„Франц Кафка и Чарли Чаплин“

Есејот „Франц Кафка и Чарли Чаплин“ е еден од првонаградените есеи на конкурсот „Истовременици: истражи или замисли“ што го организираше Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје

Пишува: Мила Савиќ, средношколка во СУГС „Панче Арсовски“ во Скопје

Со денешните познавања на историјата, познат ни е животот и умот на разни личности кои ги немаме лично запознаено. Иако имаме одговори за нивната егзистенција, се појавуваат и многу прашања за тоа што би се случило доколку една нивна одлука била сменета. Најголемо прашање на секоја личност е ,,Што ако?“. Актуелни теми за љубопитна и носталгична личност се претпоставките за неодбраните патеки и насоки во животот и тоа како најситната одлука може да го смени текот на животот и смртта. Одлуката е најголем непријател на мозокот, а нејзиниот резултат, најголемата среќа или тага.

,,Што ако?“ е често прашање и во историјата. Одлуката на една личност, може сосема да ја смени иднината на целата популација. Дали нашиот живот или, пак, животот на историските фигури за кои се слуша во училиштата, работните места и медиумите, би имал различна слика денес?

На пример, животот на познатиот Франц Кафка, меланхоличен писател кој со своите дела го изразувал својот мачен и напорен живот, можеби би бил различен ако го запознаел лицето на комедијата, сер Чарлс Спенсер Чаплин, повеќе познат како Чарли Чаплин. Франц Кафка е познат по неговото масовно влијание врз литературата во почеток на 20 век. Неговата литература e уникатна и отсликува прецизна слика на разни теми како што се апсурдноста, егзистенцијалната анксиозност и вината. Неговиот талент за прикажување на реализам и фантазија во едно исто дело е причината зошто дела слични на неговите се дефинираат како „кафкијански“. Корен на неговите тешки содржини е комплицираната врска со татко му, кој вербално го малтретирал Кафка. Неговите дела станале познати после неговата смрт, но што ако Кафка го запознал Чаплин пред тоа?

Чаплин бил актер познат по своите комични улоги. Имал тешко детство, со отсутен татко и мајка којашто постојано имала финансиски проблеми и подоцна била испратена во ментален азил. Покрај неговото мачно минато, тој имал надеж за својата иднина како актер. Што ако тој учествувал во филм кој се снимал во Чешка, односно родниот крај на Кафка? За време на посетата на Чешка, во слободно време, додека Чаплин минувал низ градот Прага, го поминал „Институтот за работници од несреќи за Кралството Бохемија“, каде што работел Франц Кафка. Не сакајќи, се судрил со непозната личност, која е всушност познатиот автор. На Кафка му паднале неколку листа на кои почнал да ги пишува своите дела. Чаплин го заинтересирало и побарал дозвола од писателот да ги прочита напишните текстови. Делата на Кафка и филмовите на Чаплин според содржините се како црно и бело. Чаплин глуми во комични, среќни и весели филмови, додека делата на Кафка се тажни и трагични. Кафка бил несреќна личност, најмногу поради неговото тешко детство и проблемите со анксиозноста.

Со помош на Чаплин и неговите филмови кои биле со спротивна содржина од текстовите на Кафка, писателот можел да се обиде да го насочи неговиот начин на размислување кон позитивни теми.

Секако, ова може да се случи и обратно. Меланхолијата и тагата на писателот, се пренесува кон среќниот глумец. Иако актерот се соочил со тежок живот и тажно детство, имал надеж за добра иднина, за разлика од безнадежниот автор. Емоциите на Кафка се деликатни, тој мислел дека други луѓе го перцепираат како досадна и одбивна личност, иако наспроти тоа, тој бил дефиниран како паметен и едуциран човек со смисла за хумор. Самиот мозок на Кафка бил негов затвор. Чарли Чаплин се соочувал со потешкотии низ животот како секој нормален човек, но знаел да ги преброди. Неговиот мозок бил ветер кој го движи едрото на бродот.

Хипотези за иднината и хипотетички прашања за минатото, засекогаш ќе останат како мисла во човековиот мозок. Слично како делата на Кафка, прашањето ,,Што ако?“ има елементи на реализам и фантазија. Тој еден критичен момент на одлука, ја одредува иднината. Избраниот пат е секогаш реализмот, додека, пак, фантазијата е пат кој никогаш нема да биде поминат надвор од мислите и никогаш нема да биде откриен надвор од ,,Што ако?“.

Сподели