Институтот за етнологија и антропологија е одлична појдовна точка за младите понатаму да можаат да работат што сакаат – UI/UX дизајнер, медицина, технологија, екологија. Сè зависи каде се гледа младиот човек…, вели младата студентка
Различни причини ме влечат да останам во Македонија. Институтот за етнологија и антропологија е одлична појдовна точка за младите понатаму да можат да работат што сакаат – UI/UX дизајнер, медицина, технологија, екологија. Сè зависи каде се гледа младиот човек…, вели Душица Брачиќ, 22-годишна битолчанка коjа наскоро ќе дипломира на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Со извонредно кариерно искуство за толку млада девојка, Душица ја раскажува својата приказна… какви интереси развивала во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во родната Битола, зошто одлуката паднала на етнологија и антропологија, насока со навидум ограничени можности за работа, а сепак место каде ќе стекнете компетенции кои ќе ви отворат врати во многу светови.

Душица Брачиќ
– Дома бев опкружена со книги во кои имаше непознати симболи, со врамени везови и парчиња антикварен мебел. Истовремено, речиси и да израснав во битолскиот Музеј, каде мајка ми работи како етнолог. Ќе украдам нејзина реченица, за да можам донекаде да објаснам зошто се одлучив да студирам етнологија и антропологија. Таа вели: „Етнологијата ме пронајде мене, имаме заемна поврзаност, не можеме една без друга“ – вели Душица.
„Студиите ги започнав во едно пандемиско време“
Била многу мала кога почнала да развива емпатија и љубопитност кон разновидноста на човекот. Била 5. одделение кога еден месец, секој ден после училиште, го гледала документарецот без нарација, „Барака“ (1992).
– Татко ми секогаш беше до мене и ми кажуваше за која група луѓе станува збор во дадената сцена, дали е некое племе од Нов Зеланд или се бизнисмени од Кина. Подоцна со друштвото од средно почнав покритички да размислувам за актуелни општествени проблеми. Секогаш имаше некој со различен став, па така се роди и жедта за дебатирање и читање за да се дојде до факти за да го потврдам мојот исказ. Конечно, знаев дека местото ми е во општествената мисла, уште требаше да одлучам која конкретна наука би била таа – раскажува таа.

Клучен за неа бил методот на истражување и пристапот кон „големите прашања“. Најмногу се пронашла во антропологијата, чиј главен метод е теренското истражување. Летото пред да се запише на факултет читала книги поврзани со етнологијата и антропологијата. Омилена ù била хрестоматијата „Другоста во етнологијата“, уредена од професорите Љупчо С. Ристески и Илина Јакимовска, читала списанија, гледала видеа од антрополози и нестрпливо чекала да дојде октомври.
– Студиите ги започнав во 2020 година, во едно пандемиско време. Ја паметам првата година како студентка, главно заради различните предизвици на соочување со самостојноста. На некој чуден начин со колегите веќе се имавме запознаено преку Фејсбук, неколку месеци пред официјално да се запишеме. Се допишувавме и си помагавме за различни административни (факултетски) проблеми, но и веќе започнавме да се запознаваме. Така, на првиот академски час го прескокнавме процесот на запознавање и веднаш почнавме да дискутираме за Цепенков или за Клод Леви-Строс – се сеќава Душица.
Голема помош од професорите и асистентите
Најинтересно во прва година ù било онлајн учењето со блиска колешка. После секое предавање на видеоповик си ги раскажувале лекциите, пред испити и колоквиуми се испрашувале, си дообјаснувале нејасни работи и дискутирале, понекогаш и по цели денови.

Презентација
– Сите ние, десетина студенти, сме различни. Но, тоа е навистина одлично, секој си еволуира во своето поле на интерес, инспиративно е да се видат успесите на оние со кои си учел. Задоволство е да се види колку сме се промениле и унапредиле во начинот на размислување. За тоа голема заслуга имаат нашите професори и асистенти. Уште од првите предавања професорите ве насочуваат кон карактеристичното антрополошко размислување. После тоа веќе нема назад. Секој аспект од твојот живот го анализираш од друг агол и се фаќаш себеси како цело време само си поставуваш прашања. Често од нив произлегуваат и најинтересните мини теренски истражувања кои ги сработуваме во рамки на одреден предмет. Секој професор ги сослушува нашите интереси, нивниот пристап е секогаш отворен и охрабрувачки, секој од нив ги знае нашите мани и таленти – ако некој е одличен фотограф, ни дозволуваат нашето истражување да го прикажиме и преку фотографии. Асистентите ми помогнаа во дооформувањето на моите интереси и служат како вистински примери за сериозен истражувач. Од нив барав дополнителни консултации, секој нивен совет е со најдобра намера и служат како светол патоказ за понатаму во животот – објаснува Душица.
Секогаш расположени за дружба
Институтот во изминатите години има многу интересни активности. Отворија Етно клуб за цел ПМФ, имаат етно бенд, редовно ги практицираат обичаите, ги празнуваат празниците. Ова многу влијае на студентите. Според Душица, еден од главните предизвици на студирањето на ваквите науки е разбирањето на обичаите, вредностите, верувањата на луѓето од различните народи од нивна гледа точка. Но, кога ќе навлезеш во тоа и си прочитал книги, на пример дела на познатиот антрополог Бронислав Малиновски, едноставно сакаш тоа знаење да го споделиш и со други на некој неформален начин.

Птичарење со колегите од Институтот за биологија
– Па така ние тоа го правиме со Етно клубот. Студентите и вработените на ИЕА се секогаш расположени за дружба. Имавме предновогодишна забава каде правевме антрополошки Secret Santa. Секогаш сакаме што повеќе да се дружиме и со другите Институти, па сме организирале и заеднички настани. Со студенти од Институтот за биологија спроведовме птичарење односно набљудување птици на Гази Баба. Така, одењето на „нивен“ терен отвори можности да размениме размислувања за тоа како природните науки можат да бидат во корелација и со општествените. Ваквото дружење делува освежувачки за сите студенти на ПМФ, на некој начин Етно клубот е бегство од пресериозните аспекти на факултетот. Ако користам антрополошка терминологија ова наше „семејство“ би го опишала како збир на повеќе нуклеарни семејства (тоа се различните Институти) кои делат една иста братска куќа (односно ПМФ) – вели Душица.
Таа смета дека секој млад човек, без разлика што студира, треба да се стреми да биде активен и надвор од факултетското опкружување. Ова го научила од своите професори кои во една прилика ги поврзале со студенти од различни европски држави со кои и го формирале првото европско антрополошко студентско списание. Многу ù помогнале и професионалци надвор од кадарот на Институтот, како што се ХАЕМУС (невладина организација за научно истражување и промоција на културата, правен носител на обичајот „Мартинки“ во УНЕСКО). Така се насочила и кон повеќе различни аспекти на културното наследство и неговата успешна интерпретација.

Учество на „Илинденски денови“ во Битола 2023
– Сето ова ми се случи во првата година од студиите. Понатаму и самата бев свесна за позитивните работи што ги носаат овие активности, па индивидуално се трудев да изнајдам начини каде да се надоградувам, на пример преку студиски посети, семинари или конференции.
Ова е битно за секој млад етнолог и антрополог бидејќи на овој начин подеднакво се вежбаат таканаречените „меки“ и „тврди“ вештини. Од голема важност е да имаме познавања со професионалци и од други сродни дисциплини. Интердисциплинарноста е едноставно императив кога зборуваме за културата. Сепак, не е целта само да се пријавиш и да учествуваш на нешто, битно е да се направи баланс и да се одредат приоритетите. Големите и многубројни можности можат да го имаат и обратниот ефект, да создадат притисок и стрес – вели младата студентка.
Емоцијата како научен антрополошки интерес
Во однос на научниот интерес, Душица секогаш барала теми кои се помалку обработени, една од нив е антропологијата на емоции. Таа објаснува дека општо, во антрополошката мисла ваквите теми се земаат со резерва поради нивната наводна ексклузивна припадност на полето на психологијата. Душица, пак, смета дека антрополозите нудат поинакво решение што би требало да изроди виталност и етичност во еден свет што постојано се менува, тоа би било возможно со продлабочено разбирање/знаење за човековите емоции во едно глобално општество.

Настап на Вера Љубојна со Етно бендот
– Етнологијата и антропологијата не се науки само што изучуваат нешто туѓо, непознато, далечно, туку фрлаат светлина и на она што нам ни е познато и блиско. Формално тоа се нарекува и „антропологија од дома“ (anthropology at home). Емоциите како страв, среќа, љубов, лутина, тага се универзални за секого, па така и за мене. И поради тоа одлучив да ги разработам нив, но и за посуштински да се запознаам себеси. За сега најмногу сум работела и истражувала на темата на стравот. Во досегашната научна мисла стравот се разбира како универзално човечко чувство поврзано со реалната опасност, но понатаму увидуваме дека тој е и општествена конструкција. Стравот произлегува од себе, но и од интеракцијата на себството со другите или „другото“ во околината, а неговата манифестација е обликувана од различните социјални норми. Претставите за опасноста се под влијание на општествениот контекст, така што одредени заедниции гледаат опасност во некоја ситуација и реагираат со страв, додека други можеби би имале сосема поинаква реакција – вели Душица.
Додека многу млади луѓе својата иднина ја гледаат надвор, Душица вели дека различни причини ја влечат да остане во Македонија, а има и доволно доверба во академското напредување што го нуди Институтот за етнологија и антропологија.

– Мојот дипломски труд во суштина би требало да биде еден вид најава за тоа што понатаму ќе следи во моите истражувања. Темата ќе биде со фокус на среќата, за понатаму на магистерски студии да продолжам со антропологија на емоциите. Од јануари годинава сум и претседател на Македонското студентско етнолошко друштво. Во моментот се подготвуваме за различни проекти преку кои ќе го одбележиме и јубилејот 10 години од постоењето на ова здружение. До крајот на мојот мандат би сакала да реализирам и ред други активности, со цел промоција на овие науки во Македонија и поголема интердисциплинарност со студенти од други факултети, па можеби и од други земји – вели Душица.
Антрополози во UI/UX дизајн, медицина, технологија, екологија
Наспроти убедувањата дека студирањето општетствени науки подразбира големи потешкотии за наоѓање работа, Душица вели дека Институтот за етнологија и антропологија е одлична академска појдовна точка за младите понатаму да работат што сакаат.

Еден ден во Етно клубот
– Многу антрополози низ светот работат како UI/UX дизајнери (заради познавање на семиологија, популарна култура), потоа во области како што се медицина, технологија, екологија. Сè зависи каде се гледа студентот, во кој дел од човештвото. Ако некој се пронајде во моите размислувања како истомисленик, па дури и ако се противи, а има интерес за општествено-хуманистичките науки, нема да згреши со ИЕА. Институтот нуди две програми за додипломски студии: Етнологија и антропологија и Менаџмент и заштита на културно наследство. Има професори/ментори отворени за секакви консултации, богат архив кој само чека да биде дооткриен, спремна библиотека со литература од секое поле, место за дружба – „Росно цвеќе“ (простор за дружење и евтино кафе), Етно клуб (почесто функционира како простор на отворено), незаборавни теренски истражувања во Македонија, а некогаш и во соседните земји, можност за поврзување со студенти од странство. Голем број гостински предавања со професори од странство, но и од Македонија, едукативни работилници поврзани со практики на некои култури (пример правевме јапонски колачи од грав) и поучни семинари, кои само дополнително те спремаат за академското пишување, зборување и размислување. Факултетот има и преубава природа, во близина на Ботаничката градина на ПМФ, каде често пиеме кафе, а на Институтот си имаме друштвени игри, фризби, бадмингтон, „лејзи бегс“, кои слободно можеме да си ги изнесеме надвор и да уживаме – завршува таа.





