Преку отворање на овие нови економски можности преку проектот, очекуваме да придонесат кон зголемување на приходите на руралните домаќинства и намалување на миграцијата, да се подигне еколошката свест и да се формира мрежа на соработка помеѓу селата и туристичкиот сектор, вели д-р Марија Ѓошева-Ковачевиќ од Земјоделскиот институт – Скопје
Агротуризмот може да претставува вистински поттик за оживување на македонските села. Традицијата и природата во руралните средини не се само спомени од минатото, туку вредни ресурси за економски развој и одржлив живот. С. Македонија има голем потенцијал да се позиционира како водечка рурална туристичка дестинација во регионот, преку активно вклучување на руралното население и поврзување со пазарот, вели д-р Марија Ѓошева-Ковачевиќ, научен соработник во Одделението за агробизнис, економија и рурален развој на Земјоделскиот институт – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Д-р Марија Ѓошева-Ковачевиќ
Таа е координатор на проектот „Агро-еко туризам – оживување на традицијата и зачувување на природата“ кој е резултат на соработката на нашата земја и Словенија. Во интервјуто за Умно.мк, Ѓошева-Ковачевиќ зборува за потенцијалите на овој сектор кој може да биде движечка сила за враќање на животот во руралните подрачја на Македонија и искористувањето на земјоделскиот потенцијал и огромните природни богатства.
Како се роди идејата за проектот „Оживување на традицијата и зачувување на природата – Агро-еко туризам“ и кои се главните актери што стојат зад него?
– Во рамките на Одделението за агробизнис, економија и рурален развој при Земјоделскиот институт од Скопје, веќе подолго време се разгледуваше можноста за развој на проектен предлог кој ќе ги промовира традиционалните земјоделски производи и активности и истовремено ќе им овозможи поддршка на малите земјоделски стопанства во руралните средини. Овие рурални заедници се соочуваат со многу сериозни предизвици како што се сиромаштијата, напуштањето на семејните домови, засилената миграција на младите, како и забрзаното исчезнување на традиционалното земјоделско производство, занаети и богатото македонско гастрономско наследство.

Потпишување на договорот: Виктор Ѓамовски (лево), директор на Земјоделскиот институт и Грегор Прескер, амбасадор на Словенија во земјава
Токму затоа и како Земјоделски институт ја развивме идејата за поврзување на одржливото земјоделство со туризмот, не само како нов извор на приходи за руралните домаќинства, туку истовремено и како средство за зачувување на природата и културното наследство на земјата.
Проектот кој го насловивме како „Агро-еко туризам – оживување на традицијата и зачувување на природата“, под мотото „Мојата фарма – твое рурално доживување“, беше препознаен од Амбасадата на Република Словенија во Скопје и Фондот за развој при Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија како иницијатива вредна за финансиска поддршка, за унапредување на одржливиот развој во земјата и трансфер на добри практики во регионот. Во проектот се вклучени мали семејни земјоделски стопанства кои ќе можат да понудат автентични рурални искуства, туристички агенции кои ги вклучуваат руралните дестинации во своите понуди, локалните заедници, како и „Балканиа“ – Асоцијација за алтернативен туризам како наш партнер во проектот.

Во проектот преку овие иницијативи се стремиме особено да ги анимираме младите од руралните средини, кои сè повеќе покажуваат интерес за вакви активности, како атрактивна и современа алтернатива за живот и работа во село. Затоа и велиме дека ова не е само економски, туку и социјален проект, насочен кон оживување на селата и зачувување на нејзините вредности.
Какви можности нуди нашата земја за агро-еко туризам и кои региони се најперспективни?
– С. Македонија нуди исклучителни можности за развој на агро-еко туризам благодарение на својата богата земјоделска традиција, зачуваната природа и разновидното културно наследство. Секој регион кај нас има своја автентична земјоделска приказна, од јаболкото во Преспа, виното во Тиквеш, пиперките и ајварот од Струмичкиот крај, овчото сирење од Малешевските Планини и Галичник, планинскиот мед и уште многу други.

“Spirit of Prespa” – Ѓомлезе
Особено е важно да се разбере концептот на Агро-еко туризмот, што не е само патување, туку активно рурално доживување. Гостите имаат можност лично да се вклучат во автентичните земјоделски активности, како што се берба на овошје или зеленчук, обработка на почвата во градините или подготовка на традиционални производи по старински рецепти. Во овој процес тие се поврзуваат со локалното население, учат од нивното искуство и знаење, и ја доживуваат секојдневната рутина на селскиот живот. Но, она што е особено вредно кај овој вид туризам е неговото влијание врз помладите генерации, особено децата што растат во урбани средини и кои често немаат вистински контакт со селото. За нив, престојот на фарма или во мало рурално домаќинство е вистинско откритие, односно можност да видат како растат растенијата, како се произведува храна, како се молзи коза, се меси домашен леб или се собираат јајца. Тоа е доживување што ги едуцира, ги поврзува со природата и вистинските вредности, и остава трага што ниедна дигитална алатка, ниту мобилен, ниту таблет не може да ја замени.

Посета на успешните жени од “Spirit of Prespa”
Во време кога глобалниот туристички пазар сè повеќе се ориентира кон автентични и одржливи искуства, С. Македонија има сè што е потребно за да се позиционира како водечка дестинација во овој сегмент. Со своите чисти реки, планински пасишта, сочувани традиции, народна кујна и топла селска гостопримливост, таа претставува природен избор за туристи кои бараат нешто вистинско и незаборавно. Сепак, овој огромен потенцијал останува недоволно искористен, главно поради отсуство на претприемачки вештини, организирани понуди и интегрирани рурални туристички производи.
Каква е моменталната состојба во руралните средини и дали постои подготвеност за промени?
– Добро ни е познато дека руралните средини во земјава се соочуваат со сериозна демографска и економска стагнација. Овие процеси придонесуваат руралните средини постепено да ги губат своите основни функции, што дополнително ја влошува состојбата и го отежнува нивниот развој, вклучително и развојот на туризмот. Без основна инфраструктура, како пристапни патишта, транспорт, продавници, детски градинки и други јавни услуги, условите за живот и работа во селата стануваат сè неподносливи. Повозрасното население, кое е и најприсутно во овие рурални заедници, најчесто потешко прифаќа нови идеи и иновативни пристапи, а земјоделството го гледа како единствен извор на приходи.

Винарија „Максимилијан“
Сепак, и покрај бројните предизвици и честите забелешки дека „во нашата држава ништо не функционира“, на терен сретнавме млади луѓе кои веќе се вратиле во селото, во потрага по поинаков начин на живеење, далеку од урбаниот метеж, загаденоста и храната со непознато потекло. Тие го препознале потенцијалот на земјоделството и руралниот туризам како нов стил на живот и можност за напредок и развој. Овој облик на туризам може да се развива без големи инвестиции, како што се изградба на сместувачки капацитети, дегустациски сали или други скапи вложувања, туку може успешно да функционира и со добро уреден стопански двор и основни услови за прием на гости и нивно ангажирање во земјоделските активности. Значи промената е возможна, но бара и континуирана поддршка, како што се финансиска, едукативна и институционална.
На кој начин проектот ги поддржува руралните заедници?
– Проектот ги поддржува руралните заедници преку сеопфатен пристап кој го зајакнува економскиот, социјалниот и културниот живот на овие средини. Преку развој на агротуризмот, локалното население добива можност за дополнителни извори на приход, покрај приходите од земјоделско производство. Во рамките на проектот е предвидено зајакнување на капацитетите на учесниците преку обуки и информативни работилници за тоа што претставува агротуризмот и како може да се започне ваков вид активност во земјоделското стопанство.

Работилница во Источен Регион
Дополнително, ќе се организираат обуки за учесниците за одржливо земјоделско производство, развој на иновации и претприемништво, унапредување на услуги, гостопримство, промоција и други релевантни области поврзани со агроекотуризмот. Истовремено, ставаме акцент на зачувување на природното и културното наследство, што не само што ја унапредува еколошката одржливост, туку и го збогатува туристичкото искуство. Особено ги охрабруваме младите и жените да се вклучат во економските активности, што придонесува за посилна социјална кохезија и намалување на иселувањето од руралните средини. Во план е и дигитална промоција на фармите преку мобилна апликација и партнерства со туристички агенции, што ќе придонесе за развој на еден одржлив и препознатлив агроеко-туристички модел со веќе подготвени туристички понуди.
Што опфаќа првата фаза од проектот?
– Првата фаза на проектот е насочена кон истражување и мапирање, односно идентификација на потенцијалните села и земјоделски стопанства. Овој процес се спроведува во соработка со центрите за развој на планските региони Пелагонија, Вардарски, Источен и Југоисточен, со локалните општини, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и невладини организации како што се „Балканиа“, Тиквешки семејни винарии, Slow food Macedonia и други.

Во рамките на оваа почетна фаза се прави анализа на атрактивноста на различни агротуристички активности, како што се берба на овошје, дегустации и престој во еко-домаќинства. Ќе се селектираат соодветните домаќинства кои имаат основни предуслови и желба да учествуваат како пилот-фарми, а истовремено се подготвува и практичен прирачник за развој на агро-еко туризам. Целта на овие активности е да се создаде модел кој ќе биде соодветен на нашите услови и реалните потреби на терен.
Како ќе се воспостави соработка меѓу земјоделците и тур-операторите?
– Недостатокот на комуникација меѓу земјоделците и туристичкиот сектор е еден од главните предизвици со кои се соочува развојот на агро-еко туризмот. Туристичките агенции традиционално се повеќе насочени кон масовниот туризам, па затоа овој вид туризам не е доволно застапен. Сепак, се забележува тренд на промена и растечка заинтересираност за одржливи и автентични туристички дестинации.

Етно Лесново
Проектот ќе работи на организирање инфо-тури заедно со учесници од медиумите и тур-операторите, каде ќе се посетат потенцијалните агро-еко дестинации. Исто така, ќе се создаде онлајн платформа за презентирање на туристичките понуди и заеднички маркетинг, со цел да се воспостави долгорочна деловна соработка која ќе опстои и по завршувањето на проектот.
Какви резултати очекувате?
– Проектот поставува амбициозни, но остварливи цели. Планираме развој на најмалку две нови интегрирани агроекотуристички понуди од различни региони и со разновидни содржини, кои ќе го збогатат туристичкото портфолио во руралните средини и ќе се надградуваат и по завршувањето на проектот. Покрај тоа, ќе биде изработена и активна мапа која ќе ги обединува сите потенцијални земјоделски фарми што нудат агроекотуристички услуги, достапна за фармерите и туристичките агенции.

Винарија „Јостела“ – Гевгелија
Ова ќе овозможи поефикасна меѓусебна комуникација и полесно креирање на атрактивни и квалитетни рурални туристички услуги. Преку отворање на овие нови економски можности преку проектот, очекуваме во иднина тие да придонесат кон зголемување на приходите на руралните домаќинства и намалување на миграцијата. Исто така, очекуваме да се подигне еколошката свест и да се формира мрежа на соработка помеѓу селата и туристичкиот сектор. Овој модел може да се прошири низ целата земја, стимулирајќи го оживувањето на руралната економија.
Зошто ова е важно?
– Овој проект го надминува традиционалниот концепт на туризам, бидејќи претставува вистинска инвестиција во иднината на македонските села. Со него сакаме да покажеме дека селата, традицијата и природата не се само спомени од минатото, туку вредни ресурси за економски развој и одржлив живот. Преку активно вклучување на локалното население и поврзување со пазарот, С. Македонија има голем потенцијал да се позиционира како водечка еко-туристичка дестинација во регионот.

Апи комора „Алчинов“
Во земјите од Европа овој облик на туризам е веќе широко развиен и зазема значаен удел во туристичката понуда, и има тенденција на постојан раст. Дури и во соседните региони, агро-еко туризмот добива сè поголема популарност и значење. Затоа веруваме дека и ние имаме голем потенцијал за развој и можност да го искористиме овој тренд за промоција на нашите природни и културни вредности.





