Хуманитарен перформанс на Венко Андоновски и врачување на наградите на ДПМ

Друштвото на писателите на Македонија денеска во 11 часот ќе ги врачи наградите на добитниците на годишните награди. Исто така, ќе биде изведен и перформанс на писателот Венко Андоновски за финансиска поддршка на настраданите во Турција и Сирија. Андоновски, кој е годинашен добитник на наградата „Стале Попов“ за неговиот роман „Папокот на светлината“, на 15 ликовни платна ќе испише петнаесет одбрани авторски реченици-пораки, кои потоа ќе бидат понудени на хуманитарна аукција на фирмите за донирање средства за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.

Денес ќе биде одбележана и 76-годишнината на Друштвото на писателите на Македонија. Ќе се обрати претседателот Христо Петрески, а свеченоста ќе биде збогатена со врачувањето на годишните награди за критика и есеј (Соња Стојменска Елзесер), поезија (Зоран Пејковски), проза (Венко Андоновски) и литература за деца и млади (Ели Маказлиева). Одлуките и образложенијата за наградите ќе ги соопштат претседателите на жири комисиите: Александра Јуруковска, Марина Мијаковска, Зоран Анчевски и Кристина Николовска.

Ќе бидат соопштени и новоизбраните почесни членови на писателската асоцијација на автори од странство – Златко Крамариќ од Хрватска, Ала Шешкен од Русија и Ана Багрјана од Украина.

Сподели