Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, по пожарот што утрово избувна во Универзална сала, изјави дека денешниот инцидент нема да влијае на процесот на градбата и дека Скопје ќе има нова Универзална сала.
– Ова е голем шок за скопјани, но и за сите македонски граѓани. Веднаш интервенирале пожарникарите и како што може да се види, пожарот е ставен под контрола – изјави Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека е најважно што нема жртви и нема повредени.
Таа, по информациите дека изгорел внатрешниот дел од салата, изрази очекување многу брзо да бидат достапни првични информации во врска со утврдување на причините за пожарот, обемот на штетата и евентуалната одговорност.
– Апелирам до институциите за брзо постапување, да се утврдат фактите колку што е можно поскоро – изјави министерката за култура, која потврди дека надворешната челична конструкција е противпожарно заштитена, а салата е осигурана.