Нашите глумци пеат подобро од многу пејачи што ги имаме – нема да измислам топла вода со оваа мисла. Тоа ни го покажаа и синоќа на манифестацијата што е празник за актерите. До лани актерите од поновите генерации можеа да гледаат по некоја снимка од златните години на оваа манифестација, кога актерите буквално живееле за 27 март и моментот да блеснат на сцената, влегувајќи во нова улога на пејачи, музичари, забавувајќи ја публиката.

Миланка Рашиќ и Горан Ников
По иницијатива на Маја Бабиќ и Ира Бабиќ (ќерки на основачот на „Глумците пеат“, актерот Марин Бабиќ), од лани манифестацијата е возобновена. Евровизија и како би изгледало кога таа би се организирала во Македонија во 2134 година беше темата на синоќешната манифестација во преполната Националната опера и балет. Низ темата не водеа Миланка Рашиќ и актерот Горан Ников. 27 песни во изведба на 40 актери, поткрепени цврсто од музичари од биг бендот, предводени од Љупчо Мирковски. Секој настап беше убаво осмислен и со кореографија под водство на Олга Панго. Режисер на настанот беше Дејан Пројковски.
„Евровизија“ е позната тема за нашата публика, особено што слушнавме песни со кои многу генерации растеле. Имаме актери со раскошен талент за на сцена, гласови што едноставно грмеа.

Најголеми овации предизвика Жарко Димоски со изведбата на „Гори ватра“ од Здравко Чолиќ. Тој освои и најмногу гласови од публиката. Тања Кочовска, како и секогаш успеа да ја засмее публиката до солзи. Заедно со Софија Насевска-Трифуновска, ја изведоа Bandido (Azucar Moreno, 1990) и беа одлични. Меѓу најуверливите во стајлингот и настапот беше Маја Андоновска-Илијевски, која ја донесе Тајчи на сцената и „Хајде да лудујемо“.

Маја Андоновска-Илијевски како Тајчи
Особено впечатлива беше Слаѓана Вујошевиќ ја изведе Every way that I Can од Сертаб Еренер. Посебен проблесок беше актерката Ања Митиќ и „Молитва“ (Марија Шерифовиќ). Секогаш добри – Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Катарина Илиевска-Силјановска, Калина Наумовска, Гордана Ендровска, кои редовно настапувале на оваа манифестација низ годините. Целосно автентична во изведбите беше и актерката од Драмски театар, Трајанка Илиева-Вељиќ, посебно во „Рок ми бејбе“.

Од помладите актерки, Нина Елсезер посебно се издвои во сите изведби, посебно во изведбата на Му Number One на Хелена Папаризу. Петар Стојанов, Бедиа Беговска, Адријан Азири, Рубенс Муратовски, Јована Спасиќ, Нина Деан, Исидор Јованоски, Роберт Ристов беа одлични. Ангела Димитрова имаше интересен сценски настап изведувајќи ја Satelite. Тина Трпкоска не’ потсети уште еднаш на евровизиската песна на Тоше Проески, Life, во прекрасна изведба. Весна Петрушевска настапи заедно со децата од нејзиното актерско студио.
Арна Шијак и овојпат пленеше со својот талент и како пејачка и како актерка, но и танчерка. Таа многу автентично ја изведе In Corpore Sano.
Најпејачот меѓу актерите Бојан Стојков со право ја имаше една од најдобрите изведби на Hold me Now. „Сто посто те љубам“ исто така беше дел од вечерта, во изведба на Нина Деан, Ангела Димитрова, Слаѓана Вујовиќ и Наталија Теодосиева.
Преубав дует изведоа Жаклина Стевковска и Петар Горко, како и Марина Поп Панкова и Горан Трифуновски. Публиката на крај ја насмеа и Бајрам Северџан и заедно со Љупчо Мирковски и Горан Ников ја изведоа Unite Unite Europe, а во духот ромската музика, се заигра и чочек.

Ања Митиќ
„Глумците пеат“ синоќа ќе беше уште поефективна, доколку се скратеше водителскиот дел. Премногу појавувања и долги муабетења влијаеа на целиот впечаток и непотребно ја пролонгираа манифестацијата. Точно е дека Евровизија по својата природа трае долго, но не со толку фокус директно на водителите.

И уште една сугестија, што можеби оваа манифестација во иднина ќе ја направи и подобра – да се рашири кругот на учесници, односно на сцена да ги видиме и актерите од другите театри од земјава. Ги имаме и таму многу талентирани, особено што публиката во Скопје генерално и да не ги познава.
Фото: Огнен Ацевски






