Пет години по поплавата во Стајковци, премиера на документарецот „Цвеќиња на водата“

Баба Ратка од скопското село Стајковци е инспирација за документарниот филм „Цвеќиња на водата“ по сценарио и режија на уметницата Тања Балаќ, што премиерно ќе биде прикажан вечерва во 20.30 часот пред Куршумли ан

„А јас многу сакав да бидам уметник, но немав услови да се школувам“, вели 74-годишната баба Ратка која неуморно аранжира суво цвеќе и го продава на пазар. Внатрешниот порив да создава уметност го задоволувала на секаков можен начин – правејќи таписерии, фути кои ги украсува со цветни мотиви. Голем дел од нејзините изработки ги проголтаа страотните води кои со себе однесоа и 22 животи.

Баба Ратка од скопското село Стајковци е инспирација за документарниот филм „Цвеќиња на водата“ по сценарио и режија на уметницата Тања Балаќ, што премиерно ќе биде прикажан вечерва во 20.30 часот пред Куршумли ан, во рамките на фестивалот „Македокс“. Кинематографер и монтажер е Кирил Шентевски, кој со Балаќ го продуцираше филмот. Втора камера е Сергеј Сарчевски. Музиката е на Дуке Бојаџиев, Александар Пејовски, Владо Манчевски, Волтер Мани Ал Хаким и други.

Балаќ вели дека првичниот мотив да го сними филмот е случајната средба со едно семејство на кое му било уништено речиси сè. Глетката на комплетно уништеното село, оддалечено само десетина километри од главниот град, очајните и беспомошни лица на жителите, разрушените куќи и имоти и една реченица на баба Ратка…

– Реченицата дека многу сакала да биде уметник, но немала услови да се школува беше доволен поттик за мене и снимателот Кирил Шентевски да тргнеме на едно 5-годишно документарно патување. Уште повеќе што во сета таа трагедија, во едно деноноќие се преврте небо и земја и во поплавите животот го загубија 22 лица. Токму затоа овој филм го посветивме на жртвите на поплавите во Скопскиот Регион – раскажува Балаќ за Умно.мк.

Како ликовен уметник, нејзина академска позадина е сликарството. Сепак, во изминатите десетина година се занимава со мултимедијални уметности, особено видео, со фокус на социјални теми. Балаќ вели дека и покрај сликарството, многу ја интересираат и други уметнички форми чие конзумирање ѝ е исклучително важно за сопствената креативност.

– Сите ние се дефинираме примарно преку улогите што ги играме во општествениот живот. Влегувањето во приватната сфера на обичните луѓе е токму суштината поради која документарните филмови се толку привлечни за публиката. Секако дека преку секоја уметничка форма постои можност да се проговори на одредена тема, а социјалните теми се непресушна инспирација, особено во општество како нашево. Проблемите и тешкотиите на луѓето кои живеат во посиромашните средини, сакале да признаеме или не, се одразуваат најмногу на нивните лица на некој „предавнички“ начин и некогаш лошо прикриената мимика. И тоа, според мене, ги прави уште поинтересни за набљудување. И затоа улогата на уметникот е уште поважна во артикулирањето на пораката што сакаме да ја испратиме – вели Балаќ.

„Цвеќиња на водата“ е приказна за Ратка, жена која љубовта кон животот и уметноста ја преточува во изработка на цвенти аранжмани, решавајќи го на тој начин егзистенцијалното прашање. На 6 август 2016 година Скопје го погоди катастрофално невреме, во кое големи штети претрпеле и куќата и имотот на Ратка.

Шентевски раскажува дека по поплавата на луѓето од погодените места им била неопходна помош и голем број волонтери се упатиле да помогнат.
– Ми се јави Тања и почнавме да снимаме неколку дена после поплавата и успеавме да доловиме дел од амбиентот. За време на монтажата ги прегледавме сите снимки објавени на „Јутјуб“ и употребивме дел од нив како архивски материјал за да го почувствуваме денот на невремето. Како кинематографер на документарен филм најважно ми е да имам добар однос со луѓето што ги снимам и што подобро да ги забележам и снимам ситуациите што се случуваат само еднаш. За мене најважната порака на филмот е дека треба да си помагаме едни со други и да водиме грижа за животната средина – вели Шентевски.

Филмот трае 26 минути и го прикажува животот на Ратка во изминатите 5 години. Покрај нејзиниот сопруг, тука се и нивните пријатели, соседи, семејството. И покрај трагедијата која е причина за снимањето, документарецот носи и една оптимистичка порака.
– Тетка Ратка е многу храбра, неуморна жена, полна со ентузијазам и желба за творење.
Таа преку сопствената приказна буквално ни покажува што значи да си на дното, а истовремено да си полн со желба за живот, повторно да се кренеш и да продолжиш да создаваш. Во овој период на пандемија кога сите на некој начин се почувствувавме дезориентирани и исплашени за иднината која ни следи, приказната за оваа жена е дополнително мотивирачка – завршува Балаќ.

Сподели