Да се организира фестивал како СВП е предизвик во нормални услови, а двојно поголем во пандемија

Не случајно, Струшките вечери на поезијата се основани во спомен на едни од најзначајните стружани, браќата Миладиновци, кои непогрешливо заклучиле дека народните песни, народната поезија се најсилното обележје на идентитетот на еден народ, вели Тодорче Тасевски

Пишува: Александра Јуруковска

Да се организира јубилејно 60. издание на Струшките вечери на поезијата, еден од најстарите поетски фестивали во Европа, е предизвик и во нормални услови, двојно поголем во пандемија. Но сите, од членовите на Управнот одбор и Уметничкиот совет, преку редовно вработените, па сè до хонорарно ангажираните соработници сме максимално посветени да се зачува континуитетот на фестивалот, вели Тодорче Тасевски, директор на Струшките вечери на поезијата во интервјуто за Умно.мк. Околу 30 странски и дваесетина домашни поети ќе учествуваат во главните фестивалски читања на 60. издание на поетскиот фестивал Струшки вечери на поезијата кој ќе почне утре, тредидционално, последниот четврток во август. Најголем дел од гостите ќе дојдат во Струга. Британската поетеса Керол Ен Дафи, добитничка на „Златниот венец“ сепак ќе има специјално обраќање и читање преку видео. Таа најави дека догодина ќе ја посети Струга.

Каков е предизвикот да се организира јубилејното 60. издание на фестивал од ваков калибар во пандемиски услови?

– Да се организира јубилејно 60. издание на Струшките вечери на поезијата, еден од најстарите поетски фестивали во Европа, е предизвик и во нормални услови. Предизвикот е двојно поголем кога треба да се организира во услови на пандемија, која наспроти првичните прогнози дека ќе заврши минатата година, и оваа година повторно зема замав со изгледи да опстојува и идната година. Дури може да се каже дека минатата година иако бевме затекнати од пандемијата, развивме сценарио во кое однапред, од објективни причини одлучивме дека странските поети без исклучок ќе бидат претставени преку видео читања, а домашните поети ќе бидат физички присутни и успеавме да организираме едно хибридно издание на Фестивалот.

За среќа, минатиот август состојбата со новозаразени беше стабилизирана, за разлика од сега кога новиот бран почна во време на завршните подготвки за Фестивалот. И покрај сè, успеавме да се прилагодиме и можам да кажам дека Струшките вечери на поезијата ќе се одржат со целосно почитување на најновите мерки за заштита од коронавирусот.
Околу 30 странски поети, од кои најголемиот дел со физичко присуство и дваесетина домашни поети ќе учествуваат во главните фестивалски читања. Во склоп на програмата се предвидени меморијални чествувања на доајените на македонската поезија, Анте Поповски и Богомил Ѓузел, а како специјален настан е промоцијата на монографскотото издание „Избор од поезијата и кратката проза од Блаже Конески“ како дел од Националната програма со која се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот на македонската култура. Минатата година покажа дека отворената покриена тераса на хотел „Дрим“ може да се адаптира во сцена на која безбедно може да се организираат главните фестивалски настани, а така ќе биде и оваа година. Секако, тоа е изнудена замена за локациите на кои вообичаено се случуваат главните настани (платото пред Центарот за култура и Мостот на поезијата), но бидејќи Струшките вечери се единствениот голем фестивал кој се организира на јавен простор, ризикот по однос на јавното здравје во овие услови, со оглед на големиот интерес и присуството на публика, е преголем.

Летната сцена во склоп на Центарот за култура, којашто има услови за контролиран влез и исполнетност на капацитетот согласно пропишаните мерки исто така ќе биде местото каде што ќе се одржува дел од програмата на Фестивалот. Од друга страна, од 2019 година програмата на фестивалот, целосно се пренесува во живо на официјалниот Youtube канал нa СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од страна на поширок аудиториум.

Што за вас и тимот значи аманетот – продолжување на традицијата на СВП?

– Струшките вечери на поезијата се соочија со можеби најголемиот предизвик од нивното основање. И претходно имало ситуации кога се доведувало во прашање одржувањето на Фестивалот: воениот конфликт од 2001 година, тензиите што ескалираа со територијалната поделба во 2004 година, но тогашните раководства на Струшките вечери на поезијата наоѓале начин да се справат со огромните потешкотии и да го зачуваат континуитетот на Фестивалот. И тоа на некој начин нè обврзува и нè мотивира да истраеме и во овие околности на глобалната закана предизвикана од пандемијата.

Струшките вечери имаат имресивна традиција и единствено екстремните околности што можеа да резултираат со забрана за организирање на настани од секаков вид и што беа причини за одложување или откажување на многу познати светски фестивали, ќе не принудеа да организираме онлајн издание на фестивалот. Сите, од членовите на Управнот одбор и Уметничкиот совет, преку редовно вработените, па сè до хонорарно ангажираните соработници се максимално посветени да се зачува континуитетот на Струшките вечери на поезијата.

На што упатува годинашното мото: „Извишени сведоштва, возвишени стихови“?

– Заедно со креативниот тим со кој успешно соработувавме изминативе две години, уште од минатата година почнавме да размислуваме за мотив што непосредно би упатувал на јубилејот на СВП. Се наметна идејата дека Паркот на поезијата, создаден преку симболичниот чин на засадување дрво од страна на лауреатите е непосреден симбол што упатува на растот на Фестивалот, на сите изминати години во кои се придодавало по уште една засадена фиданка како живо сведоштво за сите лауреати што дошле во Струга и залог за иднината.

Секоја година стеблата нараснуваат за уште еден год, уште еден круг. Нивните разлистени крошни се извишуваат кон бесконечноста и прават свод што Паркот го престорува во Храм на поезијата. Преку годинешното мото сакавме да го доведеме Паркот на поезијата во фокусот на вниманието не само на струшката туку и на целата македонска јавност, да ја потенцираме неговата вредност и уникатност и да ја подигнеме свеста дека треба да се грижиме не само за Паркот на поезијата, туку и за јавниот простор воопшто.

Во широк општествен контекст кога светот, па и човештвото се менуваат, каква е моќта на поезијата?

– Моќта на поезијата, во сегашниве околности по малку парадоксално се манифестира кога човештвото се соочува со сопствената немоќ, кога навидум стабилните проекции за прогрес и супериорност се рушат пред глобалните предизвици поврзани со пандемијата, климатските промени, масивното раселување заради воени кризи и радикални идеологии. Во такви околности, поезијата, односно поривот да се преточи сета комплексност на спектарот од човечки емоции преку јазикот и тоа преку онаа форма на јазичен израз што треба да биде збиен, а да изрази множество од значења повторно ни покажува дека во нас постои стремежот за убавина, смисла и вистина.

Како гледате на поезијата и на фестивалот во однос на македонскиот јазик и идентитет, повторно во бурни времиња и оспорувања?

– Поезијата е најсублимираната форма на секој јазик, вклучително и на македонскиот јазик. Не случајно, Струшките вечери на поезијата се основани во спомен на едни од најзначајните стружани, браќата Миладиновци, кои непогрешливо заклучиле дека народните песни, народната поезија се најсилното обележје на идентитетот на еден народ.

Тодорче Тасевски

Нивната благородна мисија, да го соберат народното творештво и да го издадат во Зборникот на народни песни се збогатила и со стремежот на најмладиот од нив, Константин, врз примерот на народната поезија, да создаде и сопствена поезија со што станува основоположник на модерната македонска поезија. Струшките вечери на поезијата во нивното 60-годишно постоење, освен што ги донеле во Струга најголемите светски поети од втората половина на 20. век и почетокот на 21. век, придонеле да се афирмира македонската поезија и македонскиот јазик до степен што ја зацврстиле неговата положба како рамноправен член на големото семејство на светски јазици. И тоа, покрај сите оспорувања е неоспорен факт.

Фото: Архива на СВП

Сподели