За „Папокот на светлината“ Венко Андоновски ја доби наградата „Стале Попов“ на ДПМ

Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување за 2022 година на Друштвото на писателите на Македонија. На конкурсот за наградата, освен изданието на „Три“, пристигнаа 18 дела од исто толку автори. Нивниот квалитет го оценуваше комисијата во состав: Александра Јуруковска, претседател, и Милован Стефановски и Весна Дамчевска Илиевска, членови, а одлуката ја донесоа едногласно.

Според образложението, станува збор за слоевито, комплексно дело, кое пред читателот открива неколку светови и мноштво силни пораки:

Александра Јуруковска (претседател на жирито) и Христо Петрески, претседател на ДПМ

– Андоновски многу свесно, прецизно и луцидно си поигрува со времето и просторот, со временскиот дисконтинуитет, но и со една од вечните човекови опсесии – бесмртноста. Трите главни приказни се одвиваат во три периода, со (не)случајни синхроницитети меѓу нив и низ неколку клучни теми: верност, вечност, туѓиот грев и сопствената безгрешност. Играта со постоењето во повеќе времиња истовремено (или во повеќе паралелни вселени) е поткрепена со динамичната нарација, во која нема коинциденција, а истовремено има мноштво метатекстуални забелешки сведени под дилемата – дали нарацијата нѝ е дадена за да сфатиме дека во исто време сè е и сегашност и минато и иднина? Романот отвора и силни прашања за семиотиката како демонологија, за губењето на невиноста на јазикот и писмото низ пишувањето и говорењето. Толкувањето на знаците води и кон силна духовна христијанска расправа за избавување од гревовите преку слушање, послушание, тихување, до повторното раѓање токму во јазикот. „Папокот на светлината“ е роман за потрагата по Бога, на препознавањето на Бога во човекот и обратно. Ова е роман и за значењето на маргините, за читањето меѓу редови, за сите предизвици и искушенија на современиот човек и неговата секојдневна борба со постмодерниот ѓавол кој доаѓа од сите страни, па и во множина – стои во образложението.

Прв пат оваа награда ја освоив со „Папокот на светот“ пред цели 20 години, потоа, по десет години со „Ќерката на математичарот“, а по десет години со „Папокот на светлината“. Оваа награда ми доаѓа како некој циклус на десет години, а така доаѓаат и моите романи. Наградата „Стале Попов“ како да ме сака мене, а и јас ја сакам неа, рече Андоновски преку видеопорака за време на прес-конференцијата што се одржа во ДПМ.

– Кон Стале Попов негувам исклучителна творечка почит и го сметам за еден од канонските автори на нашиот, македонскиот роман. Македонскиот роман е незамислив без неговиот„Крпен живот“, како и без неговиот опозит „Село зад седумте јасени“ од Славко Јаневски. Тие два романи стојат на почетокот од овој наш жанр, кој се јави во 20. век, но достигна и кулминација во 20. и еве сега во 21. век. За „Папокот на светлината“ немам што многу да кажам, тоа е дело кое го пишував буквално како да дишам. Во него ме има многу мене, го има Јан Лудвиг од пред 20 години, но сега веќе созреан во една сосема друга атмосфера и во него се наоѓа севкупното мое животно искуство преточено низ устите на ликовите. Тука е акумулирана и добра литература од морален тип, од знаењето на светите отци – рече Андоновски.

Тој додаде:

– Се заблагодарувам на жирито во кое седеа истакнати писатели кои исклучително ги ценам, да се заблагодарам на сите вас што на некој начин реагиравте на промоцијата што ја правевме во Скопје и му одадовте почит и на романот и на авторот. Сакам да истакнам дека повеќе би било невкусно да се јавувам на оваа награда, оти како што велеше Петре М. Андреевски, еден од моите учители „од книжевноста, како и од кафеана човек треба да знае кога да си замине, пред да почне да се повторува. Мислам дека со оваа награда се заокружува мојот романескен опус и на тоа сум ви бескрајно благодарен – истакна Андоновски.

Традиционалното врачување на наградите за најдобрите остварувања е на 13 февруари денот на Друштвото на писателите на Македонија. Признанието „Стале Попов“ се доделува од 1975 година.

Сподели