На неправилностите во МИГ укажавме уште во 2020 година, вели Ѓорѓи Маркоски, претседател на СММ

Единствен одговор, усно, добивме од МИГ, дека таа година морало така да биде, без конкурс заради кратките рокови за почеток. Но, потоа слични неправилности продолжија, вели Маркоски

„Реакција на непочитувањето на условите и кретиериумите за предавачи во Математичко-информатичката гимназија во Скопје“ е насловен документот кој во октомври 2020 година го испратил Природно-математичкиот факултет од Скопје до Министерството за образование и наука. Реакцијата е потпишана од тогашниот декан на факултетот, раководителите на институтите за математика и за физика и од претседателите на Сојузот на математичарите на Македонија (СММ) и Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ). Тие во три точки ги наведуваат неправилностите: дека не бил објавен јавен оглас за предавачи, дека е ускратено правото на наставниците избрани во научно-наставни звања на соодветните високообразовни инститиции да учествуваат на огласот и дека некои од избрните предавачи во 2020 година немаат ниту завршено студии од соодветната област во согласност со Законот за МИГ.

Проф. д-р Ѓорѓи Маркоски

Според проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, тогашен и актуелен претседател на СММ, веројатно тоа е една од причините за слабиот интересе на професорите од ПМФ да се пријават на огчасите за предавачи во специјализирана гимназија која ја прими првата генерација средношколци во учебната 2020/21 година. Талентираните ученици од МИГ минатата недела ја бојкотираа наставата барајќи квалитетен наставен кадар што ќе им предава, додека директорката на училиштето тврди дека учениците се манипулирани. Во петокот родителите протестираа пред МОН.

Кога почнуваше со работа Математичко-информатичката гимназија пред три години, колку СММ и Институтот за меатематика беа консултурани околу наставната програма и изборот на кадар по математичките предмети?

– СММ и Институтот воопшто не беа консултирани. Некои членови на Инсититутот учествувале во подготовките и во изработката на наставните планови и програми, но тоа се лични учества. Официјално, СММ и Институтот никогаш не биле консултирани.

Дали професори од СММ или од Институтот за математика предаваат на средношколците во МИГ?

– Според мои информации досега само еден. Зошто е така, според мене веројатно нема интерес за пријавување заради неправилностите кои се случуваат уште од првата година. Уште на почетокот на МИГ, СММ и ПМФ упатија реакција за неправилностите при изборот на кадарот. Реакцијата беше упатена до МИГ, МОН и Инспекторатот за образование. Единствен одговор, усно, добивме од МИГ, дека таа година морало така да биде, без конкурс заради кратките рокови за почеток. Но, потоа слични неправилности продолжија. Од МОН не добивме никаква реакција.

Веќе трета година средношколци од МИГ учествуваат и на реномираните меѓународни натпревари по математика и освојуваат медали. Со какви знаења стекнати во МИГ ги презема Сојузот за понатамошни подготовки?

– Некои од учениците покажуваат одлични резултати, но мој впечаток е дека тоа е заради нивните самостојни подготовки. Немаме увид во тоа дали и како се подготвуваат учениците од МИГ за натпревар. Да забележам дека сите најдобри ученици на натпреварите од средно не учат во МИГ, туку има (дури и повеќе) и од други државни и приватни училишта. Тоа може да се провери на веб-страницата на СММ, во делот натпревари.

Суштината на отворањето на МИГ беше таму да учат талентирани ученици кои потоа ќе го продолжат своето образование во македонските високообразовни институции по математика, информатика, физика. Колку МИГ успева во оваа мисија?

– Нешто слично на МИГ имало во осумдесеттите години од минатиот век. Тоа бил еден математички клас во СУГС „Георги Димитров“. Од нив излегоа одлични инженери (електро, машински) и математичари. Само, во тоа време, тие ученици доаѓале да студираат на УКИМ. Сега не сум баш сигурен дека тоа ќе се случи. Може да испадне дека МИГ подготвува кадри за студирање на универзитети во странство. Се надевам дека тоа нема да се случи.

Од протестот на учениците и родителите пред МОН

Формирањето на МИГ, со по 2 до 4 класа годишно требаше да расте, да има одличен професорски кадар, успешни ученици, посебен објект. Каква е Вашата визија за оваа институција, во кој правец би требало да расте?

– Според наставните програми, кои се на напредно ниво, и знаењата на учениците од основното образование, за оваа гимназија одговара еден клас годишно (како онаа од минатото) со околу 20 ученици. На почетокот, колку што знам, било планирано да биде само математичка, па потоа стана математичко-информатичка, па двојазична. Па потоа се случија неправилностите. Така, уште од почетокот МИГ не беше добро организиран, па, според мене, затоа и нема интерес за предавање таму. Јас сметам дека треба така да остане, еден клас од 20 ученици годишно. Можеби треба да се размисли таму да почнуваат ученици, на пример, на почеток од 8 одделение, а не со завршено 9. Се разбира оваа гимназија треба да има посебен објект, и многу да се внимава при изборот на предавачите.

Сподели