Eдно сребро и две бронзи за младите информатичари на Јуниорската балканска олимпијада

Еден сребрен и два бронзени медали освоија младите индорматичари на 15. Јуниорската балканска олимпијада по информатика што се одржа во Дорохои, Романија. Сребрен мендал освои ученикот Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, бронза освоија Никола Стојковски од Скопје и Дамјан Давков од Штип, а најмалдиот учесник од Македонија, Владимир Грчев од Кочани се врати со олимписка пофалба. Македонскиот тим го предводеа лидерите Владислав Бидиков и д-р Миле Јованов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и членови на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) кое го организира нашето учество.

По една година пауза и една година како онлајн натпреварување, олимпјадата се одржува како регуларен настан. Покрај учеството на повеќето земји од балканската иницијатива во информатика, на натпреварот учествуваа и Украина и Азербејџан како земји гости.

– Во силна конкуренција во која скоро сите земји учеснички се поголеми од Македонија постигнавме одлични резултати. Досега, во овие 15 изданија на олимпијадата македонските натпреварувачи имаат освоени 5 сребрени и 24 бронзени медали. Овој резултат на нашиот јуниорски тим покажува дека континуираната работа на членовите на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) не создава само врвни резултати туку и иднина – вели Јованов, претседател на ЗИМ.

Тој вели дека добро би било и фокусот на државните институции да се насочи кон поддршка и развој на талентите преку средување на законската легислатива и вистинска поддршка на организациите и поединците кои работат на тоа.

Лидерот Владислав Бидиков (во средина) со Благој Рујаноски Стојановски, Владимир Грчев, Дамјан Давков и Никола Стојковски (од лево кон десно)

– Талентите, во која било област, може да бидат потребната сила за придвижување на државата во вистинска насока, а во денешно време, особено идните информатички инженери – вели Јованов.

Тој се заблагодари на ФИНКИ и компаниита „Мелон технологии“, „Нетцетера“ и „Семос едукација“ кои годинава го поддржале циклусот на натпревари. Македонските тимови се подготвуваат за Балканска олимпијада во Букурешт, Романија, Европска олимпијада за јуниорите во Украина (онлајн) и Европската олимпијада за девојки во Турција. Учениците од сите тимови следниот викенд ќе бидат гости во вилата Билјана во Охрид, на покана на претседателот Стево Пендаровски.

Сподели