Промоција на „Грамадата на пристаништето“ од словенечкиот писател Борис Пахор

Збирката раскази „Грамадата на пристаништето“ од словенечкиот писател Борис Пахор, издание на „Арс Ламина“ ќе биде промовирана вечерва во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ во трговскиот центар „Дајмонд мол“ во Скопје. Промотор на делото е Дарка Звонар Предан, публицистка и новинарка од областа на културата во мариборскиот весник „Вечер“, која ревносно го истражува творештвото на Пахор, преведувачот од словенечки јазик, Дарко Спасов и уредничката Бисера Бендевска, во улога на модератор на разговорот.

Збирката „Грамадата на пристаништето“ првпат е објавена во 1972 година во Љубљана и главно била наменета за средношколци и студенти, со многубројни белешки што би им користеле на помладите читатели.

Во збирката се застапени шест раскази: „Грамадата на пристаништето“, „Пеперуга на закачалката“, „Бродолом“, „Цвеќе за лепрозниот“, „Ориент експрес“ и „Непоимливото прашање“. Секој од шесте раскази обработува вистински настани од животот на приморските Словенци по доаѓањето на власт на италијанските фашисти, а кои ги доживеал и самиот Пахор како дете и тинејџер. Низ очите на ликовите го сведочиме палењето на Народниот дом, симболот на градот Трст, асимилацијата на Словенците од страна на црнокошулците, убиството на славниот композитор Лојзе Братуж и бруталните механизми за принуда од страна на фашистите.

Борис Пахор (1913 – 2022) е еден од најважните и најпреведуваните словенечки писатели. Неговите дела се преведени на македонски, француски, германски, српски, хрватски, унгарски, англиски, шпански, италијански, каталонски, фински и есперанто. Најпознат е по автобиографскиот роман „Некропола“, за животот во концентрациониот логор Нацвајлер-Штрутхоф. Себеси се декларира како антифашист и сведок на фашистичкото насилство против Словенците во Италија и на страдањето во конц-логорите во Германија за време на Втората светска војна. Пахор е жесток поборник за националноста како примарен општествен идентитет.

Сподели