Во Ликовниот салон во Велес утре во 11 часот ќе се одржи промоција на публикацијата „Синергија во времето“ од визуелниот и мултимедијален уметник, м-р Страхил Петровски. Делото ќе го промовираат Златко Теодосиевски, историчар на уметноста, проф. Лазе Трипков, визуелен уметник и м-р Дарко Николовски, историчар на уметноста.
Според Теодосиевски, „читањето“ на ова патување на Петровски низ времето е/треба да биде лично. Хероите и уметниците тоа го заслужуваат.
– Секој ќе си побара, и ќе најде, своја „приказна“ во ангажманот на Страхил да му вдахне (нова?) душа на ремек делото на тројцата спомнати автори на Спомен-костурницата. Но, мислам дека потенцијалните лични толкувања ќе морат да се повлечат пред прашањето: зошто баш денес, и зошто баш овде се случува ова дело на Страхил Петровски?! И мојата дребност нема понатаму да завлегува во тој дел на идејата на уметникот, иако таа можеби е најважниот сегмент. Многу современи критичари велат дека интерпретацијата на уметничкото дело е непотребна, тоа или се доживува, или – не. Немам дилеми дека оваа денешна македонска публика ќе умее соодветно да го доживее ова дело на Страхил и без моите сугестии/интерпретации – вели Теодосиевски.
Петровски (1974, Куманово) е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на Факултетот за ликовни уметности, во класата на проф. Родољуб Анастасов. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники, кај професорите Момчило Петровски и Вело Ташовски на ФЛУ, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во Националниот конзерваторски центар во Скопје како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научноистражувачки проект „Брестал“, под менторство на проф. Петровски на ФЛУ.
Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.
Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор-реставратор во Националниот конзерваторски центар и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет во Скопје. Ова е негова 22 самостојна изложба, а учествувал на многу групни претставувања во земјава и во странство. Добитник е на многу награди. Публикацијата е поддржана од Министерството за култура и Музејот од Велес.





