Тања Балаќ: И понатаму верувам дека уметноста ќе го спаси светот

Малкумина знаат дека пред дваесетина години ја иницираше манифестација „Бела ноќ“, дека таа е единствената жена претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија со кое раководеше дури три мандати, во многу турбулентни времиња

Нејзините дела се одраз на нејзиниот карактер, без разлика дали пред вас е слика, објект инсталација, видеоарт или експериментален филм. Ликовниот критичар Кирил Пенушлиски вели дека и покрај сите промени, циклуси и техники во кои работи, таа останува пред сè – сликар. Кога ќе се осврнете во изминатите 30 години и на нејзината активност во ликовната уметност и во општествениот живот во Македонија, на терминот сликар може слободно да се додаде и пргав работник.

„Надвор од кругот“

Тања Балаќ утревечер во 20 часот во Чифте амам во Старата скопска чаршија, со ретроспективна изложба ќе одбележи три децении творештво. Воедно ќе биде промовирана и монографијата „Tanja Balac – 30 Years – ArtWorks“ со текстови на историчарите на уметност и ликовни критичари, Кирил Пенушлиски и Натали Р. Павлеска.

Балаќ дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје во 1991 година, каде две години подоцна завршила модно креирање, а магистрирала сликарство во 2008 година. Била професорка во скопска гимназија и во средното уметничко училиште. Малкумина знаат дека пред дваесетина години, по студиското патување во Париз ја иницираше манифестација „Бела ноќ“, дека таа е единствената жена претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија со кое раководеше дури три мандати, во многу турбулентни времиња.

Балаќ заедно со Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија

30 години творештво, исклучително разновидно. Колку Вашето творештво низ годините е пандан на Вашата личност?

– Човек не може да побегне од самиот себеси. Секој ја бира својата професија, не само според сферата на интелектуален интерес, туку и според неговиот карактер. Сигурно дека темпераментот на секој од нас се одразува преку нашите избори, ставови, размислувања. Од друга страна, пак, тоа не значи дека ние уметниците не се разликуваме меѓусебно како личности, но верувам сите имаме барем една заедничка карактерна црта.

„Сонувач без исправи“

Претпоставувам дека мојот љубопитен дух и брз темперамент се тесно поврзани со моето творештво, а желбата да екпериментирам е веројатно главниот „виновник“ во изминативе години.

Бевте претседателка на ДЛУМ во три мандати, најмногу во постоењето на Асоцијацијата. И тоа во години кога ДЛУМ беше во исклучително тешка состојба, финансиска, без простории… Ве бираа до акламација, но позицијата воопшто не беше лесна. Што беше најтешко во тој период, која добиена битка Ви е најдрага?

– Оваа година ДЛУМ слави јубилеј – 75 години постоење, бројка која воопшто не е за потценување, но и години во кои Друштвото било постојано во некави премрежја кои, сепак, успевало да ги надмине. Имаше неброени ситуации кога беше исклучително тешко да се усогласат различните погледи на интерес, како да се обезбедат средства за најголемите проекти или пак да се реализира изложба со блокирана сметка. Не знам што би издвоила посебно. Просториите на ДЛУМ и Галерија 8 во Безистен беа места постојано полни со уметници од сите генерации. Се организираа многу уметнички настани, изложби, промоции, концерти. Од оваа перспектива на затвореност и ограниченост поради целава ситуација, тоа време ми изгледа толку далечно и нестварно. Големата изложба во 2007 година во Cite international de Paris – „107 уметници во Париз“ беше можеби настан кој остави траен белег кај сите нас.

„Мојата љубопитност – сестрата на чучулигата“

И затоа е важно ДЛУМ да опстане како струково здружение и да продолжи да ги артикулира и поддржува не само своите членови, туку во своите проекти да вклучува и други автори кои се активни на уметничката сцена. Важно е да продолжи со активност и поради младите генерации автори на кои им е потребна помош, преку разговори, дебати, размена на искуства. Само така може да се согледа севкупната продукција, да се лоцираат „слепите простори“ за да може да се пополнат. Во секој случај, тоа е континуирана работа, а не само да се очекуваат некои „проблесоци“ во форма на изложба и тука да застане целата активност.

„Скопје Креатива“, уште една иницијатива која го облагороди животот во Скопје. Сметате ли уште дека креативните индустрии може да бидат меѓу носечките во македонската економија?

– Во време на брз технолошки развој голем број европски градови се развиваат под мотото „креативни“ градови. Свеста за важноста на кративната економија беше и основниот мотив во 2012 година, преку Секторот за јавни дејности на Град Скопје, да го иницираме проектот „Скопје Креатива“ овозможувајќи им на бројните креативни здруженија и поединци да ги претстават своите производи и услуги. Да, беше важно да ги поддржиме младите креативци, верувајќи дека иднината е на страната на оние градови кои ќе знаат да ги препознаат креативните потенцијали на своите талентирани сограѓани.

„Црвената земја“

Креативните индустрии спаѓаат во едни од најпропулзивните економски сектори во развиените градови, што значи значи дека со нивниот развој всушност се развиваат новите технологии, а со тоа се развива и градот како целина. Но, исто така мора да се направи и точна дистинкција помеѓу креативните индустрии и културата и уметноста, воопшто, бидејќи поистоветувањето на овие два поима е сосема погрешно. Културата е таа која ја поттикнува духовната независност и индивидуалност на секој поединец и ниту во еден случај не смее да се сведе исклучително на „економска категорија“.

Како енергична и динамична личност, што Ве предизвикува, кон што ќе се насочите во наредните години?

– Живееме во крајно неизвесно време кога ама баш никој не може со сигурност да каже што ќе биде утре, камоли во блиска иднина. Во главата веќе имам размислувања за нови работи за следната година, ама најмногу сакам кога ќе ме изненади некоја сосема нова идеја. Кога размислувам, всушност многу од моите проекти се настанати токму така, ненадејно, ноќе како упад во „главните“ проекти. Се надевам дека вакви „упади“ ќе има почесто во иднина, а во меѓувреме се обидувам да пронајдам мотив и убавина во секојдневието. Некогаш успевам повеќе, некогаш помалку, но и понатаму верувам дека уметноста ќе го спаси светот, или во најмала рака, нејзиното консумирање ќе го направи животот поубав.

„Сонувачи“

Сподели