Давков го освои првиот сребрен медал за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика

Дамјан Давков, ученик во прва година во Математичко-информатичката гимназија во Скопје освои сребрен медал на Европската јуниорска олимпијада по информатика, што се одржа онлајн со Украина како домаќин. Ова е највисок настан за информатичко натпреварување за јуниори и историски прв медал за Македонија на олимпијадата што се одржува шести пат.

Јуниорскиот тим на македонски информатичари после доста успешното претставување на Јуниорската балканска олимпијада по информатика во Романија, својот квалитет го потврди и на оваа олимпијада, велат од Здружението на информатичарите на Македонија.

Тимот кој ја претставува нашата земја е составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Никола Стојковски од Скопје, Дамјан Давков од Штип и Владимир Грчев од Кочани, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Натпреварувачите се натпреваруваа онлајн, во просториите на ФИНКИ, под раководство на Владислав Бидиков, а дел од активностите беа спроведени во новиот ИТ хаб во Скопје – Нетавил. На олимпијадата, покрај сребрениот медал за Дамјан, одличје олимписка пофалба освоија и Никола Стојковски и Владимир Грчев.

Македонските тимови при досегашните учества на оваа олимпијада имаат освоено 3 бронзени медали, а успехот на јуниорите ветува дека во иднина ќе имаме и одлични натпреварувачи за интернационалните натпревари на средношколско ниво.

Годинава пред македонските информатичари се и Балканска олимпијада по информатика, на почеток на октомври, во Букурешт, Романија и Европската олимпијада за девојки во Анталија, Турција во втората половина на октомври. Патувањето на учениците до Романија ќе биде под покровителство на Претседателот на државата, Стево Пендаровски, а циклусот натпревари и подготовки на учениците е поддржан од ФИНКИ и општествено-одговорните компании Мелон Технологии, Нетцетера и Семос Едукација.

Сподели