Уметниците се враќаат во Смилево – концерти, перформанси, изложби

Демирхисарското село Смилево викендов повторно ќе заживее, впрочем како што веќе неколкупати се освежи со убава енергија, музика, муабет и врева. Новата национална установа, Манифестација „Смилевски конгрес“ на 17 и 18 мај го реализираат првиот комплексен настан – главната програма. На двете фестивалски вечери им претходат и други активности, како изработка на ленд арт инсталација која имала функција на сценографија на која ќе се изведуваат двете фестивалски вечери.

Првата вечер на 17 мај почнува во 19.30 часот и е наречена Омаја. Таа е насочена повеќе кон традиционалниот аспект на манифестацијата, каде традицијата е во служба на наративот, а никогаш чисто покажување на техника.

– Омаја е митолошко битие од словенскиот фолклор чија основна карактеристика се сметала способноста да омајува – омаѓија (омае, замае), да маѓепса. Замајувањето во оваа смисла било сфатено како моќ за промена на нечија перцепција. Промена на перцепцијата за културната меморија како жива материја, нешто што е во постојано движење, е начело на манифестацијата – велат од „Смилевски конгрес“.

Првиот мултидисциплинарен настан во оваа вечер, во форма на музички и визуелни колоритни творби, ќе се обиде да ги детерминира и да приложи одредена поетика за трите суштински аспекти на проектот: музички, визуелен и изложбен. Перформансот ќе биде изведен во куќата каде што е роден Даме Груев која воедно е седиште на националната установа. Вториот дел од фестивалската вечер Омаја замислен како прослава и славење на основањето на манифестацијата ќе биде обележан преку музички концерт. Некои од уметниците ќе направат музички современ осврт на познатата песна „Смилево славно в оган гори“. Целиот настан, преку ХНУ (истражувачко студио за храна, наука и уметност), ќе биде поддржан со кулинарските способности на некои уметници: уметниците готват специфични рецепти од нивната кујна и кулинарски навики за публиката.

Во живо ќе готват: Пеце Николовски, Борче Василевски, Анастасија Трајковска, Александра Николовска и Сашо Алушевски. Потоа концерт ќе одржат Филип Букршлиев, Благојче Томевски и Доријан Јовановиќ. Обединети од називот „Клинка“ ќе бидат изложени инсталации од Владимир Симоновски, Сандра Котевска, Филип Јовески, Перо Кованцалиев и Васко Ѓоргиев. Во 22 часот на сретсело концерт ќе одржат „Љубојна“.

„Ритам и плетка“ (R’n’T – rhythm and tangle) е концептот на втората фестивалска вечер која повеќе е насочена кон современиот аспект на манифестацијата. Понува на 18 мај во 18.30 часот со танцов перформанс и изложба на фотографии „Метаморфозис“, со артистите Ивана Коцева и Сашо Алушевски. Во 20.30 часпт концерт ќе одржи Дина Јашари, во 22 часот е настапот на Пијан Славеј, а во 23.20 ќе настапат Jummy Barka и Experience од Словенија.

Сподели