„Одејќи по тенки линии“: Каде е границата помеѓу генијалноста и лудилото?

Мултимедијалниот настан ги истражува ваквите теми преку делата на реномирани македонски уметници, но и од ликовни дела креирани во Психијатриската болница во Демир Хисар

„Одејќи по тенки линии“ е насловот на мултимедијалниот перформанс кој вечерва во 20 часот ќе биде изведен во резиденцијата на Делегација на Европската Унија во скопската населба Водно. Мултимедијалниот настан ги истражува ваквите теми преку инсталацијата на Дијана Томиќ-Радевска; перформансот во режија на Јован Ристовски и актерите Наталија Ристеска, Ангела Стојановска и Кристијан Танчевски, изложбата на уметнички дела под кураторство на Јасмина Котевска, која се состои од ликовни дела креирани во Психијатриската болница во Демир Хисар и ликовни дела на уметниците: Марија Трајановска, Лусиана Ампева, Касиопеја Наумоска, Снежана Мелник, Никола Пијанманов, Тони Попов, Сашо Блажески, Трајче Чатмов и Горан Стојчетовиќ.

Според Светската здравствена организација, околу 25 отсто од светската популација страда од душевна болест во даден момент од својот живот. 350 милиони боледуваат од депресија. Има напредок во разбивањето на стереотипите и справувањето со стигмата поврзана со проблемите со душевното здравје, епак, оние што чекорат по „тенките линии на умот“ остануваат маргинализирани и дискриминирани, а душевните болести и понатаму се завиени во предрасуди.

Настанот ќе трае до 31 мај и ќе биде проследен со низа работилници во објектите на Europe House низ целата земја. За посета на изложбата задолжителна е регистрација на на линкот. 

– Активностите се осмислени да поттикнат национална дискусија за душевното здравје, да го изнесат проблемот надвор од сенката во светлината на нашиот секојдневен живот и да придонесат за похумано разбирање на аспектите од човековото искуство што можат да допрат до сите нас. Размислувањето дека постои тенка линија меѓу генијалноста и лудилото може да се проследи уште од Аристотел, кој вели дека не постои голем гениј без трошка лудило. Историјата изобилува со значајни личности во уметноста, како што се Ван Гог, Бетовен, Вирџинија Вулф, кои се соочувале со сериозни предизвици поврзани со проблемите на душевното здравје. Освен тоа, честопати веруваме дека нивното „лудило“ е она што ги разликува од плејадата други уметници и ги прави нивните дела ненадминати – велат организаторите.

Крег Врајт во својата книга „Скриените навики на генијот“ (2020) се обидува да даде одговори на многу прашања. Истражувајќи ги животите на приближно стотина генијалци, вклучувајќи политичари, научници, композитори, писатели, поети и уметници, забележал дека најмалку една третина од нив, како Микеланџело, Њутн, Бетовен, Линколн, Тесла, Ван Гог, Вулф, Хемингвеј, Дикенсон, Плат, Пикасо и други, редовно се прикажуваат како ментално растроени.

Според Врајт, осврнувајќи се на неколку неодамнешни студии, научниците имаат најниска преваленција на психопатологија (17,8 отсто поретко од општата популација), додека пак стапката на ментални нарушувања драстично се зголемува кај композиторите, политичарите и уметниците, со најголема застапеност кај поетите (80 отсто) и писателите (46 отсто.

– Се чини дека психичките предизвици служат како инспирација за креативно изразување. Па сепак, ако го земеме примерот со Ван Гог, дали неговата уметност е производ на неговите ментални проблеми? Теоријата на уметноста многу од карактеристиките на стилот на Ван Гог често ги објаснувала преку неговото ментално здравје. Но, Ван Гог ја препознавал линијата помеѓу разумот и лудоста и знаел кога е здрав, а кога не е, па напишал: „Како пациент, не си слободен да работиш како што треба, а не си ни способен да го правиш тоа“. Така, иако врската помеѓу делата на уметниците и нивните ментални состојби и заболувања може да личи очигледна, секогаш е потребно да бидеме претпазливи. Од една страна, митологизирањето на „лудиот“ уметник ги сведува уметничките дела само на производ на еден болен или вознемирен ум, а од друга страна пак, преплетувањето на креативноста, уметноста и генијалноста со различните ментални заболувања доведува до митологизирање и глорификација на страдањето, а тоа само по себе е одење по „тенки линии“ – пишуваат во текстот Ивана Трајаноска и Јасмина Котевска.

Настанот го организираат Europe House Скопје, Центарот за креативни индустрии – НЕБО и Делегација на ЕУ.

Сподели