Деветмина писатели, издавачи, уредници од регионот и пошироко ќе бидат гости на 9. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, што ќе се одржи од 19 до 21 септември во Скопје. На годинашниот лауреат Мирча Картареску, ќе му се придружат писателите и издавачи: Јоана Николае, Анте Томиќ, Миљенко Јерговиќ, Оливера Ќорвезироска, Гојко Божовиќ, Калин Терзиски, Диана Матулиќ и Андреј Хочевар. Нивното творештво ќе биде промовирано на отворањето на 19 септември, во Даут-пашиниот амам.

Добитникот на наградата „Прозарт“, Картареску е еден од најважните прозни автори, на самиот врв на европската литература. Најважните светски медиуми го сместуваат заедно со Исмаил Кадаре, Олга Токарчук, а неговите книги може да се најдат на главните полици во книжарниците во САД, Франција, Шпанија, Италија.

Јоана Николае е авторка на неколку изданија поезија, за кои освоила бројни награди во Романија, но низ Европа. Таа победник за наградата за проза доделена од списанието Атенеу, „Книга на годината за 2018“ на натпреварот „Читателот знае најдобро“ и „Книгата на Регина“, победник на Романското радио за Културна награда за проза, Набљудувачка културна награда и многу други.  

Анте Томиќ  е познат хрватски писател, кој работи како новинар за „Јутарњи Лист“, а неговите саботни колумни се омилено четиво за сите оние што сакаат да се насмеат дури и кога ситуацијата во земјата е лоша. Како писател досега има напишано четири романи: „Што е маж без мустаќи“, „Ништо не треба да нè изненади“, „Љубов, електрична енергија, вода и телефон“ и „Чудо во Поскокова Драга“. Има објавено и збирка раскази „Заборавив каде паркирав“, две книги со фељтони „Фолклорен фестивал“ и „Класа оптимист“ и две книги со колумни – „Покорниот граѓанин“ и „Момче кое ветува“. Во 2005 година, Хрвоје Хрибар го сними филмот „Што е маж без мустаќи“ врз основа на неговиот прв роман, а една година подоцна Рајко Грлиќ го сними филмот „Караула“ базиран на неговата книга „Ништо не треба да нè изненади“.

Миљенко Јерговиќ е еден од најзначајните писатели во регионот на поранешна Југославија. Автор е на повеќе од 30 романи, збирки раскази и поетски изданија. Добитник е на голем број национални и меѓународни книжевни награди, како наградата за мир „Ерих Марија Ремарк“ (1995), Италијанската Premio Grinzane Cavour (2003), Ангелската книжевна награда за најдобар роман во Средна Европа (Полска, 2012) наградата „Његош“ (2015), Прозарт (2017). Тој е најчитаниот автор во регионот.

Оливера Ќорвезироска е застапена во 20-ина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, чешки, српски, словенечки, полски, руски, германски и грчки јазик.

Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ, а за „Сплетени раскази“ во 2003 год. ја има добиено наградата за најдобра проза „Стале Попов“ на писателската асоцијација. Автор е на книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница), „Отвораат ли сништата работа“ и „Еден Текст и една жена“ (критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“ (романи за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни).

 

Калин Терзиски дипломирал на Медицинскиот универзитет во Софија и специјализирал психијатрија. За време на медицинските студии работел многу професии – столар, човечки ресурси, копирајтер, санитарец, уредник итн.. Од 2001 Терзиски работи како лекар во психијатриската болница „Св. Иван Рилски“. Исто така, од 1995 година тој се впушта во новинарството, како и најразлични артистички активности на радио и телевизиски емисии. Освоил: Награда за најпродавана книга во Бугарија – за новелата Алкохол – 2010, Награда за литература од Европската Унија – 2011 за кусите приказни „Дали има некој за да те сака“. Златно перо – Награда за придонес во бугарската култура – 2013. Досега Калин Терзиски има издадено 23 книги – 6 новели, 12 збирки со куси раскази и 5 поетски збирки.

Гојко Божовиќ е поет, есеист, литературен критичар, уредник и издавач. Книги поезија: „Подземно кино“ (1991), „Душата на ѕверот“ (1993), „Песни за нештата“ (1996), „Архипелаго“ (2002), „Елементи“ (2006), „Околни божества“ (2012), „Карта“ (2017), „Тивкиот ѕвер на пладне“ (избрани песни и хроники, 2019). Антологии: „Антологија на поновата српска поезија: Деведесеттите, Дваесеттиот век“ (2005), „Место коешто го сакаме. Антологија за современата српска поезија 1945 – 2006“ (2006, 2011; на англиски), „Светот околу нас. Антологија на современите српски приказни“ (2009). Книги од избрани песни на Гојко Божовиќ се издадени во Русија, Бугарија, Хрватска и кај нас. Три книги песни од Божовиќ се издадени на македонски јазик („Елементи“, избрани песни, 2010; „Околни божества: песни и хроники“, 2014, и „Мапа“, 2019), како и книгата есеи „Книжевноста и дните“ (2021). Тој е основач и одговорен уредник на издавачката куќа „Архипелаг“ (Белград 2007) и Белградскиот фестивал на европската литература (Белград 2012). Потпретседател е на српскиот ПЕН центар. Божовиќ заедно со хрватската издавачка Диана Матулиќ и словенечкиот писател и уредник Андреј Хочевар, ќе бидат дел од Скопје фелоушип програмата. На вториот фестивалски ден, на 20 септември, тие ќе учествуваат на тркалезна маса на темата „Литературата во време на пост-вистината“ во Europe House Skopje.

На 22 септември ќе се одржи дополнителна програма – „Александар Прокопиев за Гојко Божовиќ & Божовиќ и Прокопиев за Данило Киш“ во  книжарница „Буква“. Поддржувачи на фестивалот се: „Традуки“, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопjе, амбасадата на Романија, центаорот „Спона“, Кинотека… Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа“. Фестивалот ќе се одржи во Даут-пашин амам, Кинотека, Europe House Skopje и во „Буква“.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.