Алексиј Тасиќ освои сребрен медал, Никола Цветаноски и Никола Спировски – бронзи, а Јан Стојановски и Бранко Јангеловски пофалници за успешно учество
Прво злато за Македонија освои Дамјан Давков на 64. Интернационална математичка олимпијада што се одржува во Чиба, Јапонија. Алексиј Тасиќ освои сребрен медал, Никола Цветаноски и Никола Спировски – бронзи, а Јан Стојановски и Бранко Јангеловски пофалници за успешно учество. Водач на тимот е Илија Јовчески, а заменик-водач е Мирко Петрушевски.
– Успехот на овие наши деца е успех за целата татковина! Освоивме едно злато, едно сребро, две бронзи и две пофалници за Македонија! На најпрестижниот математички натпревар за ученици од средните училишта македонската репрезентација постигна одличен успех! – соопштија од Сојузот на математичари на Македонија кои го организираат нашето учество.
Ова се резултатите од постигнувањата:
ДАМЈАН ДАВКОВ (златен медал; со освоени 32 поени)
АЛЕКСИЈ ТАСИЌ (сребрен медал; со освоени 25 поени)
НИКОЛА ЦВЕТАНОСКИ (бронзен медал; со освоени 23 поени)
НИКОЛА СПИРОВСКИ (бронзен медал; со освоени 19 поени)
ЈАН СТОЈАНОВСКИ (пофалница; со освоени 17 поени)
БРАНКО ЈАНГЕЛОВСКИ (пофалница; со освоени 11 поени)
За нашиот тим да учествува на ИМО 2023 родителите требаше да ги сносат патните трошоци за нашите млади математичари да стигнат на олимпијатата во Јапонија. Сојузот на математичарите на Македонија (СММ) отвори можност за донации за да им се олесни товарот на семејствата, а Умно.мк пишуваше за состојбите.
ТИРЗ (Технолошко-индустриски развојни зони) обезбедија билети за сите ученици, и за средношколците кои отпатуваа на Интернационалната олимпијата по физика кои исто така се одржува во Токио). Донираа и многу граѓани.
Од СММ велат дека финансиската поддршка и донациите им се неопходни за редовни систематски подготовки на нашите најталентирани математичари за да продолжат да редат успеси.





