Истекува рокот за паричната награда за која Дамјан Давков и менторите од факултетите не може да конкурираат

МОН веќе еден месец не одговара на новинарските прашања на темата кои Умно.мк уредно ги достави до надлежните

Ученикот што постигна најголем успех за Македонија на меѓународна научна олимпијада нема да може да конкурира на јавниот повик на Министерството за образование и наука кој овозможува парична награда во тек на 12 месеци. Ниту менторите на учениците вработени на високообразовна институција, работат во странство, или се невработени нема да можат да конкурираат на „Јавниот повик за доделување на парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот од средното образование“ кој истекува денеска. МОН веќе еден месец не одговара на новинарските прашања за темата кои Умно.мк уредно ги достави до надлежните сектори.

Тројца ученици со медали, двајца имаат право да конкурираат

Повеќе универзитетски професори со години апелираат до МОН да направи измени во повикот на кој може да конкурираат исклучиво средношколци што освоиле медал на некоја од 13-те акредитирани меѓународни олимпијади или натпревари и нивните наставници вработени во средно училиште. Проблемот е во тоа што најчесто овие ученици се менторирани од универзитетски професори. Годинава ситуацијата се усложни откако Дамјан Давков, осмоодделенец од Штип кон крајот на јули освои сребрен медал на Интернационалната математичка олимпијада. Иако Давков е најмладиот медалист од Европа на досегашните 62 математички олимпијади, тој не може да конкурира на повикот бидејќи е основец. На повикот може да конкурираат останатите ученици што освоија бронзени медали, бидејќи се средношколци.

Меѓу прашањата до МОН беа: што ќе преземат околу повикот, дали гледаат дискриминација во случајот, колку актуелната легислатива ги поддржува талентираните ученици?

Во Член 24-б, став 3 од Законот за средно образование пишува: „Министерството за освоен златен, сребрен или бронзен медал на една од 13-те меѓународни научни олимпијади (International Science Olympiad), на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за олимпијадата, поединечно им доделува парична награда во износ од 12.000 денари месечно за освоен златен медал, 10.000 денари месечно за освоен сребрен медал и 8.000 денари месечно за освоен бронзен медал. Паричната награда се исплаќа за период од 12 месеци“.

Дарко Стојчев освои бронзен медал на IChO2021

Поради повикот кој се темели на Законот за средно образование, менторите од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, членови на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) годинава за последен пат ги подготвуваа учениците кои постигнаа одлични успеси и повторно освоија медал на Меѓународната олимпијада по хемија IchO 2021. По неколкугодишните обиди да ги надминат недоразбирањата со МОН тие се повлекоа од подготовките на учениците за престижните натпревари. Ќе помагаат, но само во последниот месец пред натпреварите, а не шест месеци како досега.

Проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Секцијата за хемиско образование при СХТМ и редовен професор на Институтот за хемија веќе коментираше за Умно.мк дека направиле обиди за надминување на овој проблем.

Но, немаше разбирање, ниту каков било резултат и нашето незадоволство прерасна во револт. Токму затоа и решивме да го рационализираме целиот процес и на Институтот за хемија да се реализираат завршни подготовки со избраниот тим од 4 ученици еден месец пред олимпијадата, а не како досега – подготовки во тек на 5-6 месеци – вели Стефова.

Родителите на младите и талентирани хемичари велат дека подготовките за вакви натпревари се многу комплексни и без поддршката и туторството од универзитетските професори тешко ќе се постигнуваат врвни резултати. Ова особено ќе ги погоди децата чии родители имаат поскромни финансиски можности.

Дамјан Давков

Кога Дамјан го освои среброто на ИМО2021, мајка му Никица Давкова аргументираше дека нелогичноста е во тоа што овој член за наградување го нема во Законот за основно образование. „Така на учениците кои освоија бронза на ИМО им следува стипендија бидејќи се средношколци, а на Дамјан не му следува како основец. Прашањето е дали стипендијата е за постигнатиот успех на светска олимпијада или за тоа дали е основец или средношколец? На светските олимпијади може да учествува секој што не е студент и има до 20 години (на некои до 19)“, коментираше Давкова.

Насловна фотографија: Архива на СХТМ

Сподели