Радост е да се доживее неповторливата Јасмин Леви!

Љубов е зборот со кој може да се сублимира двочасовниот настап на единствената Јасмин Леви, синоќа во големата сала Македонската филхармонија во Скопје. Исполнето до речиси последно столче, уметницата која обединува многу култури во својата музика, обединувајќи го светот, со многу емоција, посветеност допре до македонската публика. И самата не криеше дека е изненадена што публиката ги знае нејзините песни, со оглед на тоа дека прв пат доаѓа во Скопје по повеќе од дведецениска кариера.

Во најавата за нејзиниот концерт Леви ни вети незаборавно доживување и патување и тоа го исполни. Начинот на кој изведува оваа уметница, без разлика дали го разбирате јазикот (ладино) на кој ги интерпретира, ве допира до дното на душата.

Нејзините хитови Una Noche Mas, Adio kerida, La Alegria, Cucurrucucu Paloma ќе останат во меморијата на публиката. На една од композициите, таа се симна меѓу публиката, се поздравуваше, а на дел од жените и девојките им подари по една ружа.

Јасмин Леви има прекрасна фузија со својот музички состав во кој за потребите на овој настап влезе и нашиот Иван Бејков, на контрабас, кому му беше посебно благодарна, велејќи дека го спасил концертот.

Беше навистина среќа да се биде во гледалиштето и да се доживее Јасмин Леви на секој можен начин. Можеби дојде прв пат, но посакувам ова да биде само почеток на љубовта со македонската публика.

фотографии: Стефан Рајхл

Сподели