Забележително претставување имаа и останатите тројца членови на македонскиот тим: Владимир Грчев, сега осмоодделенец од Кочани, кој освои олимписка пофалница, како и Никола Стојковски и Андрија Младеновиќ од Скопје
Златен медал освои Дамјан Давков од Штип, ученик од Математичкоинформатичката гимназија во Скопје на 7. Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2023) која се одржува во Кутаиси, Грузија. Ова е првото злато за Македонија и најголем досегашен успех за нашите млади информатичари на престижниот интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години. Покрај златото на Давков, забележително претставување имаа и останатите тројца членови на македонскиот тим: Владимир Грчев, сега осмоодделенец од Кочани, кој освои олимписка пофалница, како и Никола Стојковски и Андрија Младеновиќ од Скопје кои ги делеа само 5 поени од освојување на олимписка пофалница. На олимпијадата учествуваат 95 ученика од 24 европски земји.
Дамјан Давков (лево) со менторот Миле Јованов
Тимот го раководеа лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков, професори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) од Скопје. Четворицата ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а година се одржуваше по 34. пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.
– Пресреќен сум што во нашата богата колекција од медали од интернационалните натпреварувања од сега ќе го имаме и златниот медал. Огромниот успех се должи на континуираната работа, талентот и посветеноста на улениците и поддршката од менторите и од родителите. Ова е уште една потврда дека младите македонски ученици имаат талент и знаење со кое што може да се рамнат со своите врсници од цела Европа, а некои од нив, како Дамјан, дури и да застанат пред нив. Благодарам на ФИНКИ, и на општествено одговорните компании како Сорсикс, Нетцетера, Семос едукација и останатите кои редовно ги поддржуваат нашите активности – вели Јованов.
Годинава главен организатор на ЕЈОИ е Министерството за образование и наука на Грузија во соработка со Интернационалниот универзитет во Кутаиси. Примарна цел на натпреварот како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат стекнатите знаења и вештини во програмирањето.
Секоја земја учествува со тим од 4 натпреварувачи, лидер и заменик-лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена. Следната ЕЈОИ 2024 ќе се одржи идната година во Молдавија. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Балканската олимпијада по информатика
(БОИ 2023), која ќе се одржи од 29 октомври до 4 ноември во Марибор, Словенија.