121 година подоцна, во селото Смилево почнува своевидна културна револуција, како пандан на историските настани исклучително важни за македонската историја. Главната манифестацијата се одржува денеска и утре со преформанси, изложби, концерти
Во кој здраворазумен правец би сакале да се движи идентитетот на еден народ или поединец? Културата е најбезбедното просторно-временско прибежиште и најстабилна идентитетска опора. Во оваа сложена идентитетска чворологија, дали нешто ќе изгубиме од историјата не е толку важно, најважно е дали се јавуваат нови форми на родољубие, вели Влатко Деловски, директор на една од најмладите културни институции во земјава, Манифестацијата „Смилевски конкрес“. Удомена во куќата на револуционерот Даме Груев во демирхисарското село Смилево, новата институција веќе организира перформанси и концерти кои поминуваат одлично. 121 година подоцна, во селото Смилево почнува своевидна културна револуција, како пандан на историските настани исклучително важни за македонската историја. Главната манифестацијата се одржува денеска и утре со преформанси, изложби, концерти.

Зошто беше важно да се создаде нова Национална установа Манифестација „Смилевски конгрес“? Според Деловски, би било многу лошо доколку се остане на оние познати традиционални јазли, веќе изживеани изразни стилови.
– Тоа би ја оковало мислата. Па и, да кажам, би се јавиле како пречка во ослободувањето на личноста и во нејзиното самопотврдување. Бидејќи, сè што е типизирано и сè што добило само еден облик, донекаде веќе скаменета фиксација, поставува граници на личното доживување на реалноста и на реализирањето на идентитетот на еден народ или личност во новото време. Дали ќе прогресираме во ова liquid society – тоа е прашање на кое не можам да одговорам, оти идентитетот ја дели судбината на своите носители. Меѓутоа, Манифестацијата „Смилевски конгрес“ ја гледам во сложеноста на таа задача, односно постојано да е во чекор со реактуелизацијата на културното наследство. Оттука, се оправдува вашиот заклучок дека во село Смилево започнува своевидна културна револуција – вели тој.

Во Смилево веќе се случува концерти и други културни настани. Во селото денес живеат околу 180 луѓе. Има и млади, кои заедно со село Обедник можат да спарат некоја училишна паралелка, вели Деловски. На прашањето како реагираат на концертите во селската кооперација тој објаснува:
– Треба да има во самиот човек некоја дарба за препознавање на таа радост што им се случува во душата на мештаните. Многу е тешко за човека да биде осамен. Осамата е, можеби, една од најголемите несреќи на современото општество. Потребата на човекот да е радосен, окружен со убави луѓе, е трајна. Штом нивната потреба е таква, ние сме задоволни ако барем малку придонесеме во таа сеопшта радост.
Манифестацијата „Смилевски конгрес“ преку креативна културна политика ќе се обиде да презентира авторски дела од културата чија мисија ќе биде едно поинакво читање на народната и современата култура, како жива материја и коректив во современото визуелно општество.

Влатко Деловски (десно)
Во тимот има стручни лица од културата, истакнати и докажани во својата област кои имаат заеднички став – квалитетната авторска култура е генератор на вистински вредности, клучни за нашето современо живеење и светоглед. Целта на манифестацијата е универзална: презентација и прослава на светското културно богатство преку дисперзирана култура (надвор од градот), естетско уживање, културна размена и соработка.
Прашање е, во време на драматични миграции, колку може еден ваков концепт да поттикне заживување на руралните средини, преку развој на културата? Има ли можност Смилево да развива сместувачки капацитети за побројна публика како еден начин за економски развој? Според Деловски, болеста на економски неразвиените земји е токму таа миграција, но културата и уметноста се поважна од лебот и секако дека врши актуелизација и заживување на руралните средини.

– Но, кога говориме за обновување, за реално оживување на селата, треба да водиме сметка дека обновувањето на животот во село не може да се врши само на планот на културата или уметноста. На луѓето им треба економија, здравство, образование, инфраструктура, услови за живот. Тоа е основното. Секако дека Смилево има можност да развива сместувачки капацитети. Стратегијата за тоа треба да оди во два правци: нови содржини (како Смилевски конгрес) и инфраструктура за тие нови содржини. Никакво или сосем површно артистичко обновување имаме таму каде што се експериментира со културата како таква – ad hoc, без притоа да има достојна финансиска помош секоја година, континуитет, развојна културна политика и патна и сместувачка инфраструктура – дециден е тој.





