Скопје ќе добие нов поетски фестивал

Со поетско читање посветено на народната поезија и фолклорот, под насловот „Стихофренија“, утревечер во 19 часот во Младинскиот културен центар ќе биде отворено првото издание на Скопскиот поетски фестивал. Ќе настапат дел од членовите на ВИС „Тркалезна маса“, ќе биде отворена и ликовна изложба на 16 ликовни уметници и графички дизајнери кои ќе се претстават со свои дела, директно инспирирани или комуницираат со конкретна песна на секој од поетите што ќе настапат на фестивалот.

Дваесетина поети од регионот и од Европа го поздравија основањето на фестивалот со видеопораки и со песни, коишто можат да се видат на инстаграм и фејсбук профилите на фестивалот, како и на нивниот јутјуб-канал.

На 2 септември, во 19 часот, на истата локација, ќе бидат претставени поетите од странство: Сергеј Тимофеев од Латвија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција, Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг од Фарските Острови и македонската поетеса Лидија Димковска, а ќе бидат емитувани и неколку куси поетски филмови.

За третиот ден на фестивалот планиран е мастерклас, односно работилница за креативно пишување поезија што ќе се одржи преку платформата „Зум“ во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Институтот за македонска литература. Работилницата ќе ја води Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, кој вакви работилници одржал и на други универзитети, меѓу кои „Оксфорд“ и „Стенфорд“.

Учесници поети: Павлина Атанасова, Биљана Стојановска, Лира Бојку, Ким Симонсен, Снежана Стојчевска, Диме Данов, Јулијана Величковска, Вонбјошт Ванг, Ива Дамјановски, Владимир Мартиновски, Лидија Димковска, Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Танос Гогос, Марија Дејановиќ и Сергеј Тимофеев.

Учесници ликовни уметници и графички дизајнери: Зоран Кардула, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Андреј Павлов, Воскресија Андреевска, Тони Попов, Марио Каев, Калин Маловски, Диме Данов, Александар Иванов, Наталија Лукомска, Филип Мартиновски, Ива Јованова, Владимир Лукаш, Емилија Мишева и Владимир Илиевски.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, како и од винаријата „Стоби“.

 

Сподели