Приказната за Ноевата арка од детството ми беше ѕвезда водилка во освојувањето на Арарат

Секој планински врв има свои убавини, но исто така и опасности. Освојувајќи врв некогаш ќе ве наидете и на неволја. За среќа со сите неволји во кој јас се најдов се справив успешно, затоа што потекнувам од спортскиот планинарски клуб „Лисец“ што ги обучува своите членови пред да направат некаков потфат – вели актерот Милорад Ангелов.

Многу често во размислувањата на планина се моите ликови што ги играм, ги носам со себе таму горе на височините. Таму имаш доволно време некако да се обидеш да влезеш во суштините на тие ликови и стануваш поинтимен со нив. Тогаш молкот во планината е толку гласен што секој лик кој во тој момент го работам, добива нова сила, добива суштина, добива кислород, добива живот – вели актерот Милорад Ангелов од Народниот театар од Штип. Во последните повеќе од две децении тој е стожер на репертоарот на матичниот театар. Отприлика исто толку трае и неговата љубов кон височините, кон планините. За неговата пасија и за освојувањето врвови, разговаравме во интервјуто за Умно.мк.

Колку време планините се ваша пасија и како се случи таа љубов?

– Моето прво качување на планина беше пред 23 години кога прв пат посеризоно бев дел од една планинарска акција што ја организираше мојот тогашен, а и сегашен клуб Друштво на планинарски спортови „Лисец“ – Штип на планината Плачковица.
И од тогаш до ден денес планината стана моја пасија и мој начин на живот.

Оваа спортска активност ја споделувате и со вашето семејство. Дали вие „ги заразивте“? И како реагираат децата на секој нов подвиг?

– Секако дека оваа моја пасија ја пренесов и на мојата фамилја на синот Леон кој има 9 години, ќерката Нела 14 години и мојата сопруга Вишна. За моја среќа планинарството стана наш фамилијарен стил на живеење. Едноставно и кога не сме на планина ги истражуваме планините дома, разговараме за нив и правиме планови за искачување и си поставуваме нови предизвици. Леон е еден од помладите спортски качувачи во спортскиот клуб Astibo Climbing со кој имаше солидни успеси. Најголема поддршка за секое мое качување ja имам токму од нив за кое сум и бескрајно благодарен.

Кој е вашиот најголем успех досега, искачувањето на кој врв?

– Мојот најголем успех секако е врвот Арарат, кој е воедно највискиот врв на Турција со надморска височина од 5137 метри. Потоа овде се и врвовите Арагац (4091 м) – највисок врв на Ерменија, Браитхоран на Швајцарските Алпи со 4167, Сас Ригас на Доломити во Италија 3025 м. и секако сите балкански највисоки врвови.

Ви се случило ли некогаш да се најдете во неволја за време на некое искачување?

– Секој врв има свои убавини, но исто така и опасности. Освојувајќи планински врв некогаш оди заедно со неволја. За среќа со сите ситуации во кои се најдов се справив успешно, затоа што јас потекнувам од спортскиот планиарски клуб ДПС „Лисец“ кој ги обучува добро своите членови пред да направат некаков потфат.
Едноставно клубот се грижи за секој свој член да биде што побезбеден, каде и да се најде во какви било услови. Секако дека тоа многу ми помогна и кога ќе се случи таква незгода успешно ја совладувам. Еве, на пример, кога го качував Арарат во еден момент пропаднав во голем снежен нанос што го покри голем дел од моето тело и неколку минути бев заглавен.

Но, бев обучен и имав содветна опрема со која се извадив од снегот и продолжив нагоре кон врвот. За качувањето на Арарат во моментот подготвувам и документарен филм се’ со цел да го споделам моето искуство за сите идни негови посетители.

Која Ви е неостварена желба во однос на освојување некој врв?

– Една од моите големи желби беше врвот Арарат и прекрасната приказна за Ноевата арка – моја омилена приказна од детството. Тој е библиски врв. И некако подоцна се поклопи со мојата страст кон планините и всушност тоа беше ѕвезда водилка кон негово освојување. Но, има и други врвови на кој би сакал да одам и за кој истражувам и размислувам. За годинава заедно со моите пријатели од клубот размислуваме за врвот врвот Ленин, кој се наоѓа на границата помеѓу Таџикистан и Киргистан со висина од 7.134 нмв, потоа покривот на Иран – Дамаванд, со 5.167 највискокиот вулкан во Азија, и ,Казбек 5.047 н.м.в кој се наоѓа на Кавказот на границата на грузискиот округ Казбеги и руската република Северна Осетија-Аланија. Се разбира во плановите се и нашите преубави планини низ целиот прекрасен Балкан.

Какво е чувството кога ќе се стигне до целта? Што е тоа во планината што ви прави да се чувствувате посебно?

– Мислам дека кога го искачуваш врвот се обидуваш некако да го искачиш сопствениот врв длабоко во себе. И кога во тоа ќе успееш чувството за себепронаѓањето е прекрасно. Кога си таму горе има неколку мигови во кој едностаавно како мало дете растеш во животот, стануваш друг човек. Пријателството со планината е како со најдобар пријател, на кој можеш да му се довериш, да поминеш убави моменти, да добиеш совет да бидеш тажен и среќен.
Да бидеш дел од едно толку убаво место како што се планините е привилегија, но и голема одговорност. Планините те прават да бидеш подбар човек, родител, пријател, творец, затоа што те враќаат во суштината во корените на нашето постоење.

Минатата година добивте награда од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија. За што станува збор?

– По повод светскиот ден на планините Федерацијата на планираски спортови на Македнија ми додели признание за успешно искачените врвови Арарат, Арагац и Браитхорн за које сум и бескрајно благодарен, признание кое ми значи многу и е мој потик да продлжам да си поставувам уште поголеми предизвици. Убаво е кога некој ќе го вреднува она што ти го правиш. И поскаувам многу успешна работа на федерацијата и сум сигурен дека во периодот што следи планинарска Македонија ќе си го најде своето место под сонцето како една од најубавите планински земји во Европа со 85,5 проценти планинска површина.

Колку планинарството ви помага и во вашата професија – актерството? Колку таа кондиција на издржување ја применувате и во спремањето одредена улога или играњето претстава?

– Големиот Вилијам Шекспир рекол дека природата е најголемата уметност. Многу често во размислувањата на планина се моите ликови што ги играм, ги носам со себе таму горе на височините, таму имаш доволно време да некако се обидеш да влезеш во суштините на тие ликови и стануваш поинтимен со нив. Тогаш молкот во планината е толку гласен што секој лик кој во тој момент го работам добива нова сила, добива суштина, добива кислород, добива живот. Мирот на планината и бескрајното време кое го имаш таму ти дава можност да откриваш тајни на секој лик и со секој изминат чекор таа врата кон неговата суштина се повеќе е отворена.
Колку и да звучи необјасниво, мислам дека планината и уметноста се во толку блиско сродство што кога уметникот пробува да ги спои добива навистина широк спектар на прекрасни хоризонти. Планината е вистинска лабораторија во која влегуваш и истражуваш за себе и за она што го работиш. Навистина сум пресреќен ќе се најдам во една таква комбинација од уметност и природа. За моја среќа се’ почесто го правам тоа.

Сподели