Баба Ратка од скопското село Стајковци е инспирација за документарниот филм „Цвеќиња на водата“ по сценарио и режија на уметницата Тања Балаќ, кој е селектиран на интернационалниот филмски фестивал „Трансцендентинг бордерс 2023“ во Париз, Франција. Документарецот премиерно беше прикажан лани на фестивалот „Македокс“. Кинематографер и монтажер е Кирил Шентевски, кој со Балаќ е продуцент на филмот. Втора камера е Сергеј Сарчевски. Музиката е на Дуке Бојаџиев, Александар Пејовски, Владо Манчевски, Волтер Мани Ал Хаким и други.
Првичниот мотив на Балаќ да го сними филмот е случајната средба со едно семејство на кое му било уништено речиси сè. Филмот е посвенет на трагедијата во Стајковци, кога во поплавите животот го загубија 22 лица.
Тања Балаќ дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство, каде подоцна и магистрирала. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а од 2006 до 2013 година е и негова претседателка. Зад себе има повеќе самостојни изложби кај нас и во странство: Виена, Белград, Париз, Берлин, Истанбул, Софија, Малме, Марибор, Москва… Учествувала на бројни групни изложби, во Македонија и во странство: Франција, САД, Полска, Бугарија, Србија, Русија, Шведска… а нејзините експериментални филмови побудуваат голем интерес кај меѓународната јавност. Тања Балаќ минатата година со еден интегрален пресек на нејзиното визуелно творештво се претстави на ретроспективната изложба во Национална галерија и монографијата „Тања Балаќ – 30 години уметничко творештво“.





