После секое предавање како да сум бил на сеанса кај ептен добар психолог – проф. д-р Владимир Групчев

Неодамна внука ми која студира во Македонија ми кажа дека морала да бара врски само за да си го види тестот, да види каде згрешила и да си ги поправи сопствените грешки. Недопустливо и морално погрешно, вели Групчев, професор на Универзитет на Јужна Флорида

Го фасцинира работата како професор, нешто што до ден-денес го прави со страст. Вели дека образовните разлики меѓу САД и Македонија се големи, а нешто што веднаш би вградил во нашиот систем е односот помеѓу професорот и студентот. Проф. Д-р Владимир Групчев летово го помина во родниот Охрид со семејството. Живее во Тампа, Флорида и предава на отсекот за математика на Универзитет на Јужна Флорида. Во САД заминал во 2005 година, следејќи ја љубовта на својот живот, Ангела Ангелеска. И таа е професорка по математика. Со Групчев разговараме за неговата научна дејност на полето на математиката и информатиката, за разликите во американскиот и македонскиот образовен систем, за можноста македонските научници што работат во странство своите искуства да го пренесат тука.

Образованието во Македонија го комплетиравте со дипломска работа полето на компјутерските науки. Во тој период оваа насока беше во рамките на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Зошто решивте токму тоа да студирате?

– Да, таа насока во тоа време беше дел од ПМФ во Скопје. Искрено, пред запишувањето на тој отсек имав мала дилема дали да се запишам на отсекот за математика или на тој за информатика. Три работи придонесоа да конечно се одлучам за информатика: имав афинитети за програмирање уште од поодамна (уште од, за нас, магичниот Commodore 64), половина од предметите беа чисто математички, со што би си го задоволил и математичкиот апетит и увидов дека „мешање“ на науки е добар избор.

Проф. д-р Владимир Групчев

Од денешен аспект, каква основа Ви даде образованието стекнато во Македонија за тоа што следеше понатаму?

– Основата што ја стекнав во Македонија, за мене, е бесценета. Целото образование (основно/средно/факултет) беше на едно многу високо ниво и знаењето што го добив ме направи да не се „плашам“ да продолжам со постдипломски студии. Начинот на кој се одвиваше факултетското образование во одделот за користена литература (книги), во некоја смисла и отежнато за нас студентите затоа што моравме да се снаоѓаме со литература, најчесто користејќи препишани/фотокопирани записи, направи да ми е многу полесно кога на постдипломските студии литературата беше лесно достапна. Во принцип, сфатив дека ако си се помачил за нешто во животот, потоа патот е малку полесен.

Како се случи да заминете во САД?

– Без да звучам холивудски, ја следев љубовта на мојот живот. Мојата тогашна девојка, а сега и сопруга, замина на постдипломски студии во САД во 2003 година. Две години подоцна, откога заврши со магистерските, прашањето беше дали таа да прекине со постдипломските и да се врати во Македонија, или да продолжи со докторски, а јас да заминам во САД. Одлучивме јас да ѝ се придружам во САД, запишувајќи се на постдипломски студии, магистерски по математика, а потоа и докторски по информатика, а таа продолжи и ги заврши докторските науки по математика.

Во 2007 година магистриравте на Универзитетот во Јужна Флорида на математика. Компјутерски науки и математика се сами по себе нераздвојни, но може да се гледаат и сосема независно како науки. Како ги споивте во поглед на Вашиот научен интерес?

– Во основата на (скоро) сите природни науки лежи математиката, ни компјутерските науки не се исклучок. Во зависност од тоа на кое ниво меѓу теорија и примена работите, математиката е повеќе или помалку потребна/вклучена. Јас подеднакво бев заинтригиран и од математиката и од информатиката. Кога прво почнав да работам на компјутер, нормално исклучувајќи ги неминовните игри, времето го минував со апликативни програми, за кои не беше баш потребно некакво математичко предзнаење. Тоа како фаза многу брзо ми помина, и за кратко време преминав на програмирање. Меѓутоа, како што навлегував во програмирањето, сфатив дека пишувањето на алгоритми е тоа што е основа на секоја програма. Се насочив натаму. Алгоритмите во суштина се базираат повеќе на теорија и има потреба од познавање на многу математички дисциплини. При креирање на алгоритми, целта е математички да се докаже дека тој одреден алгоритам е доволно брз за да е практичен. Па затоа се изработуваат математички модели кои покажуваат колкава е брзината на извршување на алгоритамот, како и обемот на користење на ресурси (како процесор, меморија, диск, итн). Тоа беше спојот меѓу математиката и информатиката што јас го искористив.

Докториравте во 2015 година на темата „Подобрување на анализата на научните системи“ На што се однесува Вашата дисертација?

– Благодарение на напредокот на модерните компјутерски системи за симулации, многу научни апликации генерираат огромни количества податоци. Научните истражувања во многу аспекти се базираат врз прецизна анализа на тие податоци. Меѓутоа, самата големина на тие бази на генерирани податоци наметнува големи предизвици и проблеми во процесот на анализирање на системот. Во мојата докторска дисертација претставив нова техника со цел да се подобри анализата на тие научни системи. Развив ефикасен метод за пресметка на една аналитичка структура нарачена хистограм (дијаграм) на просторно растојание (ХПР). Овој хистограм ги содржи растојанијата меѓу сите честички во еден симулиран систем.

Во принцип мојот метод ги пресметува, и тоа многу брзо и ефикасно, овие растојанија меѓу сите честички во еден т.н. молекуларен систем, во кој бројот на честичките (атоми, молекули, или сл.) е енормно голем (милиони честички). Овие растојанија потоа се користат во процесот на научна анализа на системот, и тоа од повеќе аспекти. Еден аспект е т.н. функција на радијална дистрибуција (ФРД), која опишува како се менува густината (на честичките) во зависност од растојанието од една предодредена честичка. А ХПР, кој беше и цел на моето истражување, е дискретна апроксимација на ФРД. Така, пресметувајќи го ХПР, всушност ја пресметував ФДР, која други научници би ја користеле за да го анализираат дадениот систем. Покрај тој метод, развив и математички модел со кој ги анализирав механизмите што доведуваа до грешки во пресметките. Базирајќи се врз тој математички модел, креирав и т.н. приближен алгоритам (approximate algorithm) кој пресметува тоа што сте му задале (во мојот случај растојанија меѓу две честички) со задоволителна мерка на контролирана грешка. Тој алгоритам работеше со многу подобрен сооднос меѓу брзината на пресметките и точноста на истите, па истиот може да биде користен многу поефикасно од страна на други научници при анализа на нивните научни системи.

Во изминатите 16 години работевте на повеќе различни позиции. Што би издвоиле како незаборавно искуство, нешто на што во иднина повторно би се вратиле?

– Дефинитивно работата како професор, што и до ден денес го правам со страст. Уште како студент на ПМФ имав желба да помогнам некому со тековниот материјал којшто јас сум го совладал. Со тек на време, почнав да држам и приватни часови (по информатика и математика), на студенти кои имаа потреба од тутор. Низ моите постдипломски студии во САД работев како асистент, и една од моите задачи беше и предавање/држење часови. Уште пред да докторирам знаев која ќе биде мојата идна работна определба – професор на факултет. Ако треба едно нешто да издвојам како незаборавно искуство, што впрочем и ден денес го искусувам секогаш кога ќе влезам на час, тоа е колку предавањето делува смирувачки врз мене. Секое предавање за миг ме исклучува од секојдневните проблеми, и некако ми ги полни батериите. Како да сум бил на некаква сеанса со некој ептен добар психолог. А, ако треба, еве и три други добри причини да се биде универзитетски професор: јуни, јули и август (демек летен распуст).

Што е во фокусот на Вашиот научен интерес во моментот?

– Во моментов сум фокусиран на подобрување на методите на предавање (teaching methods) во математичката едукација. Моментално сум координатор за еден од основните математички часови (College Algebra). Годишно тој предмет го слушаат околу 2.000 студенти, па мислам дека вреди да се посвети малку време за подобрување на наставните методи. За појаснување, групите што ги слушаат овие предмети бројат околу 250-300 студенти, па понекогаш регуларните методи на предавање не се баш најсоодветни. Една од работите на кои работам е користењето на методи на т.н. наведено учење (guided inquiry), во кое професорот им помага на студентите да го користат својот сопствен јазик (како говор) за конструирање на знаење, со помош на активно слушање и прашување (од страна на студентите). Предноста на ваков тип на „предавање“ се состои во тоа што студентите треба да поминат низ неколку фази за сами да го формулираат знаењето, вклучувајќи и поставувања на прашања во процесот што инаку не би ги имале. Така стекнатото знаење останува подлабоко врежано во нивниот мозок (за разлика од само да го слушнале истото од професорот). Со други зборови, студентите се активно вклучени во креирањето на знаењето.

Друга насока на која исто така работам се т.н. flipped classes. Регуларен час е час во кој професорот го предава новиот материјал, а студентите слушаат и поставуваат прашања, доколку имаат. Кога студентите ќе одат дома, тие сами мораат да работат на поставените задачи. Во flipped classes професорот ги снима своите предавања и ги поставува онлајн, за студентите да ги гледаат пред да дојдат на час. На часот тие се веќе запознаени со „новата“ лекцијата и веќе решаваат задачи кои професорот ги дизајнирал за да го потврди знаењето на студентите за конкретната лекција. Во текот на часот студентите прашуваат конкретни прашања за задачите на кои работат. Бидејќи студентите претходно ја гледале лекцијата преку видеото, прашањата што ги имаат се поконкретни и подетаљни. Предностите на овој тип на час би биле:
– Студентите можат да поминат онолку време со лекцијата колку што им е потребно, и по потреба можат да го вратат видеото за да потврдат некој концепт;
– Професорот е присутен (на часот) за да одговори на прашања кои студентите ги имаат при решавање на поставените задачи, со што веднаш им се „расчистуваат“ непознатите работи;
– Решавајќи ги задачите на часот, студентите го зацврстуваат нивното знаење за тековната лекција

САД и Македонија – две земји со многу различни образовни системи. Што е добро таму, а може да се имплементира тука?

– Ако треба да издвојам една работа, тоа ќе биде односот професор кон студент. Во САД целиот тој однос е многу порелаксиран, класи потранспарентен, и покоректен. Прво, студентот има увид во своите домашни (да, и студентите имаат домашни), квизови, и тестови во секој момент. Нели најдобро се учи од сопствените грешки? Меѓутоа, тоа не е случај во Македонија. Неодамна внука ми која студира во Македонија ми кажа дека морала да бара врски само за да си го види тестот (одговорите на испитните прашања). Само за да види каде згрешила и да си ги поправи сопствените грешки. Недопустливо и морално погрешно. Второ, ако професорот (или неговиот асистент) направил грешка при прегледувањето, таа грешка многу лесно се исправа. Сè што треба студентот да направи е да разговара со професорот и да ја посочи наводната грешка. За разлика од тоа, во Македонија, барем во мое време, беше нечуено професорот да исправи своја грешка (како може професор да направи грешка?!). Од многу професори впрочем имавме и страв воопшто да прашаме нешто, да не случајно не запаметат па да имаме дополнителни маки на следниот испит. Па, така, и не прашувавме, што можеби беше и наша грешка. Искрено, сега не знам како е, и се надевам дека е подобрено.

И трето, професорите во САД се многу (МНОГУ) подостапни за студентите, дали за консултации, за прашања за некое предавање или за да позборуваат генерално како може студентот да се подобри во класот. Таму професорите, уште на почеток на семестарот, имаат наведено распоред со денови/часови за консултации (минимум 3 часа неделно, ама во принцип многу повеќе), и во тие одредени денови/часови професорот е во канцеларија, со подотворена врата и секој може да влезе – без претходна најава. А и во случај студентот да не може да стигне во наведените термини најчесто професорите се флексибилни и би се сретнале во друго време, само за да му помогнат на студентот. Се сеќавам дека и некои од моите професори на ПМФ имаа такви распореди отпечатени и залепени на нивните канцеларии – ама само тоа и останаа, распореди на ливче. Една интересна случка што им се случи на мојата сопруга и нејзината колешка, и ми е врежана од моите студентски денови на ПМФ, како мал доказ за тоа каков беше (не)односот на нашите професори: после неколку дена од полагање на испит кај еден професор, на вратата од неговата канцеларија виделе ливче со текст „Резултати утре во 9“. И, нормално како добри студенти, утредента отишле до ПМФ, и пред канцеларијата биле нацртани накај 9.15. На нивно изненадување, истото ливче си стоело на вратата, а професорот не бил внатре (провериле). И така 10 дена. Е сега, професорот на крај имал право, резултатите биле објавени (некое) утре во 9, но по долги 10 дена откако ливчето било закачено.

Многу научници од Македонија работат во престижни институции во странство. За многу од нив Македонија нема капацитет да ги задоволи нивните научни потреби. Има ли начин да се поврзете со универзитетите тука, да воспоставите некоја форма на матичност, макар и формална, па дел од стекнатите искуства да ги пренесете и во татковината?

– Не гледам зошто не би можело. Секој (или скоро секој) кој успеал, било во странство или во Македонија, би сакал да го сподели своето искуство со секој што би слушал. Земајќи го во предвид и фактот дека научниците се најчесто и професори, тие и ја имаат таа професионална деформација на држење предавања – само дајте им простор. Исто така, многу од овие професори скоро секое лето се во Македонија. Сè што треба да се направи, барем за почеток, е некаква покана (добро би било да е официјална, од факултетот) со која би се поканиле тие професори/научници за да одржат предавање, или да бидат дел од некој семинар на кој би ги изложиле своите сознанија на разни теми. Искрено верувам дека секој (од нас) би бил почестен да се врати во својот матичен факултет и да сподели искуства било со тамошните професори, или со студентите. Верувам секој од нас соработува со пријатели/колеги од овдешните факултети сите на некој начин на лично ниво. Но, би било добро тоа да се пренесе на едно повисоко ниво, да вклучи и студенти, кои ако ништо друго би научиле какви се постдипломските студии надвор од Македонија.

Пред 3-4 години враќајќи се со сопругата (која исто така е професор по математика на универзитет во САД) пешки од плажа во нашиот убав Охрид, почна наеднаш да врне и се сокривме под стреата на „Св. Софија“. Таму имаше една група млади луѓе кои внимателно слушаа што зборува една 40 годишна жена – таа им ја раскажуваше сопствената животна приказна за тоа како успеала, на своја рака и со сопствен труд, од продавачка во „Тинекс“ да стане програмер и да заработува солидно онлајн. Заинтригирани од приказната, и ние останавме да слушаме иако дождот престана. По „предавањето“, се запознавме со иницијаторот на таа средба – Афродита која тогаш беше професор по информатика во Охридската гимназија. А групата млади луѓе беа нејзините ученици. Таа цело лето им организирала некакви настани, вклучувајќи го и овој. Фасцинирани од нејзината волонтерска активност ние веднаш ја прифативме поканата да одржиме неформална средба со нејзините ученици. Им ги раскажавме нашите приказни и се обидовме да одговориме на нивните прашања. Тој ден сите си отидовме по дома среќни и исполнети. Ете колку малку треба за каква-таква соработка и размена за искуства – само да заврне дожд.

Фотографии: Лора Лион, Универзитет на Јужна Флорида (Laura Lyon, USF)

Сподели