Дамјан Давков, личност за 2023 на Умно.мк

„Восхитува начинот на кој ова скромно и помалку срамежливо 15. годишно штипјанче, чии карактерни црти се несомнено своевидна противтежа на раскошниот математички талент, успеа да возврати на сите превирања и негирања што во последниве 2-3 години сосема незаслужено ги доживеа од релевантни институции на нашата држава. Возбудува и податокот дека на Дамјан Давков му претстојат уште барем три учества на ИМО“.

Со овие две реченици Сојузот на математичарите на Македонија прецизно го опиша Дамјан Давков, математичкиот гениј кој преклани стана најмладиот Европеец кој освоил медал во 62-годишната историја на Интернационалната математичка олимпијада (ИМО), а годинава постигна историски успех за Македонија освојувајќи златен медал на 64. ИМО што летово се одржа во Чиба, Јапонија. Тој постигнува одлични успеси и освојува медали како дел од националниот тим на меѓународните натпревари по информатика.

Дамјан Давков е втора година во Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Поради сите досегашни успеси, а особено годинашниот подвиг во Јапонија, Умно.мк го избра Дамјан за наша личност за 2023 година. Му посакуваме здравје и многу успех и во 2024 година. Ниту небото не е граница, но веројатно Дамјан го знае тоа многу подобро од нас.

Фото: Здружение на информатичарите на Македонија

Сподели