Ели Маказлиева за „Чудесен дар во годишен календар“ наградена со „Ванчо Николески“

Ели Маказлиева за поетската книга „Чудесен дар во годишен календар“ ја доби наградата „Ванчо Николески“ за 2022 година, која традиционално ја доделува Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Наградата се доделува за книжевно творештво за деца и млади.

Маказлиева се заблагодари за престижното признание и објасни дека книгата содржи песни за деца пишувани речиси цела една година. Песните се поделени во четири циклуси на околу сто страници.

– Низ стихови се обраќам кон децата за да им порачам дека детето е цвет најубав на свет. Низ стиховите ќе ги чујат звуците на природата шаренолика и ќе создаваат своја најубава волшебна слика и така ќе добијат еден чудесен дар од стихови во својот годиушен календар, во кој месец по месец, годината ќе им биде цветец – рече Маказлиева на денешната прес-конференција.

Маказлиева е автор и програмски уредник на домашни и меѓународни проекти кои се однесуваат на литература за деца. Претседателката на жирито, проф. д-р Кристина Николовска посочи дека едногласно е одлучениле дека делото „Чудесен дар во годишен календар“ се одликува со висок квалитет, изградена структура на делото, поставена идеја, која расте во одлична содржинско изразна и графичка реализација.

Во образложението на жирито пишува дека делото има јасна визија, изградена концепција и осмислена структура. Оваа поетска стиховница за деца е вистински креативен, творечки, поетски дар за децата од реномираната, зрела, изградена авторка на неколку децениски опус на литературата за деца.

– Во првиот циклус има песни за детскиот развој во предучилишна возраст, градинката како матица, како воспитно едукативна оаза, како социјален амбиент и рај за дружење, радости, креација и имагинација на децата. Следниот циклус е вистинска поетска граматика и апликативна типологија на бонтонот преку разни видови на добро, воспитано и културно однесување во разни ситуации во кои се наоѓа современото дете. Преку изразен стилизиран стих, преку иновативно обработени идеи, разработки на теми блиски на современото дете, авторката гради зрело, стабилно, обмислено дело кое е вистинска круна на нејзиниот повеќедецениски животен влог во творечко педагошката дејност, во литературата за деца и млади, се наведува во образложението на жирито.