Економскиот факултет и Економскиот институт при УКИМ. Имаме потпишано договори за задолжителна студентска пракса со повеќе институции, а со колегите фолклористи, етнокореолози и лингвисти учествуваме на заеднички работилници и конференции. Сепак, факт е дека соработката може да биде и поширока, и подобра, особено во контекст на интердисциплинарноста.

Етнологија и антропологијата се две сродни области, но секоја од нив е исклучително комплексна и длабока за изучување. Каков е интересот кај младите за овие студиски програми, особено што станува збор за области кои не нудат многу опции за добро платена работа?

– За жал, интересот за додипломски студии не е голем, токму поради причините кои ги наведов погоре – младите луѓе во текот на нивното основно и средно образование ретко или воопшто не се среќаваат со термините „етнологија“ и „антропологија“, па кога ќе дојде ред да одлучуваат каде да се запишат, доколку им се поблиски општествените и хуманистички науки, најчесто се одлучуваат за некоја друга дисциплина. Наша задача е да ги промовираме студиите и дисциплините најдобро што можеме. Сепак, денешните млади луѓе многу порано од нас кога бевме на нивна возраст, се принудени да размислуваат за дополнителен семеен приход и да бидат практични во изборот на идната професија.

Она што можам да им го порачам е дека етнологијата и антропологијата нудат една широчина не само на знаење, туку и на духот, и дека во која и област да работат понатаму, она што ќе го стекнат како светоглед кон сопствената и другите култури секогаш ќе им биде корисно.

МОН веќе доделува стипендии за неколку студиски програми на ПМФ. Зошто етнологија/антропологија не е една од нив?

– Стипендиите за изучување на природните науки беа воспоставени како дел од напорите за заживување на интересот за нив, како и поради дефицитарноста на наставниот кадар по овие предмети во основното и во средното образование. Секако, ова е за поздравување, но тоа не значи дека треба да биде на сметка на потенцијалното маргинализирање на општествените и хуманистичките науки. Слушаме повици и дека еден Филозофски факултет, кој историски е она од што никнал целиот УКИМ, е во незавидна ситуација, со мал број запишани студенти и немање можност за отворање нови работни места за научен и наставен подмладок.

Нашиот дом е Природно-математичкиот факултет и тука не се чувствуваме маргинализирано, напротив, почитувани сме како рамноправни членови на колективот, иако не спаѓаме во природните науки. Но во пошироки рамки, доделувањето барем на неколку стипендии годишно на наши студенти од сите циклуси (додипломски, магистерски, докторски) би направило навистина голема разлика. Исто како и воведувањето на содржини и изборни предмети во основното и средното образование, кои би ја обезбедиле основата на којашто би можеле да се надоврземе во високото, а би обезбедило и можни вработувања. Останува наша задача да лобираме за овие две нешта.

Сподели