„Несреден век“ е насловот на книгата од Тихомир А. Јанчовски која денеска во 12 часот ќе биде промовирана во Кинотека на Македонија. Делото ќе го промовира Тања Аждаја, а песни ќе читаат Оливер Белопета, Добрила Грашеска, Зоран Тортевски, Емилија Пападимитров и Горазд Китановски-Кени.
Потоа ќе настапи групата „Летечки пекинезери“, визуелен перформанс ќе има Страхил М. Петровски, а специјални гости ќе бидат „Мизар“. Најавено е и гостувањето на Мартин Хомза и Оксана Фурс. Промоцијата ќе ја води авторот на книгата, Јанчовски.
– За разлика од многу други, пред сѐ поетски дела, кога би тргнала да го дисекцирам значењето на секоја песна од „Несреден век“, секое наредно читање би ѝ додавало нови значења, небришејќи ги претходните. Збогатувајќи го читателот, а некрадејќи од неговото време. Нешто како песните да ме читаат мене, а не јас нив. Такво е и генералното творештво на Тихомир Јанчовски, а во оваа збирка секој од зборовите успева да биде набиен со свој автентичен полнеж – вели Аждаја.





