„Raffaelo: Opera Omnia“ е насловот на изложбата што од вторник до 20 декември ќе биде отворена во Археолошкиот музеј на Македонија. Ќе бидат изложени 14 музејски репродукции

Живеел само 37 години и со Микеланџело Буонароти и Леонардо да Винчи ја формира златната тројка на високата ренесанса во Италија. Многумина се чудат како за толку краток живот создал толку многу дела. Рафаело Санти е третото име во генијалното уметничко тројство.

„Raffaelo: Opera Omnia“ е насловот на изложбата која од што од задутре до 20 декември ќе биде отворена во Археолошкиот музеј на Македонија. Ќе бидат изложени 14 музејски репродукции на најпознатите портрети на Рафаело. Два од нив се изложени во „Лувр“ во Париз, а останатите во најпознатите италијански галерии: Боргезе и Барберини во Рим, Уфици и Палатина во Фиренца и Националната галерија во Урбино. Изложбата е конципирана лани како патувачка поставка по повод одбележувањето на 500 години од неговата смрт.

Автопортрет

По повод изложбата Археолошкиот музеј го претстави ликот на Рафаело Санти. Роден е во 1483 година во Урбино. Татко му се викал Џовани Санти и бил сликар, а мајка му – Маџа Чарла.
– Бил многу мал кога останал сирак, па на 11-годишна возраст, по претходна препорака од неговиот татко се преселил на дворот на урбинскиот војвода, кај војвотката Елизабета Гонзага. Во оваа прекрасна палата ќе ги запознае уметничките дела од познати мајстори Пјеро дела Франческа, Мелоцо да Форли, Џусто од Ган и други кои извршиле врз него големо влијание – објаснуваат од Музејот.

Сликарот Тимотео Вити несебично му давал совети и помош како негов учител, но сепак првите знаења ги добил од својот татко. При крај на 15 век се преселил во Перуџа во работилницата на Пјетро Ванучи познат под прекарот Перуџино. Веднаш го привлекол неговото внимание и станува негов омилен ученик. Од него ќе ги научи најчувствителните тајни во сликањето на новата сликарска техника, масло – кое фламанските мајстори го усовршиле и го рашириле. Во овој период ја насликал композицијата „Венчањето на Богородица“ на кое се чувствува влијанието од Перуџино.

„Во 1504 година заминал во Фиренца, каде во тој момент се наоѓале двајцата големи уметници Леонардо и Микеланџело, кои се натпреварувале во сликањето на ѕидовите на Палацо Векио. Фреските не биле довршени, но картоните кои биле претставени пред целата јавност предизвикале голем интерес во цела Фиренца, секако го привлекле и вниманието на Рафаело. Почнал да го проучува Леонардовиот „стил“ и често се среќавал со маестрото трудејќи се да проникне во тајната на онаа неискажана игра на светло и сенка. Тоа ќе се почувствува на оние благи ликови на Богородица кои Рафаело ги сликал во Фиренца. Бидејќи по природа бил крајно приемчив, лесно примил и влијание од Микеланџело“, велат од Музејот.

Рафаело ја напуштил Фиренца и во 1508 година и заминал во Рим. Во тоа време папа бил Јулиj Втори. Со заложбата на неговиот сограѓанин од Урбино, познатиот архитект Браманте, Рафаело бил претставен пред папата, од кого добива ласкава нарачка да ги наслика во фрескотехника салите во Ватикан.
„Така доаѓа до врвот на својата слава, со благ карактер, раскошно облечен и со убав изглед опкружен од голем број обожаватели и следбеници. Неговото име е славно и во кругот на хуманиститите познато во неговиот латински облик – Санцио. Не бил завидлив и знаел да се одушевува на величината на другите уметници. Кога видел дел од фреските на Микеланџело во Систинската капела, толку бил фасциниран што некои решенија ги применил на своите фрески во Санта Марија дела Паче“, раскажуваат од Музејот.

Водел многу динамичен живот и воопшто не се штедел. Особено претерувал во љубовта. Во 1513 година починал папата, а го наследил Лав Десетти (Медичи), голем познавач на уметноста и мецена. Рафаело станал негов омилен сликар. По смртта на Браманте, папата го назначил Рафаело за надзорник на изградба на црквата „Св. Петар“. Следната година добива нов папски указ – конзерватор на римски старини, поточно станува археолог и истражувач. Неговиот труд како археолог е значителен. Папата му дава нова порачка, да ги наслика лоџите кои се состоеле од низа од 16 аркади. Рафаело ја украсил секоја аркада со по четири слики. Првите 12 аркади се со сцени од Стариот завет, додека 13-та е посветена на Новиот завет. Тоа е еден вид библија раскажана во слики, така што Рафаело станува најголемиот илустратор на сите времиња.

Гробот на Рафаело во Пантеон

Починал рано, на Велики петок, 6 април 1520 година. Неговото последно дело „Преображение Христово“ го довршил неговиот најдобар ученик, Џулио Романо. Погребан е во Пантеон.

Ренесансата бил културолошки феномен, проткајан во архитектурата, вајарството, сликарството, литературата, музиката, филозофијата и науката и се јавил прво во Италија во 14 век и траела до крајот на првата половина од 16 век. Брзо се раширила во останатите земји во Европа, особено во Франција и Холандија. Самиот термин доаѓа од францускиот збор renaissance што значи преродба. Почетоците на ренесансата бележат голем интерес кај авторите за античката уметност и идеал (Античка Грција и Рим) и за филозофските учења на Платон и Аристотел.
„Постепено се напушта средновековната уметност и почнува да се истражува линеарната перспектива, се бара идеална хармонија во уметничките дела, тродимензионалност и пластичност на фигурите, се истражува анатомијата на човечкото тело. Тематски ќе се користат световни и митолошки мотиви, но паралелно ќе продолжат и теолошките, со еден нов израз. За ова многу ќе придонесат италијанските хуманисти кои својата култура ќе ја насочат кон човекот наспроти сколастичката наука и теологија. Според нив средиште на универзумот не е веќе Бог туку човекот“, објаснуваат од Археолошкиот музеј.

Силен интерес и влијание ќе предизвикаат голем број пронајдени антички скулптури, остатоци од античка архитектура, сочувани ракописи и натписи. Но, ова нема да биде своевиден обид за имитирање на античката уметност и култура, напротив, ќе се создаде посебен стил и израз кој ќе има големо влијание врз развојот на уметноста во следните векови за што сведочат големиот број на уметнички ремек дела од овој период. Центри на оваа дејност се градовите-држави Фиренца (каде започнала ренесансата), Венеција, Падова, Џенова и Рим.

Ренесансата се дели на два периоди: рана и висока. Раната ренесанса, кватроченто, трае во текот на целиот 15 век. Предвесник во сликарството скоро сто години порано е Џото, но вистински започнува со Мазачо и продолжува со Сандро Ботичели, Пјеро дела Франческа, Паоло Учело, Андреа Мантења и други. Висока ренесанса, чинквеченто, трае од 1500 година сè до средината на 16 век. Високата ренесанса според многумина ја претставуваат трите најголеми уметници на сите времиња – Микеланџело Буонароти, Леонардо да Винчи и Рафаело Санти.

Изложбата што од задутре ќе биде достапна и за македонската јавност досега била изложена во Финска, Кина, Тунис, Венецуела, Турција, Јужна Кореа и во Косово. Се отвора во соработка со италијанската амбасада во земјава и влезот е бесплатен.

Фото: Wikimedia

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.