Теа Беговска: „Sturm und Drang“ е најголемиот предизвик што сум си го задала досега

На универзитетите им беше дадено можност да ја изберат сами својата најрепрезентативна продукција која ќе учествува на фестивалот. За жал, нашите универзитети не се пријавија, но, секако во следните години повторно сите ќе бидат поканети, вели Беговска

Од 17 до 23 септември ќе се одржи првото издание на Онлајн интернационалниот алтернативен фестивал „Sturm und Drang“, што го основа режисерката Теа Беговска. Најголем залак во својата кариера – така го доживува таа. Што ќе содржи, кој ќе гостува, колку е тешко да се организира фестивал во време на пандемија, разговараме со Беговска.

Расте ли возбудата пред првото издание на фестивалот?

– Секако, возбудата е неизбежна кога правиш нешто значајно за публиката и во ова тешко време за сите нас, посебно интернационално, кога цел свет се соочува со криза. Навистина сум благодарна што имам неизмерна поддршка од сите учесници и што сите многу професионално и без размислување прифатија да бидат дел од овој наш заеднички нов почеток и нов креативен предизвик, кој верувајте беше многу тежок да се организира и менаџира со толку многу учесници и настани. Бара максимална посветеност и прецизност. Возбудата е дел од мене веќе добри 8 месеци во секојдневно спремање на фестивалот.

Прв пат организирате фестивал. Ви се покажа ли попат дека тоа е можеби голем залак?

– Во принцип сум човек што не се откажува, што оди до крај и ме води девизата дека нештото или ќе биде направено како што треба или воопшто не треба да се прави. Да, ова е најголемиот залак за мене и најголемиот предизвик што до сега сум си го дала како задача. Многу пати попатно си поставив еден куп прашања, зошто сега, зошто вака, зошто го правиш ова? Попатно многу проблеми, многу сопки, многу паѓања и станувања. Една мисла ми беше во глава – важноста за тоа да бидеш и да останеш креативен е толку голема што на крај ги победува сите недоумици, сите прашања, сите колебања. Мигот на креативност има неопислива моќ да те однесе во еден многу убав свет каде единствениот проблем е – како ова што го правиме да стане важно.

Мислам дека заедно со мојот тим покажавме голема професионалност, одговорност, прво кон самите себеси, а потоа и кон сите учесници кои на број се повеќе од 70. Да покажеш кон сите дека ова што го правиме е важно, дека е значајано, дека е дел од една заедничка приказна, е пат кој е тежок. Но, што значи тешко, ако сè она што го создаваш е со љубов и голема посветеност. Горда сум на целиот тим, на сите учесници што во овие 8 месеци активно работевме за публиката.

Со оглед на тоа дека ќе биде целосно онлајн, дали беше комплицирано да се направи концепцијата?

– Театарски европски алтернативи под мотото „Sturm und drang“, познатото револуционерно германско движење во областа на уметностите, тргна со идејата да биде фестивал на алтернативната сцена, на новите форми во областа на уметностите – платформа за интернационална промоција и соработка помеѓу различни уметници од Европа. Одамна тлее во мене оваа желба и идеја, да има кај нас, но, не се чувствував подготвена да ја реализирам. Кога дојде моментот и бев доволно силна да го поминам патот, веднаш се ставив во акција. Иако можеби за некои работи онлајн е олеснителна околност и нуди можности, сепак е доста комплицирано од технички аспект. Многу работи треба да се предвидат, многу од нив се непредвидливи, но, и многу настани можат да се реализираат интернационално без никаков проблем.

На пример, учесници буквално од цел свет имаат можност да бидат дел од работилници кои ќе се одржат онлајн. Публиката има можност да види многу продукции кои ретко можат да се погледнат во живо. Поканивме 7 универзитетски професори кои се запознаа меѓусебно, што е исто така изискателно да ги донесеш и видиш во живо.

 Кои се најважните гости, учесници што би ги издвоиле?

– Ќе имаме вкупно 11 продукции од: Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Романија, Словачка, Англија, Гранција, Италија и од Австрија. Во интернационалната програма учествуваат независни театарски групи кои работат алтернативен театар, освен една институционална продукција на Словенско Младинско која учествува со претстава на Драган Живадинов. Тоа е претстава која треба да се погледне. Театарот од Франција „Ла Бел Мениер“ е доста интересен кој веќе 40 години се бави со алтернатива. Тоа е според мене претстава која не смее да се пропушти – „Искршено на парчиња“. Сите 5 претстави во интернационалната програма се различни во својата форма и пристап и тоа е нешто што вреди да се погледне како начин на работа. Сите тие се авторски проекти освен „Хамлетмашина” од Австрија.  Учествуваат главните универзитети за уметности. Тука се НАТФИЗ, Академијата за уметности во Белград, Најголемата школа за уметност во Братислава, Академијата за радио, филм, театар и телевизија во Љубљана, Универзитетот во Краивоа и Универзитетот во Цетиње. Тука ќе ја споменам Универзитетската конференција која е важна да се погледне, посебно за младите да ги видат можностите за студирање на универзитетите надвор од нашата држава. Исто така ќе промовираме 10 студенти по актерска игра на настанот наречен „Едноминутна актерска игра“, каде студентите ќе покажат што значи за нив темата „Продор“. Програмата „Нов бран“ целосно е посветена на уметници од нашата држава. На мое големо задоволство сакам да го споменам и интернацоналното жири: Лили Абаџиева, Сашо Димоски и Бењамин Бајрамович. А во студентската програма како жири го имаме почитуваниот актер од Босна и Херцеговина, Емир Хаџихафизбеговиќ.

 Имаат ли македонските театарски уметници/студенти интерес за да учествуваат?

– Секако. Сите учесници почнав да ги контактирам уште на почетокот на месец март, знаејќи колку работа нè чека во однос на организирање на целиот фестивал. На сите им беше дадено доволно време да се подготват. Поканата важеше и за претстава и за избор на студенти и професори. На универзитетите им беше дадено можност да ја изберат сами својата најрепрезентативна продукција која ќе учествува на фестивалот. За жал, нашите универзитети не се пријавија, но, секако во следните години повторно сите ќе бидат поканети. Фестивалот ќе го затвориме со перформанс на Петар Милошевски. Земја во фокус е нашата држава за програмата „Нов бран“, каде ќе учествуваат наши поети, визуелни уметници, фотографи и музичари.

Зошто „Sturm und drang“?

– „Sturm und Drang“ или „Бура и продор“ за мене е еден многу важен период што се случил во областа на уметностите. Еден од најголемите историски периоди. Нешто што низ годините било и сè уште е инспирација за секој уметник. Самиот визуелен идентитет на фестивалот, чиј автор е Андреј Павлов, е истражуван и произлезен од самиот период. Со Андреј долго работевме на тоа како визуелно ќе го претставиме нашиот фестивал.

Кој е нашиот продор? Секоја година фестивалот во својата основа ќе го има тој продор. Нашата работа некако ја поврзавме со овој збор – дека за да се случи продор, претходно цело време наидуваме на некаков отпор. Патот на стигнување до каков бил продор е соочување токму со тој отпор.

Добивте ли помош од Министерството, приватниот сектор за реализација на фестивалот?

– Секако. Ваков фестивал не се прави без поддршка. Иако буџетот е многу мал во однос на нашите замисли и реализација, сепак благодарни сме што некој ја прочита и спозна нашата идеја во програмата на Министерството и ете ни даде можност да покажеме што сакаме да направиме. Нас буџетот не нè кочеше во идеите – рековме го правиме така како што треба, без разлика. Сакавме да покажеме што е овој фестивал и што сакаме да биде во иднина. И искрено се надевам дека ќе имаме и поголема поддршка во следните години, бидејќи оваа година фестивалот направи и повеќе од тоа со што располага. Се надевам дека оваа година ќе ја препознаат нашата работа и идеја. Му посакувам на фестивалот издание во живо следната година. Благодарна сум на сите мои пријатели кои ја прифатија поканата и кои неизмерно нè поддржаа. Некои од продукциите чинат многу, станува збор за авторски дела, плус независна сцена. Имаме имиња кои прифатија да бидат дел од фестивалот на своја добра волја, да дадат поддршка. Затоа долго размислувавме дали да има некаков билет, но, на крај се одлучивме за симболична цена на билетот, а на тој начин публиката да ја поддржи алтернативната сцена, иако студентските претстави ќе бидат бесплатни за гледање.

Што се однесува до приватниот сектор, искрено не баравме поддршка од некој, бидејќи тоа бара еден посебен ангажман кој ќе го резлизираме се надевам во следните години. Но, секако сме отворени за соработка. И тимот на фестивалот сега е многу мал, токму поради буџетот, но, тимот ќе расте. Му посакувам на фестивалот тим кој ќе биде нова свежина на алтернативната сцена.

Насловна фотографија: Антонио Станков

Сподели