Годишната програма за некои луѓе е „тежок бизнис“ и очекувам гласни реакции од резултатите, рече министерката за култура Бисера Кoстадиновска-Стојчевска
И починати лица „конкурирале“ на годишната програма за инвестиции во културата за 2022 година, рече министерката за култура Бисера Кoстадиновска-Стојчевска на прес-конференцијата која тукушто заврши. Таа нагласи дека годишната програма за „некои луѓе е тежок бизнис“ и очекува гласни реакции од резултатите кои денеска се објавени на интернет-страницата на Министерството за култура.
Буџетот годинава изнесува 1 милијарда 53 милиони денари, што е за 66 миниони денари повеќе од лани. За капитални инвестиции се издвоени 9 милиони евра кои ќе бидат наменети за изградба на Турскиот театар (100 милиони денари), за нов театар и библиотека во Тетово (200 милиони денари), за санација на покривот на Националната и универзитетска библиотека (30 милиони денари), за изградба на театар во Струмица (95 милиони денари) и други.
Кoстадиновска-Стојчевска нагласи дека конкурсот првпат се спроведе преку електронска апликација, се одржале обуки во повеќе градови, целиот процес бил транспарентно организиран, отворени биле телефонски линии за консултација.
– Две третини од апликациите беа со технички пропусти, затоа два пати беше продолжен рокот за да може да се коригираат. Затоа најавивме дека подоцна ќе ги објавиме резултатите. Пристигнаа вкупно 3.769 валидни пријави – рече Кoстадиновска-Стојчевска.
Таа нагласи дека имало и обиди за злоупотреба.
– За некои луѓе конкурсот е „тежок бизнис“, очекувам нивните реакции да бидат најгласни. Се повторуваа стари манири, пријави со нереални, огромни суми, пријави за стари или веќе реализирани проекти, пријави од починати лица или од лица кои не биле информирани дека се пријавени. Иако постојано нагласувавме дека не смее да има пријава од ист субјект во повеќе од две дејности, ни тоа не се почитувало. Тие апликации се сосема одбиени – рече Кoстадиновска-Стојчевска.
Имало големи притисоци врз членовите на комисиите. Според министерката, самата електронска апликација била прва бариера во одолевањето на овие појави.
– Членовите на комисиите задржале повисоко ниво и одговорно ги распределиле средствата. Оделе на квалитет, а не на квантитет. Предност е дадена на домашната, жива култура, на младите, на лицата со посебни потреби, на лица кои досега не користеле средства од буџетор има правична етичка застапеност, интекултурност, родова застапеност – рече Кoстадиновска-Стојчевска.
Најмногу проекти се поддржани од музичка дејност, издавачка и драмска дејност. Преку национлните установи за заштита на културното наследство издвоени се околу 80,6 милиони денари за Сарајот во Ресен, Виничко Кале, црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, Градиште (Билазора) кај Свети Николе, Музејот на НОВ во Крушево, Аквадуктот во Скопје, Спомен- куќата на Лазар Личенски покрај Вардар и други.
(В.И.И)





