Претставата се бави со тематиките на лицата од женскиот род со оштетен вид и слух, лицата со инвалидитет, т.е. жената како родилка/носител на живот, стапката на смртноста на жените при породување, честите абортуси…
Бобан Русески е професионален танчер во „Скопје танцов театар“, во чија продукција вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар, за прв пат ќе се појави со неговото кореографско дело „Табу Република“. Русески има учествувано на многубројни фестивали – во Братислава, Хаг, САД, Пекинг и други места. Русески соработувал со кореографи, режисери и уметници како: Рисима Рисимкин, Зарина Првасевда, Васил, Матеа Мијановиќ, Филип Петковски, Луна Адитеја, Адријана Данчевска, Александра Петрушевска, Дејан Битровски, Тони Китановски, Матеа Киселичка, Олга Панго, Сара Цветковска, Јована Зајкова и многу други.

„Табу Република“ е насловот на Вашето ново дело. Провокативен наслов што ја најавува и темата. Може ли повеќе да ни откриете за Вашата инспирација?
– „Табу Република“ нема цензура. Таа се бави со тематиките на лицата од женскиот род со оштетен вид и слух, лицата со инвалидитет, т.е. жената како родилка/носител на живот, стапката на смртноста на жените при породување, честите абортуси. Ставен е фокус на абортусот за кој причинител е недоволното сексуално образование кај младите лица, стишување на нивниот глас поради општествените предрасуди и погледи кон самиот чин. Често наидував на млади девојки, познанички, кои се соочуваа со тој проблем и тоа ме поттикна повеќе да истражувам на оваа тема. После неколку интервјуа со гинеколози, психолози и дефектолози, наидов на уште подлабоки проблеми со кои се соочува младината, па и некои од постарите лица. Исто така, доста значајно е тоа што ова дело разработува сензитивна тематика која ги опфаќа и лицата од ранлива категорија кои се најмногу обесправени од самите институции. Една од многуте табу теми во нашите краишта, која најмногу ме инспирира да го создадам ова дело, сè со цел да ја кренам свеста во нашето општество.
Со кого соработувавте на претставата?
– Голема благодарност до „Интерарт културниот центар“ на поканата за ново како кореографи режисер на ново дело заедно со Скопје Танцов Театар на фестивалот Танц фест Скопје 2023 . „Табу Република“ е во продукција на Скопје Танцов Театар. Тука мора да ги истакнам танчарите на Анастасија Дачевска, Сара Цветковска и студентите при УГД Стефи Шааршмит, Клара Христовска, Илина Костовска, Моника Шолевска, Микаела-Анџела Глигорова, Ангела Петровска, Јоана Благадуша без кои овој проект не би можел да се реализира. Кристијан Јованоски е визуелен уметник, кој има голем удел во самото дело со видеоанимација и разработка на плакат, Наталија Ристеска како актер, Ема Ананиевска на пијано, Кети Танчева со теремин, музички микс на Александар Бошков и костими на Благој Мицевски, кој е долгогодишен соработник со Скопје Танцов Театар.

Ви значи ли што премиерата е токму на „Танц фест“ и колку овој фестивал Ви е отворен прозорец и кон македонската публика, но и пошироко?
– Секако, Танц Фест е најголемиот ревијален и интернационален фестивал на нашите простори, и секоја година со нетрпение го чекаме април – месецот на танцот, за да се нахраниме со висока доза на танц, музика, соработки и целокупно со уметност. Со тоа доаѓа и привилегијата на домашен терен да имам прилика да се искажам, односно да си ја искажам својата креативност, пред публика којашто ме поддржува и разбира, особено бидејќи делиме сличен менталитет. Поради ова, проблематиките со кои се бавам во моите дела, можам да им ги доближам поблиску на мојата публика и взаемно да размениме искуства. А поради фактот што самиот фестивал е интернационален, имаме прилика да бидеме во сала и на сцена со танчари од целиот свет и со нив да размениме различни пристапи кон креација, различни стилови на движење и многу други работи на полето на танцот, коешто секако ни ги отвора видиците.

Вредно работите во последните неколку години. Се придвижуваме ли во добра насока на полето на танцот?
– Од неизмерна важност е создавањето на Скопје Танцов Театар и Скопје Танцова Академија при УГД Штип, како и воедно создавање на простор/тестар за работа во просториите на Дом на АРМ Скопје. Оваа база ни овозможува да имаме простор за работа, исто и отвореноста која што ни ја нуди проф. д-р Рисима Рисимкин, како и неизмерната поддршка, која нè бодри да продолжиме да работиме и да твориме. За жал, сè уште не постои можност да се остварат вработувања за нас, дипломираните современи танчари и кореографи, но свесни сме дека ние сме дел од центрифугата низ која ќе се отворат повеќе врати и можности, а тоа само преку труд и неизмерна работа, со цел еден ден државата да најде можност да се формира институција за оваа гранка од уметноста,
Што после „Табу Република“? Дали имате некој план за други фестивали можеби, но и изведби низ Македонија?
– Предвидено е да се гостува на неколку национални фестивали во областа на драмска и музичко-сценската дејност, но со сигурност ќе има една турнеја во помалите градови, каде танцот не е толку познат за таа околина. Таму гледачите ќе имаат можност да видат еден друг начин на изразување.





