Црногорски народен театар од Подгорица вечерва во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе ја изведе претставата „Принцезата Ксенија од Црна Гора“, во адаптација и режија на Радмила Војводиќ. Режисерката вели дека претставите се потпираат на непостојаноста на трагите, на еден вид материјално исчезнување.
– А а ние, кои се занимаваме со театарот, исто така разбираме дека ја сакаме минливоста и неповторливоста на тој чин … Се навраќам на тоа барајќи одговор на прашањето зошто напишав еден вид пролог и епилог, т.е. дали беше потребно да се привлече вниманието кон надворешното оцрнување и неуметничкото во сеќавањето на поранешната изведба на „Принцезата Ксенија од Црна Гора“ – за поранешниот општествен контекст, и за овој сегашен, од кој се враќаме на истата тема, играјќи го истото дело?! – вели таа.
Драматург на претставата е Божо Копривица, сценографијата на Марија Калабиќ, а костимографијата на Борис Чакширан. Улогите ги толкуваат: Варја Џукиќ, Ана Вучковиќ, Дејан Иваниќ, Изудин Бајровиќ, Горана Драгашевиќ, Александар Радуловиќ, Јелена Лабан, Слободан Маруновиќ, Душан Ковачевиќ, Лазар Ѓурѓевиќ, Нада Вукчевиќ и Ана Вујошевиќ.
Радмила Војводиќ (1961, Бар) е театарска режисерка, драмска писателка и универзитетски професор. Дипломирала театарска режија на Факултетот за драмски уметности во 1985 година. Автор е на повеќе драмски текстови. Режирала текстови од класичната и современата драматургија и авторски театарски адаптации во белградските театри „Ателје 212“, ЈДП, Белградски драмски театар и Студентскиот културен центар; Хрватскиот народен театар „Иван Зајц“, Српскиот народен театар во Нови Сад, Црногорскиот народен театар во Подгорица, Кралскиот театар во Цетиње, како и на многу други места и фестивали. Нејзините претстави се едни од најгледаните и најнаградуваните на голем број фестивали. Основач е и уредник на списанието за театар и култура „Гест“.





