Претставување на творештвото на илустраторот Мурат Калкаван, средба со писатели, Саем на сликовници на „Литера“

Во рамките на фестивалот се одржува прв пат и Саем на сликовници и книги за деца, на кој учествуваат: „Арс Ламина“, „Чудна шума“, „Бата прес“ и „Артконект“. Саемот е отворен до 20 часот, а ќе трае и утре во текот на денот. 

Творештвото на турскиот илустратор Мурат Калкаван ќе биде промовирано денеска на пладне на третиот ден на 6. Меѓународниот литературен фестивал „Литера“ во Младинскиот културен центар. Калкаван, илустратор и уметник, роден е во Истанбул во 1983 година. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот Мармара, тој се занимава со илустрација за проекти за рекламни агенции, брендови и издавачи на детски книги. Работел како уметнички директор за многу независни проекти за игри и произведувал визуелни слики кои го изразуваат неговиот стил.

Калкаван го изразува својот свет нагласувајќи ги живописните бои и хумористичните елементи во неговите илустрации и го комбинира овој пристап со различни техники и уникатни карактери. Продолжува да работи од неговото студио во Скопје.
Калкаван во 18 часот ќе одржи и работилница за деца на возраст од 8 до 12 години со наслов „Моето замислено чудовиште“.

Во 12 часот ќе биде промовирана и сликовницата „Здраво, јас сум Досада“ на авторката Гаје Оздамар и илустраторката Шејда Унал од Турција. Сликовницата е во издание на „Арс Либи“.

Во 14 часот следува средба со македонски автори за деца, што ќе ја модерира Aлександра Тодоровиќ. Со своите читатели ќе се сретнат: Елизабета Баковска, Живко Грозданоски, Александра Симова и Денис Јанкуловски.

Во 17 часот следува работилница за деца „Летаме заедно“ – како се изработува сликовница, работа во тимови. Работилницата е наменета за деца од 9 до 13 години.
Во 17.30 часот следува промоцијата на книгата „Бунтот на бројките“
од Јована Матевска Атанасова, а гостинка ќе биде илустраторката Љупка Стојкова.

Во 18:30 часот следува работилница „10 минути пред спиење“ – Водич за родители како полесно да ги заспијат децата, што ја организира „Бата прес“, а во 19:30 часот – Цртаме тивка книга што ќе ја води Софија Семенпеева-Трајановска.

Вчерашниот ден на фестивалот беше исполнет со богата програма, наменета за најмалите деца, до забавна програма за возрасни. Ученици од ОУ „Кирил и Методиј“ учествуваа на работилница посветена на Скопје, што ја водеше Александра Тодоровиќ, а се запознаа и со писателката Зејнеп Севде, која е гостинка на фестивалот. На темата „Големи приказни од мали земји“ „Литера“ организираше трибина на која разговараа: Никола Маџиров, Гоце Наумов, Живко Грозданоски и Јулијана Величковска. Илустраторката и писателка Гизем Ѓозде Учар одржа импресивна работилница со студенти и илустратори.

Во рамките на фестивалот се одржува прв пат и Саем на сликовници и книги за деца, на кој учествуваат: „Арс Ламина“, „Чудна шума“, „Бата прес“ и „Артконект“. Саемот е отворен до 20 часот, а ќе трае и утре во текот на денот.

Фестивалот ќе биде затворен утре со доделување на наградите за најдобри изданија за деца.

Партнер на фестивалот е долгогодишниот пријател на Литера, Халкбанк АД Скопје, потоа за реализација на истиот помогнаа и Turkish Airlines и Рамсторе Македонија, Maarif International Schools, долгогодишните соработници Органик Нар и печатница Софија Богданци. Покровител на настанот е македонското Министерство за култура.

Сподели