Протест пред македонското Собрание ќе се одржи денеска во 10 часот, а го организира Македонското археолошко друштво. Археолозите протестираат против гласањето на измените на Законот за заштита на културното наследство кој се најде во собраниска процедура по скратена постапка.
– Ваквото законско решение е изработено без вклучување и консултирање на стручната јавност. Покануваме претставници од Министерството за култура, од Управата за заштита на културното наследство, установите за заштита, медиумите и сите засегнати граѓани – велат од МАД.
Според нив, со предложените измени се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство во име на стратешко партнерство и јавен (бизнис) интерес, односно како што е наведено во предложениот текст во име на: „Ефикасна имплементација на Законот за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и Коридорот 10 (Делница на автопатот Прилеп-Битола)“.
Деновиве целата стручна јавност бурно реагираше на предлогот тврдејќи дека со ова ќе бидат суспендирани институциите, а ќе се отвори пат за нелегална тргивија со културното наследство.
Фото: Собрание на РСМ





