Најмногу би сакал да сум дел од копродукција помеѓу Македонија и Србија. Секогаш кога сум во можност, се обидувам уметниците од сите сектори на македонската филмска индустрија да ги вклучам во проектите што ги работам или да ги препорачам на колегите од Србија – вели Петковски
Скоро две децении живее во Белград, каде дипломирал филмска, театарска и ТВ продукција на Факултетот за современи уметности. Јорданчо Петковски во своето портфолио веќе се потпишува на 13 успешни краткометражни и долгометражни играни и документарни филмови, кои се особено гледани, а учествуваат и по светски фестивали. Во 2013 година ја основал својата продуцентска куќа „Филмоскопија“. Петковски беше извршен продуцент на долгометражниот документарно-игран филм „Жучко: Приказна за Радивоје Корач“ (2010), како и документарниот „Има еден тим“ (2012).

Јорданчо Петковски
Тој беше еден од продуцентите на филмот „Мали Будо“, филм што го видоа повеќе од 360.000 гледачи во кино, а беше дистрибуиран во десетина земји во Европа. „Есен на самураите“, во 2016 година беше исто така голем предизвик за него, беше дел од продуцентскиот тим на првиот боречки филм во историјата на српската кинематографија. Покрај ова, работи и како координатор на Работилницата за филмска магија во Грачаница.
– Во Белград дојдов во 2003 година да студирам. После само две години на факултет, ја започнав својата кариера најпрво како организатор на реклами, музички спотови и политички кампањи каде што ги запознав сите продуценти и режисери со кои и денес соработувам – се потсетува Петковски на своите почетоци.
Вие сте извршен продуцент на проектот „Budi Bog s nama“ („Господ да е со нас“) што го снима легендата на југословенската кинематографија, Слободан Шијан. Како Ви се случи овој проект и во која фаза е?
– Благодарение на мојата досегашна работа на различни проекти, како и на екипата со која најчесто работам, продуцентските куќи „Гаргантуа Филмс“ и „Мали Будо“, овој ангажман дојде како логична последица. Без разлика на тоа што станува збор за луѓе со кои што соработувам подолго време, поканата да работам како извршен продуцент ја доживеав како чест и како признание, бидејќи сите знаеме што значи името Слободан Шијан во регионот, а и пошироко. Досега, снимен е повеќе од половина од планираниот материјал за филмот, а во тек се подготовките за преостанатиот дел.

На последното издание на Сараевскиот фестивал
Како е да се работи со таква легенда? Дали за Вас е посебно искуство?
– Како што напоменав, пред сé ова е голема чест, а секако и посебно искуство. Всушност, секој нов филм носи нови искуства и доживувања, а посебно кога имате можност да работите со легенда како што е Шијан, ви се отвора можност за учење. Од Шијан можете да научите многу, за самиот процес на работа и гледиште кон филмот, како и за детаљниот пристап кон ликовите и разработување на секој детаљ кој понекогаш во современата брза продукација се занемарува. На овој проект работат и големи актерски имиња како Милош Биковиќ, Слобода Боба Мичаловиќ, Небојша Дугалиќ, Горан Богдан, што дополнително го прави важен за мојата професионална кариера. Посебен предизвик и вонсериско искуство е што во овој проект се вклучени седум копродукции од регионот и Европа.

Петковски со екипата на филмот „Есен на самураите“
Истовремено работите на неколку проекти. Да споделиме дел од нив.
– Како извршен продуцент неодамна завршив еден нов документарно-игран филм „Пуцњи у Марсељу“ („Пукотници во Марсеј“) во режија на Гордан Матиќ. Овој филм го започна својот живот со премиерата на Саравскиот филмски фестивал. Подготвувам и уште два филма: eден документарен со наслов „Једна Умирућа Звезда“ („Една ѕвезда што умира“) во режија на Теа Лукаќ; и еден игран филм во копродукција со Јужна Кореја со наслов „Чулова Искушења“ („Чуловите искушенија“) во режија на Данило Бечковиќ.
Како продуцент посебно сум горд на документарниот филм за првиот женски бенд во Европа, кој настанал во 60-тите години во Белград – „Сањалице“. Се снима веќе некое време, а го режира Владимир Петровиќ и верувам дека ќе биде вистинско изненадување. Сите четири членки на некогашната група се живи и приказната е со нив.

„Сањалице“ важат за прв женски рок бенд во Југославија
Имам и уште еден актуелен проект кој треба да се заврши следната година се надевам, а тоа се мастер студиите на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје.
Ја погоди ли коронавирусот српската кинематографија ? Се враќа ли во некаква нормала?
– Короната погоди сé, па и филмската индустрија, иако минатата година пронаоѓавме начини за одредени снимања да бидат реализирани. Снимањето на филм или серија е само по себе сложен процес, па кога на тоа ќе додадете здравствани и епидемиолошки мерки кои моравме да ги почитуваме, можам слободно да кажам дека работата под такви околности беше многу напорна. Сепак, важно беше да работиме и таа шанса ја искористивме снимајќи ја најголемата египетска серија „Counter attack“, притоа однесувајќи се многу одговорно. Оваа година е малку полесно, но и понатму сме свесни за опасноста што не опкружува и се трудиме максимално да ја заштитиме цела екипа, а самиот процес на снимање да не биде загрозен и да не трпи на квалитет.

На снимањето на серијалот „Андрија и Анџелка“
Македонските филмови во последните години добро котираат на фестивали, има успеси со кои треба да сме горди. Ја следите ли нашата кинематографија?
– Нормално, прва асоцијација на оваа тема ми е филмот „Медена земја“, кој достигна светска слава, „Врба“ на Милчо Манчевски, филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска кој не пропушти ниту еден фестивал и многу други, а имаме многу квалитетни филмови.

Петковски заедно со Владимир Петровиќ, кој го снима филмот „Сањарице“
Се трудам да следам сè што излегува, колку што ми дозволуваат обврските што ги имам. Најмногу би сакал да се реализира копродукција помеѓу Македонија и Србија на проект на кој што јас би работел. Секогаш кога сум во можност, се обидувам уметниците од сите сектори на македонската филмска индустрија да ги вклучам во проектите што ги работам или да ги препорачам на колегите од Србија.

Филмските маски во хоророт „Малишан“ ги работеше шминкерот Игор Петрески од Македонија





