Повлечени предлог-измените на Законот за заштита на културното наследство

Повлечени се предлог-измените на Законот за заштита на културното наследство кои овозможуваа низа неправилности при случајни археолошки наоди при изградбата на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10-д. Археолози од цела Македонија денеска одржаа мирен протест пред Собранието во Скопје и предупредија колкава штета ќе нанесат предложените измени врз севкупното културно наследство.

„Дали воопшто имате совест? Археолошките локалитети не се пречки на патот, тие не се долна облека. Вандали од 21 век. Нели ќе одевме во ЕУ???“ беа дел од транспарентите и пораките кои археолозите и заштитувачите на културното наследство ги испратија до пратениците. Тие беа напишани на македонски, албански и на англиски јазик.

Предлогот за измени на Законот за заштита на културно наследство го предложи пратеничката група на ДУИ. Во пакетот беа предложени измени на уште осум други закони кои треба да ја олеснат изградбата на автопатите и тие денеска ја поминаа првата фаза од гласањето.

Според предлог-измените на ЗЗКН, при случајно археолошки откритие за време на градежните активости ингеренциите требаше да припаднат на надлежниот инженер, наместо на надлежната инстутуција за заштита на културното наследство или Министерството за внатрешни работи.

Сподели