„Disturbed Earth (Вознемирена земја)“ го снимавме цели 5 години. Секоја година одевме во различни годишни времиња. Понекогаш воопшто не снимавме, сакавме само да бидеме со луѓето, со фамилиите што станаа дел од филмот. Нова година, Божиќ, Бајрам, но и годишници од геноцидот – проаѓавме заедно со нив низ сè – вели режисерката Новакова, која е коавтор на документарецот чија премиера ќе биде вечерва во Сараево
„Disturbed Earth (Вознемирена земја)“ е филм што ја истражува сегашноста во Сребреница преку три портрети на луѓе што се вратиле да живеат во своите домови и покрај сè. Но, филмскиот јазик е доста сензорен и се гради врз константниот дијалог помеѓу луѓето, просторот, природата, минатото, сегашноста, па дури и иднината. Тоа е аудиовизуелно сензорно патување во простор каде сегашностa е заробена од минатото, каде колективната болка е дел од пејзажот – вели режисерката Кумјана Новакова, која е коавтор на филмот чија светска премиера ќе се случи вечерва на Сараевскиот филмски фестивал.
Новакова, кустос во Музејот на современата уметност во Скопје, но и основач на „Право Људски“ – филмскиот фестивал и едукативна платформа во Сараево, за читателите на Умно.мк споделува повеќе за идејата на филмот што го сними заедно со шпанскиот режисер Гиљермо Карерас-Канди.

Кумјана Новакова
Новакова дипломиралa Меѓународни односи со специјализација Балканистика на Универзитетот за светска и национална економија во Софија. Предавала на неколку постдипломски програми во Центарот за интердисциплинарни постдипломски студии на Универзитетот во Сараево и работела како академски тутор на магистерската програма по демократија и човекови права во Југоисточна Европа. Нејзините истражувачки интереси вклучуваат етницитет, национализам и теории на идентитет и европеизација, а посебен интерес има за општествено ангажираниот креативен документарен филм.
Во филмот имате направено интересен спој на соработници од различни земји. Како настана „Вознемирена земја“?
– Со Гиљермо се запознавме во Сараево во 2009 година и оттогаш работиме заедно на различни филмски проекти низ целиот регион на бивша Југославија. Јас живеев во Босна и Херцеговина од 2002 година и повеќе од 10 години не се осмелував да ја посетам Сребреница. Тоа беше местото во Босна со кое не се осмелив да се соочам додека не почувствував дека ги разбирам комплексностите на земјата, иако потекнувам од место што толку многу дели со Босна и Босанците. Но, во 2013 година, „Право Људски“, филмскиот фестивал и едукативна платформа за филм што ја водам, организираше патувачко кино на отворено, прикажувајќи го Чаплин во мали градови во целата земја.
Јас и Гиљермо веќе работевме заедно повеќе од четири години, па решивме да снимаме во текот на патувањето. Прва станица беше Сребреница. Таму, само неколку часа по пристигнувањето, веќе се најдовме како снимаме тетка што ја учи својата внука тинејџерка да прави колач. Ни го отворија домот толку природно и спонтано… И така, ние учевме да готвиме во домот на жена што живее во зградата на улицата која ја гледате на сите слики од падот на Сребреница, по која се спуштаат луѓе очајнички бегајќи кон базата на ООН за да бидат спасени… Знаеме како ќе заврши тоа.

Сребреница
Една година подоцна стана јасно дека градот остана да живее со двајцата. Уште поважно, потребата да се биде со градот остана со нас. Значи, се вративме назад. Од тој момент, Сребреница стана дел од нашиот живот – со сè што тоа вклучува. Продукциски, дел од филмот се платформите со кои двајцата соработуваме: „Ацукак филмс“ (Atzucac Films) и „Право Људски“ (Pravo Ljudski), додека копродуцент е Каталонската ТеВе3 (TV3).
Филмот ќе има светска премиера на Сараевскиот филмски фестивал. Возбудени ли сте што токму таму публиката прв пат ќе го види?
– За нас е многу важно светската премиера токму на овој филм ќе биде во Сараево. Не постои поважно место на светот за овој филм. Секако, се надеваме дека филмот ќе најде начин да се поврзе со публиката и ќе создаде нов мал простор за размислување и рефлексија, не само за Сребреница на војната и геноцидот, но и Сребреница денес.
На што ставате фокус во приказната?
– Филмот ја истражува сегашноста во Сребреница преку три портрети на луѓе што се вратиле да живеат во своите домови и покрај сè. Но, филмскиот јазик е доста сензорен, и се гради врза константниот дијалог помеѓу луѓето, просторот, природата, минатото, сегашноста, па дури и иднината. Тоа е аудиовизуелно сензорно патување во простор каде сегашностa е заробена од минатото, каде колективната болка е дел од пејзажот. Но, едноставноста во живеењето на Сречко, Мирза и Мејра, кои се дел од „Вознемирена земја“ ја раслојува и приближува таа комплексност до точка во која сфаќаме дека Сребреница е дел од нашата реалност, дел од сите нас. Сребреница сме ние. А тоа повлекува одговорност и кон минатото и кон сегашноста и кон иднината.
„SOLO MODE“ НА ТАМАРА КОТЕВСКА И „СЕВЕРЕН ПОЛ“ НА МАРИЈА АПЧЕВСКА ВО ТРКА ЗА „СРЦЕТО НА САРАЕВО“
Се зафативте со Сребреница, место кое светот, а особено босанскиот народ, никогаш нема да го заборави. Како течеше процесот на снимањето?
– Сребреница е комплексно искуство за секого и од самиот почеток ни беше јасно дека не можеме да ја изразиме комплексноста само преку слика и звук на просторот во денешно време. Откако ќе почнете да ја живеете реалноста на Сребреница во денешно време – како и секое друго место – оваа реалност отвора процес во вас. Она што ја прави различна Сребреница, барем за нас, е потребата да се истражи овој процес понатаму, да се остави простор за рефлексија и промислување, бидејќи има потенцијал да придонесе за посеопфатен општествен процес на разбирање на неправдата и конечно борба против неа.

Од тие причини, моравме да си дадеме време. Снимавме цели 5 години. Секоја година одевме во сите различни годишни времиња. Понекогаш воопшто не снимавме, сакавме само да бидеме со луѓето – со фамилиите кои станаа дел од филмот. Нова година, Божиќ, Бајрам, но и годишници од геноцидот – проаѓавме заедно со нив низ сè. Станавме фамилија. Станавме дел од градот и просторот. Ги научивме планините, селата, фамилиите. После снимањето, во процесот на монтажа, филмот стана тоа што е. Имавме среќа да соработувавме со Јелена Максимовиќ, за нас најдобрата монтажерка во регионот. Ова е моја втора соработка со Јелена, и овој филм ù должи многу.
„СТЕЛА“ И „СЕВЕРЕН ПОЛ“ НА САРАЕВСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ПРОГРАМАТА TEENARENA
Како го одбравте насловот?
– Покрај оригиналниот снимен материјал, филмот користи и друг тип материјал: архивски материјал и текст. Но, архивскиот материјал не е каков било – секоја архивска слика во филмот е форензички материјал и е дел од доказниот материјал користен во судењата на Меѓународниот суд во Хаг за Југославија (ICTY), а во врска со случувањата од јули 1995 година во Сребреница. Дел од тие форензички слики се насловени со терминот „вознемирена земја“, а се доказен материјал за масовни гробници во кои се кријат остатоците на илјадници жртви од геноцидот. Со други зборови, вознемирена земја е форензички термин за земја чија структура и текстура е променета преку човечка интервенција.

Сцена од филмот „Вознемирена земја“
Какви проекти Ве очекуваат во наредниот период?
– Секогаш работам на неколку проекти истовремено и во следниот период ќе бидам фокусирана малку повеќе на моите кураторски проекти во областа на филмот и аудиовизуелните уметности, како и на образовните проекти, бидејќи филмските проекти на кои работам се во фаза на развој. Предавам креативен документарен филм на Универзитетот за филм ЕSCAC во Барселона и спремам неколку работилници за филм за млади од регионот.





