Анимираниот филм „Мињони: Подемот на Гру“ ќе биде прикажан денеска во 13 часот во Кинотеката во Скопје. Филмот е дел од програмата „Кино утро“ и е наменет за деца над 7 години. Ќе следуваат проекции и на: 16-ти (13 часот), 18-ти (15 часот), 20-ти (18 часот) и 21 јануари од 13 часот.
Улогите ги толкуваат: Стив Карел, Пјер Кофин, Алан Аркин, Тараџи П. Хенсон, Мишел Јео. Во средината на 1970-ите, во времето на афро-фризурите и ѕвонестите фармерки, Гру е младо момче кое живее во предградието. Голем обожавател на супергрупата на супер-негативци, позната како „Шесторица лоши“ (Viscous 6), Гру планира да стане многу злобен за да го примат за член во озлогласената група. За реализацијата на своите идеи тој добива безрезервна поддршка од неговите лојални и хаотични следбеници – мињоните. Заедно, Кевин, Стјуарт, Боб и Ото – новиот мињон со забна протеза и постојана потреба на сите да им удоволува – ги вложуваат сите свои напори во функционирањето на новата база во која Гру експериментира со нови оружја и смислува злобнички идеи и планови. Кога Шесторицата лоши ќе го соборат својот дотогашен лидер и ќе го исфрлат од групата, Гру ќе појде кај нив на интервју за „работа“, но тие го исмеваат и отфрлаат. Тогаш Гру ќе ги надмудри, ќе украде од нив и со тоа ќе ги претвори во свои смртни непријатели.
„Мињони: Подемот на Гру“ е истовремено и претходник и следбеник на „Подлиот јас (2010, Despicable Me), првиот филм за Гру, злосторникот со нежно срце, и продолжение на „Мињони“ (2015, Minions), првиот филм за малите жолти палавковци кои бараат господар, доволно злобен за да му служат, ама се уште не го сретнале „вистинскиот“, односно Гру.





