Наставникот од Свети Николе и годинава изработи честитка за секој ученик

Одделенскиот наставник Иле Михајловски од Свети Николе кој им ја честита секоја нова година на своите ученици со персонализирана честитка, и годинава беше многу креативен. Со краснипис тој му посака здравје и среќа на секој ученик поединечно.

– Честитките отсекогаш сум ги пишувал со име и презиме на учениците, затоа што така секое дете ја доживува како своја, лична! Без разлика на која возраст се, секој од нив е приказна сама за себе и се радуваат кога ќе си го прочитаат своето име и презиме! Радоста е поголема, ги чуваат, ги закачуваат на елка – вели Михајловски.

Пред неколку години негиов поранешен ученик, сега возрасен човек, му покажал фотографии на кои честитките и после толку години ги реди покрај елката.

– Времето потрошено за изработка на честитките не е ништо во споредба со нивната радост. Одреден дел од учениците дури се обидуваат и да го ископираат ракописот и стилот на пишување, што мене дополнително ме радува. А честитките иако можеби се веќе заборавена форма, секогаш сум/сме ги пишувале со име и презиме на тој на кого ја испраќаме или подаруваме – вели инспиративниот наставник.

Сподели